Благоја Деспотовски - Шовељ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Благоја Деспотовски - Шовељ
Роден март 1919 година
Дебар, Македонија под окупација на Кралство СХС
Починал 7 октомври 1941 година
Скопје, Македонија под фашистичка окупација

Благоја Деспотовски - Шовељ (Дебар, март 1919[1] - Скопје, 7 октомври 1941) — македонски комунист, учесник во НОВ, првоборец.[2][3] Тој е еден од првите партизани кои загинале во НОВ.

Животопис[уреди | уреди извор]

Споменик во Скопје на местото каде што се самоуби Благоја Деспотовски - Шовељ

Во родниот град завршил основно училиште, а во потрага по вработување работел во бродоградилиштето во Сремска Митровица (1937-1938), каде што станал член на УРС-овите синдикати. Во 1939 година доаѓа во Скопје и се вработува во Пиротехничкиот завод во Ѓорче Петров. Пролетта 1940 година е примен за член на КПЈ. Заради политичко дејствување сред монополските работници, по налог на Месниот комитет на КПЈ преминал на работа во Тутунскиот монопол во Скопје. Поради таа дејност бил уапсен (25 февруари 1941) и останува во затвор до капитулација на Југославија (6 април).

Учествувал на советувањето на Скопската организација на КП (одржана во Козле на 22 јуни 1941), на која е донесена одлука да започнат подготовките за вооружена борба. Наскоро потоа се илегализирал и се приклучил на една од скопските диверзантски групи (јули - 22 август). Учествувал во акцијата за снабдување со експлозив од рудникот Радуша.[4] При формирањето на Првиот скопски партизански одред на 22 август 1941 година, влегува во неговите редови.

Во септември 1941 година, настанале големи провали во партиската организација и биле затворени поголем број партиски кадри. За провалите и затворањата значително придонеле и домашните предавници на чело со фашистичкиот агент Мане Мачков. Поради тоа Деспотовски бил задолжен, заедно со уште еден соборец, Александар Смилковски – Жухрај, да го ликвидираат Мачков. Тие својот обид да го убијат Мачков го извршиле на 7 октомври истата година. Обидот завршил неуспешно. При бегството, откако бил опколен, Деспотовски дозволил да му се приближат агентите што го гонеле по што ја активирал бомбата и се самоубил.[1][5]

Една од улиците во главниот град, Скопје го носи неговото име.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Боро Кралевски „Беа, загинаа, останаа“, Скопје, 1969, 52 стр.
  2. „ДЕСПОТОВСКИ-ШОВЕЉ, Благоја“. Македонска Енциклопедија. 2018-10-23.
  3. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 90. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 458 стр.
  5. Александар Спасовски „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“, Архив на Скопје, Скопје, 1984, 59 стр.
  6. „ул. Благој Деспотовски - Шовељ“.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Митре Инадески, „Благоја Деспотовски-Шовељ: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје 1990.