Прејди на содржината

Сет (бог)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Сет (митологија))

Сет или Тифондревноегипетски бог на пустината, бурите и хаосот. Припаѓал на Енеадата од Хелиополис и бил син на Геб и Нут; брат на Озирис, Нефтида и Изида. Најчесто се појавува како сопруг на сестра му Нефтида, а понекогаш е сопруг на Таурт.

Бог на војната, пустините, бурите и туѓите земји. Како бог на пустините бил заштитник на караваните, но бидејќи предизвикувал песочни бури ја загрозувал плодноста на Озирис.

Посветени животни на Сет се: куче, чакал, магаре, газела, крокодил, нилски коњ, прасе.

Сет

Човек со глава на непознато животно. Понекогаш презема форма на крокодил. Тој е претставен како нилски коњ или црно прасе во неговите битки со Хор. Имал бледа кожа и црвена коса и очи и главно е прикажан како бог на злото, сушата, уништувањето, бурите и громовите. При раѓањето тој ја раскинал утробата на својата мајка, бидејќи бил нестрплив да се роди. Секој месец Сет ја напаѓа и изедува месечината, која е светилиште на Озирис и збирно место на душите од оние кои биле штотуку умрени.

Во египетската историја, за Сет се говори со почит како да е бог на ветрот и бурите. Тој бил господар на Горниот Египет, додека Хор е на Долниот Египет. Сет е всушност, богот кој стои напред на сончевата лаѓа за да го одбрани сончевиот бог Ра од неговиот најопасен непријател, змијата Апоп. Во тие периоди изгледа дека не постоеле конфликти со култовите на Изида и Озирис, зашто е дел од истата фамилија на богови. Очигледно е дека следбениците на Сет се спротивставиле на следбениците од Хор и на фараонот Менес од Првата Династија, кога тој го обединил Горниот и Долниот Египет. Оваа борба за контрола изгледа дека се рефлектирала во митологијата. Во тој период Сет е прикажан како бог кој го оспорува авторитетот на својот брат Озирис; затоа оттогаш е сметан како злобниот брат на Озирис.

Во легендите за Озирис, Сет е оној што го измамува и убива брата си Озирис. Тој исто така, е непријател на Хор. Во боевите со Хор, кои траеле 80 години, тој му го извадил левото око на Хор, додека Хор му отсекол нога и тестисите. На крајот Хор се покажал како победник и станал законски владетел на обединетиот Египет; Сет пак бил обврзан да му го врати окото на Хор и бил кастриран или убиен. Според друга верзија заминал да живее со богот Ра и го претставувал гласот на громовите. Во „Книгата на Мртвите“ е наречен како „Господар на Северното Небо“ и е одговорен за бурите и облачното време. До 26-тата Династија, Сет е олицетворение на злото и прикажуван е со црвени очи и коса. Древните Египќани сметале дека црвената боја е одлика на злото.

Во пораните периоди го сметале за брат на „Хор Стариот“, грчкиот Ароуерис, па Сет претставувал ноќ, додека Хор претставувал ден. Секој од овие богови им учинувале на умрените многу услуги. Но во подоцнежните периоди, мислењето на Египќаните во однос на Сет се сменило по владеењето на кралевите под име „Сети“, т.е. оние чие име во основа потекнувало од Сет, па тој станал персонификација на сето зло и насилство, и сето она што во природата е грозно и ужасно, како пустињата во својот најосамен облик; бура, олуја итн. Сет како моќ на природата, секогаш водел војна со Хор Стариот, т.е. ноќта водела борба со денот за превласт. Првата победа на Хор над Сет ја симболизира победата на денот над ноќта, додека во втората битка победата на Хор ја симболизирала победата на животот над смртта, и доброто над злото. На крај Сет бил избркан од царството и протеран во пустина, од каде што сакал повторно да се врати и да го уништи Египет. Сетов симбол бил животно со глава со налик на камила; киповите на овој бог се ретки, бидејќи повеќемината биле уништени од Египќаните кога го промениле мислењето за него.

  • Египетска религија - египетската идеја за задгробниот живот - Е.А. Волис Баџ