Теодор Фонтане

Од Википедија — слободната енциклопедија
Теодор Фонтане
Роден/а30 декември 1819(1819-12-30)
Нојрупин, Бранденбург, Прусија
Починат/а20 септември 1898(1898-09-20) (возр. 78)
Берлин, Германија
ЗанимањеПисател
НационалностГерманец
Период19 век
ЖанрРоман
Значајни делаЕфи Брист

Теодор Фонтане (германски: Theodor Fontane; 30 декември 181920 септември 1898) бил германски романописец и поет, најважен реалистичен писател во 19 век кој пишувал на германски јазик.

Животопис[уреди | уреди извор]

Теодор Фонтане е роден на 30 декември 1819 година во Нојрупин, во покраината Бранденбург, како син на аптекар со потекло од француските хугеноти. Во периодот 1836-1849, работел како аптекар во повеќе места низ Германија, а најпосле се доселил во Берлин. Во 1860-1870 бил уредник на „Новите пруски новини“, а до 1890 година бил театарски критичар во „Фосовите новини“. Умрел во Берлин, на 20 септември 1898 година.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

По доселувањето во Берлин, Фонтане станал член на книжевното друштво „Тунел под Шпре“. Првите песни ги објавил во 1851 година, а поетското признание го стекнал со збирката „Балади“ од 1861 година во кои го опејува херојството. Како новинар, во два наврати престојувал во Англија, создавајќи ги патописите „Едно лето во Англија“ (1854) и „Од онаа страна на Твид“ (1860). Исто така, пишуваји за патувањата по родниот крај, остварил голем успех со „Патувањата по Бранденбуршката покраина“ (1862-1882). Во патописите, Фонтане се покажал како одличен набљудувач „со реално јасен и човечки топол поглед“, со умешност да ги доживее пределите и луѓето и во патеписите складно да ги воведе историските личности и настани кои ги прикажува истовремено реалистично и поетски. Фонтане започнал да пишува романи прилично доцна, откако навлегол во седмата деценија од животот и во тој поглед, тој е вистински книжевен феномен. На возраст од 60 години, во едно писмо до неговиот издавач, Фонтане напишал: „Јас допрва почнувам. Ништо не лежи зад мене, сѐ е пред мене...“ Во 1878 година го објавил историскиот роман во стилот на Волтер Скот, „Пред бурата“, а неговото второ дело од овој жанр е малиот роман „Шахот од Вутено“ (1883). Низата од општествени романи ја започнал со „Адултера“ (1882), а ја продолжил со „Сесил“ (1887), „Скитања и забуни“ (1888), „Стина“ (1890), „Госпоѓицата Јени Трејбел“ (1892), „Ефи Брист“ (1895) и „Штехлин“ (1898). Исто така, тој објавил и две автобиографски дела: „Годините на моето детство“ (1894) и „Од дваесеттата до триесеттата“ (1898).[2]

Фонтане е еден од првите германски писатели кој ја отфрлил провинциската ориентација. Тој е најважен претставник на реализмот и творец на општествениот роман во германската книжевност. Поврзувајќи ги високата уметност на раскажувањето со критичкото чувство за времето и просторот, тој е автор на неколку дела што заземаат важно место во светската книжевност. Основната тема во неговите романи е германското општество во втората половина на 19 век, опишувајќи ги сите општествени слоеви: буржоазијата, благородништвото, офицерите и занаетчиите, со исклучок на работниците. Него го привлекувале општествените проблеми на неговото време, првенствено судирот меѓу благородништвото и новата граѓанска класа. Притоа, тој покажува одредена симпатија кон благородништвото, но не му ласка, а неговата критика се изразува низ осудата на конвенционалната лага и кодексот на честа кој е во спротивност на човечноста. Иако имал конзервативни ставови, Фонтане секогаш покажува разбирање за човекот и за животот кој не им робува на цврстите принципи. Кај него е присутна носталгија кон минатото, но секогаш е отворен за новото. Така, во својот последен роман, „Штехлин“, тој пишува: „Јас го почитувам она што постои. Но покрај тоа, секако, и она што настанува, зашто токму она што настанува наскоро ќе биде она што постои. Сѐ што е старо треба, ако е оправдано, да го сакаме, но всушност треба да живееме за новото. А пред сѐ, никогаш не смееме да ја заборавиме големата поврзаност на нештата.“[3]

