Престани да мудруваш (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Престани да мудруваш“ (англиски: Stop making sense) — американски документарен филм од 1984 година, во режија на Џонатан Дем. Филмот ја прикажува групата „Токинг хедс“ за време на концерт. Директор на фотографијата е Џордан Кроненвет, а монтажата е дело на Лиза Деј.

Содржина[уреди | уреди извор]

На почетокот на филмот, пејачот Дејвид Брн зачекорува на празната сцена со кренати кулиси, само со акустична гитара и касетофон. Постепено, од песна во песна, нему му се придружуваат останатите членови на групата, а театарската сцена постепено се надградува. Притоа, како дел од поставката се прикажани и сценските работници, а во филмот нема интервјуа со музичарите или надворешни коментари, а нема ниту крупни кадри врз инструментите. Дури на крајот се прикажани кадри на публиката во делириум. Во текот на филмот се прикажани 16 песни на „Токинг хедс“.[1]

За филмот[уреди | уреди извор]

Инспирацијата за снимањето на филмот Дем ја добил од концертите на групата „Токинг хедс“ при промовирањето на нивниот албум Speaking in Tongues од 1983 година. Според зборовите на Дем, „визуелнот аспект на концертот беше извонредно филмичен. Членовите на групата беа целосно внесени, харизматични и возбудливи за гледање. Имав едно чувство кое е невозможно да се опише, како да гледам еден вид приказна во која ликовите се менуваат со секоја нова песна. Беше нешто многу повеќе од прекрасен концерт. Си заминав трогнат, стимулиран и опседнат со идејата да направам филм од тоа.“ Подоцна, Дејвид Брн изјавил: „Вештината на Џонатан беше во тоа што успеа да го види и да го доживее концертот како дело на театарски ансамбл во кој ликовите и нивните каприци ќе ѝ се доближат на публиката, давајќи ѝ така можност да ги запознае членовите на групата како луѓе, секој со својот посебен карактер.“

Во филмот, наративната градација го стимулира чувството на исчекување и возбудата од секој нареден чекор, од секоја нова песна, а гледачот е вклучен во самиот процес на создавање на перформансот. Притоа, секоја песна е третирана на посебен начин, со ново чувство и атмосфера, користејќи разни изразни средства, како: танц, пантомима, сенки, игра на светлото и видео проекции. Филмот го преиспитува и редефинира начинот на кој ги гледаме и доживуваме концертите. Едноставно, филмот останува неповторливо ремек-дело кое допрва ќе добива смисла.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Јаневски, „Стоп мејкинг сенс (Stop making sense)“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 100-101.
  2. Ѓорѓи Јаневски, „Стоп мејкинг сенс (Stop making sense)“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 100-101.