Политика на Боливија

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Седиштето на Конгресот во Плаза Мурилјо во Ла Паз.
Претседателот Ево Моралес.

Боливија била владеена со демократски избрани влади уште од 1982 година, кога се прекинале долгите државни удари. Предавањето на власта по мирен и демократски начин било започнато од Ернан Силес Зуазо и Виктор Паз Естенсоро. Повеќепартискиот демократски систем на државата бил испреплетен од различен број политички партии во минатото, но сепак доминирале Револуционерното националистичко движење, Национална демократска акција и Револуционерно лево движење од 1985 до 2005 година. Моментален претседател на Боливија е Ево Моралес, кој е прв староседелски претседател на државата и тој е на чело на моментално владеачкото Движење за социјализам - политички инструмент за независност на народот. Оваа политичка партија била победничка на изборите во 2005 и 2009 година.

Сегашниот устав на Боливија бил усвоен во 2009 година и овозможува балансирање на извршната, законодавната, судската власт и изборната комија, како и одреден број автономии. Традиционално силната извршна власт тежнее да го надвладее Националниот конгрес, чија улога е ограничена на дебатирање и усвојување законски регулативи зададени од извршната власт. Судската власт се состои од Врховен суд и департманските и пониски судови. Судовите во Боливија се соочуваат со корупција и неефикасност. Уставот од 1994 година се обидел да изврши реформи во судската власт, а воедно и да ги децентрализира департманите, општините и староседелските територии.

Главен град[уреди]

Според уставот на државата, главен град на Боливија е Сукре. Ла Паз е седиште на владата и поради тоа често се смета за „де факто“ главен град. Името на Сукре пред независноста било „Ла Плата“ и бил прогласен како транзициски главен град на новата независна држава Горно Перу (денес Боливија) на 1 јули 1826 година.[1] На 12 јули 1839 година, претседателот Хозе Мигел де Веласко донел закон со кој градот се прогласил за главен град на државата и го сменил името во чест на револуционерот Антонио Хозе де Сукре.[1] На почетокот на 20 век, боливиската влада била префрлена од Сукре во Ла Паз, поради изолираноста на Сукре од економската активност на државата по падот на индустријата за сребро во Потоси.

Уставот од 2009 година го именува Сукре како главен град на Боливија и Ла Паз не се споменува во текстот.[2] Сепак, претседателската палата се наоѓа во Ла Паз, како и Националниот конгрес на Боливија.

Извршна власт[уреди]

Извршната власт на Боливија е во рацете на претседателот, потпретседателот и министерствата, кои моментално (2012) се 20 на број. Претседателот на државата се избира на избори за мандат од пет години и негово седиште е претседателската палата, која неформално се нарекува „изгорена палата“ (Palacio Quemado).

Законодавна власт[уреди]

Повеќенационалното законодавно собрание, или „национален конгрес“, е дводомен парламент. Претставничкиот дом (Cámara de Diputados) има 130 членови кои се избираат за мандат од пет години. Сенатот, или Сенаторски дом, (Cámara de Senadores) има 36 членови. Секој департман има по четири сенатори и се избираат за мандат од пет години. Собранието се наоѓа во Ла Паз на Плаза Мурилјо. Потпретседателот на државата функционира како шеф на дводомниот парламент.

Судска власт[уреди]

Судската власт на Боливија е составена од Врховниот суд, Уставниот суд, Судскиот совет, Земјоделскиот и еколошки суд, окружни и пониски судови.

  • Повеќенационалниот уставен суд (шпански: Tribunal Constitucional Plurinacional) има надлежност да ја проверува уставноста на владата и судовите;
  • Врховен суд за правда (шпански: Tribunal Supremo de Justicia);
  • Земјоделскиот и еколошки суд (шпански: Tribunal Agroambiental) има надлежност да се занимава со прашања поврзани со земјоделството и околината;
  • Судски совет (шпански: Consejo de la Magistratura) има надлежност да ги набљудува судовите и судиите во државата;
  • Окружен суд - има по еден суд во секој департман;
  • Покраински и локални судови.

Изборна комисија[уреди]

Изборната комисија е независно владино тело која го заменила Националниот изборен суд на Боливија во 2010 година. Комисијата се состои од врховен изборен суд, девет департмански изборни судови, изборни судии, анонимно избрана порота и изборни нотари.[3] Претседател (2012) на врховниот изборен суд е Вилфредо Овандо. Првите избори на комисијата биле во октомври 2011.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 "Sucre.", Sociedad Geográfica (1903). „Diccionario geográfico del Departamento de Chuquisaca: contiene datos geográficos, históricos y estadisticos“. Impr. "Bolívar" de M. Pizarro. стр. 296–97. 
  2. "I. Sucre is the Capital of Bolivia." Political Constitution of the State, First Part, Title I, Chapter One: Model of State, Nueva Constitución Política del Estado, p. 4.
  3. Posesionan a cuatro Vocales del Tribunal Supremo Electoral“, „La Jornada“, 16 август 2010 (конс. 28 април 2011).

Поврзано[уреди]

Портал „Боливија