Прејди на содржината

Интуиција

Од Википедија — слободната енциклопедија
За интуицијата во филозофијата, види Интуиција (филозофија).

Интуиција е способноста за стекнување со знаење без донесување заклучоци и/или употреба на разумот. Зборот „интуиција“ доаѓа од латинскиот збор intueri кој најчесто се преведува како „да погледне внатре“ или „да расудува“.[1] Интуицијата нè снабдува со верувања кои ние не можеме секогаш логички да ги оправдаме. Од оваа причина, таа е предмет на проучување на психологијата, како и предмет на интерес во сферата на натприродното. „Десниот мозок“ многу често се поврзува со интуитивните процеси какви што се естетските способности.[2][3][4] Некои научници тврдат дека интуицијата е поврзана со иновациите во научните откритија.[5] Интуицијата исто така е честа тема во Њу Ејџ литературата.[6]

Во психологијата

[уреди | уреди извор]

Според швајцарскиот психолог Карл Густав Јунг интуицијата е еден од четирите психолошки типови или функции на егото. Во овој ран модел на психата на личноста, интуицијата е спротивставена на осетите по една оска, а чувствата се спротивставени на мислењето по друга оска. Јунг тврди дека во дадена личност, една од овие четири функции е првична, најизразена и развиена во свеста. Спротивната функција обично е слабо развиена кај истото лице. Останатиот пар (од другата оска) е свесно активна, но во помал степен во однос на основната функција. Оваа шема е веројатно попозната денес како типологија на Мајерс-Бригс.

Во психологијата, интуицијата може да ја вклучува способноста на единката да ги знае точните решенија на проблемите и да ги одбира. На пример, моделот наречен Recognition primed decision (RPD) објаснува како луѓето можат да одберат релативно брзи решенија, без да биде потребно да се споредуваат варијанти. Гари Клејн востановува дека под притисок на времето, високите залози, како и промената на параметрите, експерти, основувајќи се на претходното искуство, препознаваат слични ситуации и интуитивно ги одбираат точните (правилни) решенија. Така, моделот RPD е мешавина од интуиција и анализа. Интуицијата е процес кој брзо предлага можен начин на дејствување. Анализата е умствена симулација, осознавачки и преднамерен преглед на начините за дејствување.[7]

Според познатиот невропсихолог и невробиолог Роџер Волкот Спери, интуицијата е активност на десниот дел од мозокот, додека фактичката и математичката анализа се активност на левиот дел.[8]

Сигурноста на интуицијата на дадена единка зависи од искуството и знаењата здобиени во дадена специфична област. На пример, некој, кој поседува поголемо искуство со деца, ќе има подобар инстинкт или интуиција за разрешување на одреден проблем со нив. Се разбира дека не може да се каже дека човекот со најголемо искуство секогаш ќе ја поседува најпрецизната интуиција (тој може да биде предубеден), но неговите шанси секако се поголеми.[9]

Се смета дека аналитичката психолошка теорија на Јунг за синхроноста на елементите е еднаква на интелектуалната интуиција.[10]

  1. Carlin Flora. "Gut Almighty". Psychology Today. Vol 40. Issue 3:68-75,2007.
  2. Converting Words into Pictures--Reading Comprehension Guide--Academic Support Архивирано на 27 април 2014 г..
  3. „Left/Right Processing“. Архивирано од изворникот на 2012-11-30. Посетено на 2012-12-04.
  4. Right-Brain Hemisphere.
  5. Gerald Holton, Yehuda Elkana. Albert Einstein: Historical and Cultural Perspectives, Dover Publications, July 1997, p. 97. ISBN 0-486-29879-5 "The workings of intuition transcend those of the intellect, and as is well known, innovation is often a triumph of intuition over logic."
  6. Peter Steinfels Beliefs The New York Times, July 13, 1996.
  7. Klein, Gary. Intuition At Work. Random House, NY, NY. January, 2003
  8. „Allen Chuck Ross, "Brain Hemispheric Functions and the Native American," Journal of American Indian Education, August 1989“. Архивирано од изворникот на 2011-07-18. Посетено на 2012-12-04.
  9. Eugene Sadler-Smith. Inside Intuition. 2008.
  10. Bishop, Paul (2000). Synchronicity and Intellectual Intuition in Kant, Swedenborg, and Jung. The Edwin Mellen Press. стр. 17–20. ISBN 0773475931.