Гистав Моро
| Гистав Моро Gustave Moreau |
|
Автопортрет на Гистав Моро (1850) |
|
| Роден | 6 април 1826 Париз |
|---|---|
| Починал | 18 април 1898 (на возраст од 72 г.) Париз |
| Националност | Французин |
| Поле | сликарство |
| Обука | Франсоа Едуар Пико |
| Правец | симболизам |
| Повлијаен од | Теодор Шасерио |
Гистав Моро (француски: Gustave Moreau; 6 април 1826 – 18 април 1898) е француски симболистички сликар посветен на теми од библиски и митолошки карактер. Имал влијание врз творештвото на симболистичките книжевници.
Содржина |
Биографија [уреди]
Моро е роден во Париз. Татко му бил архитект, кој благовремено ја препознал дарбата кај сина си, па го пратил да се обучува. Најпрвин учел сликање кај Франсоа Едуар Пико, а потоа се спријателил со Теодор Шасерио, чиј стил влијаел и на неговиот. Во текот на 25 години имал близок, и веројатно љубовен однос со Аделаида Александрина Дире, која ја нацртал на неколку наврати.[1] Прва слика му била „Пиета“, денес сместена во катедралата во Ангулем. На Парискиот салон во 1853 г. ги изложил сликите „Сцена од Песна над песните“ и „Смртта на Дариј“. Истата година зел учество на Светската изложба со „Атињаните со Минотаурот“ и „Мојсеј ги собува сандалите кога ја здогледува Ветената Земја“.
Делото „Едип и сфингата“ претставува едно од првите симболистички слики во историјата на уметноста. Прв пат во јавноста е изложена на Парискиот салон во 1864, а денес е дел од редовната збирка на музејот Метрополитен во Њујорк.[2]
Во 1891 г. Моро станал професор на Ликовната академија (École des Beaux-Arts) во Париз каде, меѓу останатите, предавал и на фовистичките сликари Анри Матис и Жорж Руоло. Кај него се школувале и Жил Фландрен, Теодор Палади и Леон Прентамп.
Починал во Париз и погребан е на Монмартрските гробишта.
Во текот на својот творечки живот, Моро изработил над 8.000 слики, акварели и цртежи. Многу од нив се изложени во Националниот музеј „Гистав Моро“ во на улицата Рошфуко (IX округ) во Париз. Музејот е сместен во неговото поранешно ателје и отворен е во 1903 г. По неговите простории честопати шетал писателот Андре Бретон, кој го сметал Моро за предвесник на надреализмот.
Галерија [уреди]
-
„Орфеј (1865)
-
„Прометеј“ (1868)
-
„Европа“ (1869)
-
„Салома“ (1876)
-
„Јупитер и Семела“ (1894-95)
Наводи [уреди]
- ↑ Kaplan, Julius (1974). „Gustave Moreau“. Little Brown & Company. стр. 7, 55. ISBN 0-8212-0628-1.
- ↑ Winkfield, Trevor (April 2012). „A Letter to Bryan Osburn from Trevor Winkfield“. „The Brooklyn Rail“. http://brooklynrail.org/2012/04/artseen/a-letter-to-bryan-osburn-from-trevor-winkfield.
Надворешни врски [уреди]
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Гистав Моро“ |
- Мрежно место посветено на Густав Моро
- Национален музеј „Густав Моро“
- Кратка биографија на Моро - Artchive.com
- Ресурси за Моро - Artcyclopedia
|