При пишувањето, Фонтане не се истакнува себеси, туку настојува да биде објективен, оставајќи нештата да зборуваат за себе. Во неговото дело се забележуваат работата, истрајноста и критичкиот дух; тој пишувал полека и совесно, со денови барајќи го вистинскиот збор и сметал дека во пишувањето е пресудна упорноста, зашто моментите на „големата инспирација“ се ретки. Во тој поглед, тој истакнува: „Целото мое творештво е психографија и критика., создавање во темница, дотерување на светлина.“ Критиката ја изедначува со спознанието и во тој поглед се слага со Гете, држејќи се повеќе до својот разум, отколку до фантазијата. Навистина, повремено, и кај него се присутни романтичарските сфаќања, но дури и тогаш, останува рационален и настојува да биде современ и со модерен вкус. Тој раскажува убаво и забавно и никогаш не е здодевен во раскажувањето. Своите теми не ги измислувал, туку ги пронаоѓал во вистинските настани или анегдотите, а потоа, врз реалната основа ја градел својата приказна. Фонтане е уметник на нијансите и деталите при што не кажува сѐ, туку само го навестува она што треба да се каже, т.е. тој употребува послаби изрази за посилно да го истакне она за кое пишува. За него, „она што е големо, зборува самото за себе“ и тој ја сака анегдотата, сметајќи дека таа кажува повеќе од трактатот. Како и повеќето големи реалисти, и за него е својствен хуморот, а исто така, тој бега од фразата и од патосот. Неговите дела се смеса од иронија и меланхолија, но сепак, Фонтане не трага по мрачните страни на животот, иако ги познава злото и трагиката на животот; впрочем, само еден негов роман има среќен крај.[4]

Романите на Фонтане се одликуваат со чиста конверзација и тој умее вешто да го води дијалогот. Кај него, разговорот тече како во добро драмско дело, а ликовите зборуваат природно и лесно. Всушност, карактерот на неговите книжевни ликови најмногу се открива од нивниот говор. Во неговите последни романи, дијалогот добива хипертрофични форми и раскажувањето со претвора во „артистичка игра на тонот и духот“, а она што стои меѓу разговорот делува како забелешките за дејствието во драмските дела. Таквата конверзација се води на штета на дејствието, но ниту тогаш не е лишена од привлечност и подлабоко значење. Често, постојат сличности во начинот на којшто се изразуваат неговите ликови, но сепак, Фонтане умее да ги диференцира. Најпосле, во неговите дијалози е присутен и философскиот тон, т.е. неговите романи обилуваат со поенти и рефлексии кои спонатно извираат од ситуацијата така што делуваат природно.[5]

Стилот на Фонтане е јасен и може да се опише како импресионистичка проза која со неколку карактеристични црти ги обликува ликовите и ги прикажува ситуациите. Тој настојува стилот да го изведе од самата стварност. Така, на поправките направени од еден издавач, Фонтане реагирал со следниве зборови: „... јас си вообразувам дека сум стилист, не еден од оние... кои за сѐ имаат еден тон и еден облик, туку вистински стилист. А тоа значи, писател... кој, секогаш варирајќи, својот стил го изведува од предметите што ги опишува.“ Меѓутоа, оваа теорија не е секогаш доследно применета во неговите дела: иако настојува нештата да ги прикаже објективно, тој го прави тоа на посебен начин, така што неговиот стил останува сличен и во тонот и во структурата. Прецизноста и економичноста во изразот, извонредната способност за јазично сенчење и елегантната подвижноста на фразата се основните одлики на неговиот стил кој понекогаш преминува во манизирам.[6]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викиизвор
Викиизвор
Викиизворот на германски има изворна содржина поврзана со оваа статија:
  • Дела од Теодор Фонтане на Интернет Архив (англиски; германски)
  • Дела од Теодор Фонтане на проектот „Гутенберг“ (англиски и германски)
  • Wikisource Chisholm, Hugh, уред. (1911). „Фонтане, Теодор“ . Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 215.
  2. Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 215-216.
  3. Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 215-217.
  4. Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 217-218.
  5. Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 218.
  6. Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 218-219.