Малокорапска Стена

Од Википедија — слободната енциклопедија
Малокорапска Стена

Висина &100000000000027250000002.725 м
Место Македонија Македонија/ Албанија
ВенецКораб
Прво освојувањенепознато

Малокорапска Стена (познат и како Мала Корапска Врата) — врв во средишниот дел на главниот срт на протегање на планината Кораб во Македонија. Неговата височина изнесува 2.725 метри.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Се наоѓа во средишниот дел на планината Кораб на главниот срт на протегање, во најнепосредната близина, веднаш наспроти врвот Мал Кораб. На самиот тесен и карпест срт на врвот се протега и линијата на границата меѓу Македонија и Албанија. Според местоположбата врвот Малокорапска Стена се наоѓа на координатите 41°46'28" северна географска широчина и 20°32'03" источна географска должина[1]. Поточно, врвот Малокорапска Стена е сместен непосредно на север над долината на Длабока Река и познатиот Корапски водопад, при што непосредно на југ (во правец на долината) преку седло со камењар-сипар тој е веднаш директно поврзан со понискиот врв Мал Кораб (2683 м.), додека на североисток е поврзан со превојот Мала Корапска Врата (2478 м.), а кон запад со стрмен процеп со сипари се спушта кон висорамнина на албанска територија. Се одликува со величествен изглед, поради стрмниот и совршено вертикален карпест, стеновит блок кој ја сочинува неговата источна страна, додека на јужната падина има остар процеп кој го оделува од Мал Кораб и сипарот од камења, а на северната падина каде неговата северна и североисточна падина стрмно се спуштаат до преслапот Мала Корапска Врата, поради што е забележителен и видлив и од многу големи далечини[1]. Искачувањето на врвот Малокорапска Стена е многу тешко и опасно поради многу тешкопристапниот стрмен терен со големи процепи, карпи и ронливи сипари со раздробени камења на трите страни, при што искачувањето е единствено можно од североисточната страна од кај превојот Мала Корапска Врата[1]. Поради тежината и опасноста овој врв е исклучително многу ретко искачуван од планинарите.

Име[уреди | уреди извор]

На речиси сите географски карти врвот воопшто не е обележан и именуван. Поради непосредната близина до превојот Мала Корапска Врата, голем број на планинари, алпинисти и посетители врвот го именуваат и тој е познат исто така како Мала Корапска Врата. Сепак, бидејќи самиот врв претставува огромна стена[2] (карпа, ѕид) во непосредната близина на врвот Мал Кораб, најсоодветно именување на овој врв би било „Малокорапска Стена“. Поради забележителниот изглед кој го има Малокорапска Стена со својот изразито карпест и стеновит изглед заедно со непосредно блискиот карпест врв Мал Кораб, нивниот заеднички гребен има налик на кораб, односно брод кој плови, поради што тој е така нарекуван од месните жители и овчари и воедно така именувана и е добиено името на целата планина[3].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Шаревски, Марио (2020). „Општ географски преглед на планината Кораб и нејзините (не)истражени врвови, езера и предели“. Записи за Кораб: 33–35. ISBN 978-608-66336-1-5. Архивирано од изворникот на 2020-08-11. Посетено на 2020-08-24.
  2. „Стена“. ДИГИТАЛЕН РЕЧНИК НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК. Посетено на 24 септември 2019.
  3. Според кажување на овчар од Албанија. Забележале Марио Шаревски, Зоран Тодоровски, Крумислав Јововски, Васко Кически на 27.07.2019