Мајорат (новела)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мајорат - расказ (новела) на германскиот писател Е. Т. А. Хофман.

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на расказот се случува во последната деценија на XVIII век. Во близина на Источното Море се наоѓа замокот Р...ситен, сопственост на старото благородничко семејство Р. Во него живеат две старици, роднини на баронот Родерих, заедно со слугата Франц и со уште неколку слуги. Баронот Родерих го посетува замокот секоја есен, заедно со голема група свои гости со кои оди да лови во околните шуми. Некое време пред неговото доаѓање, во замокот пристигнуваат стариот адвокат Ф. и неговиот внук Теодор, кои треба да завршат некои правни работи. Уште првата ноќ по нивното пристигнување, Теодор слуша чудни гласови, а потоа здогледува и еден дух кој се обидува да влезе низ ѕидот, на местото каде порано се наоѓала врата. Истовремено, адвокатот Ф. има кошмар, т.е. го сонува она што му се случува на Теодор. Утреднета, духот се појавува повторно, но адвокатот успева да го избрка. По неколку дена, во замокот доаѓа баронот, а Теодор веднаш се вљубува во бароницата Серафина, убава жена на возраст од 20 години. Постепено, со помош на нејзината пријателка Аделаида и користејќи ја својата музичка вештина, Теодор успева да воспостави близок однос со Серафина. Тој ѝ ја раскажува случката со духот, а во нејзиното однесување препознава дека и таа е вознемирена поради некоја семејна тајна поврзана со замокот. Еден ден, Серафина претрпува нервна криза, а баронот го замолува Теодор да ѝ помогне со својата музика. Меѓутоа, утредента адвокатот Ф. и Теодор го напуштаат замокот и тој никогаш повеќе не ја видел бароницата.[1]

По заминувањето од замокот, адвокатот Ф. се разболува и Теодор го минува времето негувајќи го него. Еднаш, прегледувајќи ги своите писма, Теодор наоѓа примерок од косата на Серафина со траги од крв и тоа повторно му ги враќа спомените на бароницата и на случката со духот. Летото, откако закрепнува од болеста, адвокатот Ф. му ја кажува на Теодор тајната на замокот Р...ситен:

Една есенска ноќ, во 1760 година, слугите во замокот Р...ситен ги разбудил силен тресок. Кулата во која баронот Родерих фон Р. вршел астрономски истражувања се урнала, а баронот го пронашле мртов. Всушност, тој прецизно ја предвидел својата смрт, така што со писмо го повикал својот најстар син Волфганг, кој пристигнал веќе утредента. Тој грубо го навредил управникот на замокот Даниел заканувајќи се дека ќе го отпушти, но веднаш се смирил, дознавајќи дека неговиот татко оставил голем износ пари. Истовремено, Даниел неодредено раскажал за големото богатство што останало во урнатините на кулата. Баронот Волфганг го најавил доаѓањето на својата жена и се зафатил со плановите за изградба на нов замок во околината. Меѓутоа, ненадејно во замокто пристигнал неговиот помлад брат Хуберт, кој барал дел од наследството. Браќата биле во непријателски односи, но со посредство на адвокатот Ф. Хуберт најпосле прифатил одреден износ пари. Една ноќ, Хуберт сакал ненадејно да го напушти замокот, но Даниел го предомислил, а утредента го пронашле мртвото тело на Волфганг во урнатините на кулата. Притоа, сите мислеле дека се работи за несреќен случај, зашто алчниот Волфганг често ги набљудувал урнатините мечтаејќи за скриеното богатство. За да не се повтори несреќата, вратата во кулата била заѕидана. Набргу потоа, Хуберт го напуштил замокот, а се вратил дури многу години подоцна оставајќи го својот тестамент, а по една година умрел. По неговата смрт, во замокот се појавил неговиот син кој, исто така, се викал Хуберт, нестрплив да ја преземе сопственоста над замокот. Меѓутоа, кога бил отворен тестаментот се утврдило дела Хуберт постариот му го препуштил замокот на синот на Волфганг, кој се викал Родерих. Всушност, во меѓувреме, адвокатот Ф. го пронашол Родерих кој се појавил на отворањето на тестаментот. Незадоволниот Хуберт поднесол жалба, а адвокатот заминал во замокот за да провери некои документи што ги оставил стариот барон Родерих. Околу полноќ, адвокатот го видел Даниел како доаѓа до заѕиданата врата на кулата. Адвокатот сфатил дека Даниел е месечар и поразговарал со него, обидувајќи се да ја открие тајната на смртта на Волфганг, но Даниел не сакал ништо да признае, а набргу потоа паднал тешко болен. Сепак, една ноќ, Даниел му оставил на адвокатот една папка со документи. Така, адвокатот открил дека во Женева Волфганг тајно се оженил за сиромашната благородничка Јулија со која го добил синот Родерих. Меѓутоа, неговиот татко не го одобрил бракот, а брат му Хуберт бил љубоморен поради неговото наследно право на семејниот имот и почнал да крои планови да го уништи. Кога дошол во замокот, Хуберт се здружил со Даниел, кој една ноќ го убил Волфганг. Потоа, Хуберт почнал да се кае за гревот и затоа целиот приход од имотот го чувал за синот на Волфганг кому му го препишал имотот. Откако адвокатот ги обезбедил сите докази кои го потврдувале наследното право на младиот барон Родерих, Хуберт помладиот заминал во Петроград, каде се пријавил во руската армија и потоа погинал во Персија. Неговата мајка и сестра му Серафина се преселиле во замокот при што Серафина се венчала со младиот барон Родерих. Една ноемвриска ноќ, додека адвокатот Ф. и баронот Родерих седеле во големата сала во замокот, неочекувано (бидејќи бил тешко болен) ги посетил Даниел, но штом Родерих му се обратил на месечарот (истовремено, тоа биле последните зборови на неговиот татко), Даниел веднаш умрел. Потоа, адвокатот му ја раскажал на баронот Родерих тајната на замокот по што баронот се иселил и го посетувал замокот само еднаш годишно, за време на ловната сезона.[2]

Откако го завршил раскажувањето, адвокатот Ф. му кажал на Теодор дека два дена по нивното заминување од замокот, возејќи се со санки, бароницата Серафина загинала во несреќен случај. Многу години подоцна, враќајќи се од Петроград, Теодор повторно го посетил замокот Р...ситен (кој веќе бил разурнат) и од месните жители разбрал дека по смртта на баронот, замокот ѝ припаднал на државата, а во меѓувреме селаните често имале можност да го видат духот на Даниел.[3]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Мајорат“ е една од најдобрите и најпознатите новели на Хофман и се смета за претставителна во поглед на тематиката, стилот и композицијата. Централниот мотив во новелата е појавата на духови, со што таа се вбројува во долгата низа Хофманови раскази со тематика на „стравот и ужасот“. Меѓутоа, во посредна форма, во овој расказ Хофман дава и слика на распаѓањето на моралот на германската феудална аристократија.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. E. T. A. Hofman, Gospođica Skideri - Majorat. Beograd: Rad, 1963, стр. 73-112.
  2. E. T. A. Hofman, Gospođica Skideri - Majorat. Beograd: Rad, 1963, стр. 112-145.
  3. E. T. A. Hofman, Gospođica Skideri - Majorat. Beograd: Rad, 1963, стр. 145-147.
  4. Branimir Živojinović, „Hofman - novelista na prekretnici“, во: E. T. A. Hofman, Gospođica Skideri - Majorat. Beograd: Rad, 1963, стр. 149-153.