Ево Моралес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ево Моралес
Претседател на: Боливија
Стапил на должност: 22 јануари 2006 до 10 ноември 2019
Претходник: Едуардо Родригес Велтзе
Наследник: Џанин Ањес
Роден на: 26 октомври 1959
Роден во: Оринока, Оруро
Професија: Политичар, Синдикалец
Политичка партија: Движење кон социјализам Movimiento al Socialismo (MAS)

Ево Моралес (роден на 26 октомври 1959) — лево-ориентиран боливиски политичар, поранешен претседател на Боливија, од 2006 до 2019 година. Тој е првиот американски староседелец на чело на Боливија по освојувањето на земјата од шпанските освојувачи пред цели 450 години.

Моралес е роден во рударскиот град Оринока. На почетокот од 1980-тите неговото семејство се преселува во Чапаре, во источниот дел од Боливија, каде што се занимава со земјоделство, вклучително и со одгледување на кока.

Во 1997 година е избран во Боливискиот парламент како претставник на провинцијата Чапаре, со освоени цели 70% од гласовите во неговата изборна единица. Неговиот углед како водач на боливиските одгледувачи на кока, на „кокалеросите“ постојано расте и на претседателските избори во 2002 година го доведе доста блиску до победа на изборите. На овие избори, на големо изненадување на традиционалните боливиски партии, Моралес го освои второто место, што беше прославено ширум Латинска Америка од страна на домородното население како голем успех. За неговиот успех на овие избори придонесоа и негативните коментари на американскиот амбасадор во Боливија, кој ги повика боливиските граѓани да не гласаат за Моралес, повик кој имаше јасен контраефект.

Кога поради постојаното незадоволство од новата власт, изборите што беа планирани за 2007 година, беа закажани за декември 2005 година, Моралес се профилира за главен фаворит на изборите и победи со мнозинство од 54% од гласовите. На изборите голем успех постигна и неговата партија, Движењето кон социјализам, која освои 72 од вкупно 130 мандати во Долниот дом.

По доаѓањето на власт Моралес почна да спроведува повеќе социјални мерки. Ужива голема поддршка од повеќе левичарски водачи на латиноамерикански земји како Фидел Кастро, Рафаел Кореја, Даниел Ортега, Луиш Игнасио Лула да Силва, Нестор Кирхнер и особено од венецуелскиот претседател Уго Чавес, со кого Моралес потпиша голем број договори за соработка.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]