Прејди на содржината

Вудсток (фестивал)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Woodstock)

Саемот на музика и уметност (неформално, Вудсток или Фестивалот Вудсток) беше музички фестивал најавен како „Претставување на водолијата: 3 денови мир и музика“.Тој се одржа на сточарската млекарска фарма од 600 ари (2.4 км2, 240 хектари, 0.94 милји2) близу населбата Вајт Лејк во градот Бетел, државата Њујорк, од 15 до 18 август 1969 г. Бетел, во округот Саливан, е 43 милји (69 км.) југозападно од градот Вудсток, Њујорк, во соседниот округ Алстер. Во текот на, понекогаш дождливиот викенд, триесет и два настапувачи настапија на отворено пред 500 000 посетители на фестивалот. Тој се смета за еден од најголемите и најзначајни мигови во историјата на поп-музиката и е ставен меѓу „50 мигови што ја изменија историјата на Рокенролот“ на групата Ролинг Стоун. Настанот беше овековечен во успешниот документарен филм од 1970 година Вудсток, албум со музиката од филмот и песната на Џони Мичел, „Вудсток“, што беше во спомен на настанот и стана главен хит за Крозби, Стилз, Неш и Јанг.

Планирање и подготовка

Вудсток се роди благодарение на напорите на Мичел Ланг, Џон Робертс, Џоел Розенман и Арти Корнфелд. Робертс и Розенман ги имаа средствата. Ланг имаше искуство како прометер и веќе го имаше организирано најголемиот фестивал на источниот брег во тоа време, Поп Фестивалот во Мајами, на кој се проценува дека присуствувале 100 000 посетители. Тие го дадоа следниов оглас во весниците Њујорк Тајмз и Вол Стрит Журнал под името на фирмата Челинџ Интернешенал. „Млади мажи со неограничен капитал бараат интересни, законски дозволени можности за инвестирање и деловни предлози.“ Ланг и Корнфелд го видоа огласот и четирите мажи се сретнаа првично да дискутираат за едно студио за снимање ви Вудсток кое би прилегало на прибежиште, но идејата се преиначи во еден фестивал на музиката и уметноста на отворено, иако во тоа време тој се замисли како нешто во помали размери, кое би ги собрало некои од познатите уметнички имиња од близината на Вудсток во тоа време (како што беа Боб Дилан и групата „Состав“.Четворицата мажи имаа различни пристапи: Роберт беше дисциплиниран и знаеше што е потребно за да успее потфатот, додека лежерниот Ланг гледаше во Вудсток како на еден нов и релаксирачки начин за спојување на деловни луѓе. Имаше и други сомнежи околу потфатот, бидејќи Роберт се двоумеше дали да фи санира своите губитоци и да го откаже процесот, или да продолжи да вложува во него. Во април 1969 г. членовите на новородената суперѕвезда, составот Криденс Клирвотер Ривајвел, беа првите кои потпишаа договор за фестивалот и се согласија да настапат за 10 000 долари. Организаторите имаа тешкотии во привлекувањето на големи имиња пред да потпишаа договор големите рокери од Беј Реј. Тапанарот на Криденс, Даг Клифорд, подоцна коментираше: Криденси потпишаа, сите други застанаа во редот, сите „големи ѕверки“ дојдоа. Имајќи го предвид тоа што настапуваа во 3 наутро и не беа вклучени (по инсистирање на фронтменот на Криденси, Џон Фоогерти) во филмот Вудсток, членовите на Криденс ја изразија нивната огорченост во однос на нивните искуства на познатиот фестивал. Вудсток требаше да биде профитабилен потфат, соодветно крстен „Потфатот Вудсток“.Тој стана „бесплатен концерт“ дури откако стана очигледно дека настанот привлекува стотици и илјадници повеќе отколку што организаторите беа подготвени да примат. Билетите за фестивалот чинеа 18 долари однапред, (еднакво на приближно 105 долари во 2009 година по прилагодување на куповната моќ и 75 долари, по прилагодување на инфлацијата) и 24 долари на врата за сите три денови. Продажбата на билети беше ограничена на продавниците за плочи во централниот дел на градот Њујорк, или преку поштански фах на станицата Радио Сити, во пошта сместена во Средниот Менхетен. Околу 186 000 билети беа продадени однапред, а организаторите предвидоа дека ќе дојдат приближно 200 000 посетители на фестивалот.

Одбирање на местото

Првично, концертот беше планирано да се одржи во Милс Индустриски Парк на површина од 300 ари (1.2 км2), во градот Волкил, Њујорк, к“јшто Потфатот Вудсток го изнајми за 10 000 долари во пролетта во 1969 г. На градските власти им беше кажано дека нема да присуствуваат повеќе од 50 000 луѓе. Жителите на градот веднаш се спротивставија на проектот. На почетокот на јули градскиот одбор изгласа закон со кој ќе треба да се побара дозвола за какво било собирање на повеќе од 5 000 луѓе. На 15 јули 1969 година, Апелациониот Одбор на градот Валкил и официјално го забрани концерот врз основа на тоа што планираните подвижни тоалети не ги задоволувале барањата на градот. Меѓутоа, извештаите за забраната се претворија во извор на богатство за фестивалот.

