Паул Ленч

Од Википедија — слободната енциклопедија

Паул Ленч (германски: Paul Lensch; 1873-1926) - германски новинар и економист.

Животопис[уреди | уреди извор]

Пред Првата светска војна, Ленч бил член на марксистичкото крило на германската социјалдемократска партија во Рајхстагот, но за време на војната станал близок до десничарската идеологија и поради неговата критика на партијата бил исклучен од нејзините редови во 1922 година.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Во 1915 година, Ленч ги објавил книгите „Германската социјалдемократија за време на Светската војна: политичка студија“ (Die deutsche Sozialdemokratie under der Weltkrieg: eine politische Studie) и „Англиското светско царство“ (Das englische Weltreich) во кои Првата светска војна ја нарекол „бегство на англиската буржоазија пред налетот на социјализмот“, објаснувајќи ги разликите меѓу социјалистичката идеја за слободата и англиската концепција. Подоцна се појавила неговата трета, најуспешна книга, „Три години на светската револуција“ во која неговите идеи биле целосно развиени. Според него, Бизмарковиот протекционизам бил заслужен за индустриската концентрација во Германија која, на тој начин, се одликувала со „повисок и понапреден степен економски систем во споредба со другите земји“.[1] Оттука, според него, во Првата светска војна, Германија ја претставувала „револуционерната, а нејзиниот најголем противник, Англија, контрареволуционерната страна“. За него, тоа покажува колку малку, од гледна точка на историскиот развој, уставното уредување на некоја земја (република или монархија) определува дали земјата ќе се смета за револуцинерна или не.[2] Во тој поглед, Ленч тврди дека во Германија, борбата за воспоставување социјализам била во голема мера поедноставена поради тоа што сите неопходни предуслови за социјализмот веќе биле присутни таму. Поради тоа, „...Германија треба триумфално да се држи против нејзините непријатели и така да биде способна да ја оствари нејзината историска мисија да го револуционизира светот. Поради тоа, војната на Антантата против Германија наликува на обидот на ситната буржоазија во преткапиталистичката ера да ја спречи пропаста на нејзината класа.“[3] Според Ленч, процесот на организација на капиталот во Германија, „започна спонтано пред Првата светска војна, а за време на војната продолжи свесно и систематски ќе продолжи по војната... Социјализмот доаѓа, а всушност, во определна смисла, веќе пристигна, зашто не можеме повеќе да живееме без него.“[4] Застапувајќи го напредокот на социјализмот, Ленч го критикува англискиот либерализам, поддржуван од образованата германска буржоазија во 1850-тите, 1860-тите и 1870-тите. Притоа, Ленч ги нарекува либералните стандарди старомодни, порачувајќи дека останува „да се ослободиме од овие наследени политички идеи и да го помогнеме растежот на новата концепција на државата и општеството. Во оваа сфера, социјализмот мора да претставува свесна и одлучна опозиција на индивидуализмот.“[5] Најпосле, Ленч заклучува дека „државата помина низ процесот на социјализација, а социјал-демократијата помина низ процес на национализација.“[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 187.
  2. Paul Lensch, Three Years of World Revolution. London: Constable and Co., Ltd., 1918, стр. 25-26.
  3. Paul Lensch, Three Years of World Revolution. London: Constable and Co., Ltd., 1918, стр. 67-68.
  4. Paul Lensch, Three Years of World Revolution. London: Constable and Co., Ltd., 1918, стр. 240.
  5. Paul Lensch, Three Years of World Revolution. London: Constable and Co., Ltd., 1918, стр. 208.
  6. Paul Lensch, Three Years of World Revolution. London: Constable and Co., Ltd., 1918, стр. 210.