Приказна за тоа како се скара Иван Иванович со Иван Никифоревич

Од Википедија — слободната енциклопедија
Грибков-Кавга

Приказна за тоа како се скара Иван Иванович со Иван Никифорович - расказ на рускиот писател Николај Гогољ од вториот дел на збирката „Миргород“, објавена во 1835 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Соседите Иван Иванович и Иван Никифоревич живеат во најголема слога и пријателство. Но, еден ден, меѓу работите што ги средувала слугинката на Иван Никифорович забележува ловечка пушка. Иван Никифорович не сака да му ја поклони пушката на Иван Иванович и поради неа започнува кавга која подоцна води кон долготраен судски спор меѓу нив. Исто како што е банален поводот за кавгата, така е ситен и животот на двајцата соседи. Иван Иванович многу ги сака дињите кои се неговото омилено јадење. Штом ќе руча, тој наредува да му се донесат две дињи, а семките ги собира во посебна хартија и на неа пишува „Оваа диња е изедена на таа и таа дата“, а ако со него бил и некој гостин, тој забележува и „учествувал тој и тој“. Ниту Иван никифорович не заостанува во поглед на ситните навики. Тој сака многу да се капе, а штом ќе нурне во водата, наредува да му стават маса и самовар во водата и ужива пиејќи чај.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Иако овој расказ Гогољ го води во добродушно-хумористичен тон, тој постепено се менува и преминува во суров сарказам. Така, авторот го опишува Иван Иванович како толку добар човек, што задолжително мора да поразговара со питачите кои се собираат околу црквата. Притоа, една бедна жена ја распрашува која е, од каде е и зошто дошла во Миргород, а откако таа му кажува дека три дена не каснала леб, тој едноставно си заминува со едно: „Е, ајде збогум!“. Но, и покрај тоа, Гогољ не ги презира јунаците на овој расказ, кои не се виновни што се такви, затоа што општественото уредување ги направило такви. Во расказот за Иван Иванович и Иван Никифоревич психологијата и карактерот на двајцата главни јунаци Гогољ ги слика со генијално пронајдени реалистични детаљи. Како што забележува големиот руски критичар Белински, она што воодушевува во „Приказната за тоа како се скара Иван Иванович со Иван Никифоревич“ е тоа што авторот прави до солзи да се смееме на глупостите на двете живи карикатури, но на крајот нè наведува од длабочината на душата да се сожалиме на тие идиоти. Според него, токму тоа во тоа се состојат божествената уметност на творењето и уметничкиот талент кому поезијата е таму каде што е животот.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXIV-XXV.
  2. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXV-XXVI.