Мара Угриновска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мара Угриновска
Родена 1916 година
Маврово
Починала 1 октомври, 1943 година
Буковиќ (планина), Кичевско
Загиналa во борба со балистите
Народност Македонка

Мара Угриновска - Гина (Маврово, Гостиварско, 1916 - Буковиќ (планина), Кичевско, 1 октомври 1943) — прва македонска партизанка од мавровско, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Основното училиште го завршила во родното село. По завршувањето на основното училиште, заминала кај својата сестра во Велес, а потоа заедно со неа се селеле во Штип, Приштина и Скопје, поради селидбите таа не можела редовно да се школува. Престојувајќи во различни места на Македонија и Косово, имала можност да се запознае со повеќе напредни младинци кои извршиле одредено позитивно влијание. Токму како резултат на тоа, таа се запознала со напредното младинско движење, кое влијаело врз формирањето на нејзината личност, односно нејзината еманципација како младинка и жена. Таа во Маврово како со облеката, однесувањето, исто така и со своите погледи, ја сметале дека е пример за еманципирана младинка.[1]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Биста на Мара Угриновска - првата македонска партизанка од Мавровскиот крај.
Спомен плоча на загинатите мавровски партизани и цивилни лица, меѓу кои и Мара Угриновска.

Во Маврово се вратила непосредно по капитулацијата на кралска Југославија. Мавровската партиска организација веднаш ја прифатила во младинската и СКОЈ-евската организација и за кусо време станала една од најактивните младинки - жени. Бидејќи речиси целата нејзина куќа активно соработувала со НОБ, посебно нејзиниот брат Росе и снаата Милица, не ѝ било тешко да ги изрази сите свои способности во пропагирањето на НОБ и во одредени конкретни акции: собирање храна, облека, чување илегалци и слични активности. По директива на партиската организација во Мавровско, таа без резерва и двоумење во текот на мај 1943 година заминала во партизани. Всушност, таа е и првата партизанка во Мавровско. Нејзиното приклучување во партизани позитивно одекнало во селото, посебно кај младинките. Се до нејзината смрт, односно до 1 октомври 1943 година, учествувала во сите акции и борби на одредот. Инаку таа била запаметена како дисциплиниран, примерен и храбар борец. Нејзината храброст особено дошла до израз непосредно пред смртта во борбите на Буковиќ. Кога на Буковиќ партизанските единици биле опколени од балистичките банди на Џемо и Мефаил, таа се нашла во една група партизани што исто така била опколена и која требало да ја штити остапницата. Во тој миг, таа изразила неверојатна храброст заедно со партизанката Олга Мицеска. Додека Мара постојано пукала и фрлала бомби врз балистите, Олга со кундакот се нафрлила на еден балист. По нерамната борба Мара била покосена од непријателските куршуми, потоа балистите парче по парче ја сечеле, како што непосредно потоа изјавиле во нејзината куќа. Тоа го сториле бидејки им убила повеќе балисти.[1]

Една улица во Гостивар е именувана по неа.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 251–252.
  2. „Mara Ugrinova Street - Gostivar“. wikimapia.org. Посетено на 2022-12-02.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Годишнина од загинувањето на Мирко Милески и неговите соборци на Буковиќ