Иван Фјодорович Шпонка и неговата тетка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Иван Фјодорович Шпонка и неговата тетка — расказ на рускиот писател Николај Гогољ од збирката „Вечери во селцето крај Диканка“.

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Иван Фјодорович Шпонка и неговата тетка“ е претпоследниот расказ во збирката, кој многу се разликува од другите раскази застапени во неа, затоа што во неа е силно изразено она што во другите раскази само се насетува како тенденција. Во него, Гогољ го направил одлушувачкиот исчекор кон кон реализмот. За разлика од другите раскази, овде се прикажани благородниците а не селаните и затоа реалистичниот и критички момент е особено нагласен. Навистина, Гогољ не зборува за спротивностите меѓу кметовите и спахиите, но јасно ги прикажува повластената положба и паразитизмот на главниот јунак во расказот. Притоа, со извонреден хумор, Гогољ ги слика сиромашните чувства, ограничените видици и бедниот интелектуален живот на Иван Шпонка и на другите ликови (неговата тетка Василиса Кашпоровна и спахијата Григориј Сторченко). Притоа, за разлика од неспособниот и пасивниот Шпонка, тетка му Василиса е енергична и постојано прави некои комбинации со својот внук од сестра, додека Сторченко го приграбува туѓиот имот кој треба да му припадне на Шпонка, а тоа се обидува да го затскрие со привидната великодушност и со големото гостопримство.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXIII.