Васко Ѓурчиновски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Васко Ѓурчиновски
Роден11 јуни 1970(1970-06-11)(53 г.)
Тетово, СР Македонија, СФР Југославија
Држава
Служба1991–
Чингенерал потполковник (2019–)
Заповедал со

Васко Ѓурчиновски (11 јуни 1970 во Тетово) — македонски воен генерал. Тој е единаесетти началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија од 2018 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Васко Ѓурчиновски е роден на 11 јуни 1970 година во градот Тетово, тогаш во СР Македонија, СФР Југославија, во семејството на Данило и Фролика Ѓурчиновски. Основно образование завршува во својот роден град, средно воено образование во Средната воена школа на Копнената војска на Југословенската народна армија (КоВ на ЈНА) во Сараево, СР Босна и Херцеговина, а високо воено образование на Воената академија на КоВ на ЈНА во Белград, СР Србија.

Потпоручник Ѓурчиновски ја започнува својата воена служба во 1991 година како командир на противтерористички вод во Загреб, СР Хрватска, во времето на распадот на Југославија. По осамостојувањето на Македонија од Југославија, во 1992 година е формирана Армијата на Република Македонија (АРМ), во која, како и други воени лица со југословенско образование и македонско потекло, служи и Ѓурчиновски. Во 1992 година е унапреден во чин поручник и од 1992 до 1994 година е командир на противтерористички вод на Воена полиција (ВП) во Скопје. Од 1994 до 1995 година е заменик командир на противтерористичка чета. Во 1995 година е унапреден во чин капетан. Од 1995 до 1999 година е командир на противтерористичка чета. Во 1998 година е унапреден во чин капетан 1. класа. Од 1999 до 2000 година е заменик командант на одред за специјални операции. Во 2002 година завршува командно-штабна академија во САД. Од 2002 до 2003 година е началник на секцијата С-3 во командата на одредот за специјални операции. Во 2003 година е унапреден во чин мајор. Од 2003 до 2004 година е командант на извидувачки баталјон. Во 2004 година е началник на С-5 во командата на одредот за специјални операции.

Во 2004 година е преместен во Тетово и оттогаш до 2007 година е командант на пешадиски баталјон. Во 2007 година е унапреден во чин потполковник и е преместен во Куманово, каде што е сместена Здружената оперативна команда (ЗОК), и оттогаш до 2010 година е началник на одделение за обука и вежби во Г-3 на ЗОК. Од 2008 до 2009 година учествува во меѓународната мировна мисија на Организацијата на обединетите нации (ООН) УНИФИЛ во Либан како штабен офицер во Здружениот оперативен центар во Накура. Во 2010 година е унапреден во чин полковник. Од 2010 до 2011 година е командант на 3. резервна пешадиска бригада.[1]

Во 2011 година е преместен повторно во Скопје, каде што до 2013 година е аѓутант на врховниот командант на вооружените сили, тогаш претседателот на Републиката Ѓорге Иванов.[1][2] Во 2013 година завршува високи одбранбени студии во Рим, Италија и истата година е унапреден во чин бригаден генерал. Од 2013 до 2015 година е командант на Полкот за специјални операции (ПСО), во чиј состав се двете армиски специјални единици, Баталјонот за специјални намени „Волци“ и Ренџерскиот баталјон.[2] Во 2015 година е унапреден во чин генерал мајор и е преместен повторно во Куманово, каде што до 2016 година е командант на Здружената оперативна команда (ЗОК). Од 2016 до 2018 година е воен претставник на Република Македонија при Северноатлантската договорна организација (НАТО) во Брисел, Белгија.[3]

Во 2018 година, во пресрет на 18 август – Денот на Армијата, е поставен за началник на Генералштабот на Армијата, наследувајќи го генерал потполковник Методија Величковски. Во 2019 година е унапреден во чин генерал потполковник.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Службен весник на Република Македонија, година LXVII, број 36, 23 март 2011 година, стр. 106.
  2. 2,0 2,1 Службен весник на Република Македонија, година LXIX, број 115, 19 август 2013 година, стр. 5.
  3. Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Воени генерали од Македонија (1943-2017). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 124–127. ISBN 978-608-65955-2-4.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]