Тамбурица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Тамбурица (play /tæmˈbʊərɪtsə/ или /ˌtæmbəˈrɪtsə/) (хрватски: Tamburica, српски: Тамбурица, Tamburica, со значење мала тамбура, унгарски: Tambura, грчки: Ταμπουράς) е традиционален јужнословенски инструмент. Тамбурата е жичен инструмент, сличен на мандолината, чија појава е поврзана со турските освојувања на Балканот. Иако донесена од Турците, тамбурата е всушност стар месопотамски инструмент. Најстарите пишани документи за тамбурите на Балканот потекнуваат од 1551 година од подрачјата на Србија и Босна. Тамбурата е особено специфична за муслиманските словенски заедници во Босна и Херцеговина, на Косово и во Македонија, но со миграциите на населението таа станала најважен инструмент во музиката во Славонија и Војводина - подрачја каде и ден денешен цвета тамбурашката култура.

Градба[уреди]

Тамбура

Тамбурата е составена од три дела: труп, врат и глава. Традиционално најчесто се изработувала од јаворово, липово, јабланово или крушково дрво, и тоа од единствено парче, што денес е сѐ поретко. Наместо тоа денес се практикува составување на деловите, претежно направени од меко дрво (чам или смрека). Големината варира според многу параметри, особено според намената; постојат мали тамбури (некои долги само 37 cm), тамбури со стандардна големина (од 70 до 90 cm) и големи, оркестарски, тамбури (до 150 cm). Бројот на жици може да биде 4, 5 или 6, распоредени посебно или во парови.

Тамбурашка култура[уреди]

Култот кон тамбурите и тамбурашката музика е особено развиен во Војводина и Славонија. Тамбурашката музика и тамбурашките песни се дел од фолклорот и секојдневниот живот на Војводинците и Славонците, а често пати се неразделно поврзани со боемски живот, или, како што е попознато во овие краишта: беќарски живот. Тамбурашката музика е разновидна: од брза и весела, па сѐ до тажна и развлечена. Најчеста тематика на тамбурашките песни се: Дунав, Панонската низина и љубовта. Најпознат водач на тамбурашки оркестар воопшто бил Јаника Балаж (1925-1988), додека најпознат и ненадминат изведувач на тамбурашки песни - Звонко Богдан.