Според Елиот Тибер, во неговата книга од 2007 г. Преземање на Вудсток, Тибер понудил да биде домаќин за настанот на неговиот мотел на површина од 15 ари (61 000 м2), и добил дозвола за тоа. Тој тврди дека тој ги запознал провирачите со сточарскиот фармер Макс Јасгур. Сепак, Ланг го порекнува тврдењето на Тибер и вели дека Тибер го запознал со некој трговец со недвижен имот, кој го одвел, без Тибер, до фармата на Јагар. Синот на Макс, Сем Јагар, се согласува со тврдењето на Ланг. Земјиштето на Јагар формирало природен басен, накосувајќи се кон вештачкото езерце Филипини на северната страна. Сцената требала да се постави во подножјето на ридот, при што езерцето Филипини ќе било во позадината. Тоа езерце ќе стане популарно одредиште на нудистите. Организаторите повторно им кажаа на градските власти на Бетел дека не очекуваат повеќе од 50 000 луѓе. И покрај противењето на жителите и натписите со содржина „ Не купувајте млеко. Запрете го Хипи музичкиот фестивал на Макс.“, правобранителот на градот Бетел, Фредерик В. Шадт и градежниот инспектор Доналд Кларк ги одобрија дозволите, но градскиот Одброр на Бетел одби да ги издаде и формало. На Кларк му беше наредено да издаде наредба за прекинување со работите.

Бесплатен концерт

Доцната промена во локацијата на концертот не им даде доволно време на организаторите да се подготват добро. На еден состанок три денови пред започнување на концертот, организаторите сфатиле дека имаат два избори. Едниот избор бил да се засили оградата и зголеми безбедноста, што би можело да има за резултат поголемо насилство, а другиот вклучувал да се ангажираат сите расположливи ресурси и да се заврши сцената , со што Потфатот Вудсток би претставувал и финансиски хит. Толпата што почна да надоаѓа и во поголем број од предвиденото ја направи за нив одлуката. Оградата беше исечена ноќта пред концертот.

Фестивалот

Приливот на посетители на концертот во руралното гратче Бетел создаде огромен сообраќаен метеж. Стравувајќи од неред бидејќи илјадници започнаа да доаѓаат во градот, Бетел се откажа од своите прописи и правила. Конечно, објавите на радио станиците сè до Менхетен и сликите за сообраќајниот метеж на телевизиските вести, ги обесхрабри луѓето во помислата да тргнат кон фестивалот. Арло Гатри даде изјава која беше вклучена ви филмот и рече дека автопатот во државата Њујорк е затворен. Директорот на музејот Вудсток споменат подолу рече дека тоа никогаш не се случило. Како капак на проблемите и тешкотиите во справувањето со толпата, скорешните дождови предизвикаа кал по патиштата и полињата. Локацијата не беше опремена со санитарии и прва помош за толкав број на луѓе, со што стотици и илјадници се најдоа во ситуација да се борат со лошото време, недостигот на храна и лошите санитарии. Утрото, во недела, 17 август, гувернерот на Њујорк, Нелсон Рокфелер го повика организаторот на фестивалот, Џон Робертс, и му кажа дека размислува да доведе 10 000 членови од Националната Гарда на Њујорк на фестивалот. Робертс успеа да го наговори Рокфелер да не го направи тоа. Округот Саливан прогласни вонредна состојба. „Бевме подготвени да почнеме. Чекавме и чекавме и конечно дојде и нашиот ред... ... половина милион луѓе спиеја. Тие луѓе беа таму, надвор. Сè прилегаше на слика од „Пеколот“ на Данте, само тела како од пеколот, сите сплеткани, помешани и заспани, покриени со кал. A ова е мигот што нема никогаш да го заборавам, сè додека живеам: четвртина милја подалеку, во мракот, на другиот крај од оваа поле, имаше некој кој се обидуваше да ја запали запалката и чув: „Не грижи се за тоа, Џон. Ние сме со тебе.“ На целиот фестивал свирев само за него.“ - Џон Фогети за настапот на Криден Клирвотер Ривајвл во 3 часот наутро, на Вудсток. Иако фестивалот беше неверојатно мирен, земајќи го предвид бројот на посетители и условите таму, сепак имаше три евидентирани несреќи: една несреќа за која се мисли дека била предозирање со хероин и друга предизвикана во несреќа кога трактор прегазил посетител кој спиел во оближното поле со сено. Имаше и две породувања регистрирани на фестивалот (едно во кола заглавена во сообраќајниот метеж, а друго во болница по префрлање таму со хеликоптер) и четири спонтани побацувања. Усно сведочење во филмот го потврдува случајот со предозираност, оној со прегазување на човек и барем едно породување, заедно со голем број на случаи со главоболки. Сепа, земајќи ги предвид идеалистичките исчекувања од 1960-тите, Вудсток ги задоволи повеќето од посетителите. Таму имаше чувство на општествена хармонија, квалитетна музика, огромна маса луѓе, изобилие од спортска и циганска облека, однесување и ставови. По концертот, Макс Јасгур, кој го поседуваше местото каде се одржуваше концертот, гледаше на настанот како на победа на мирот и љубовта. Тој зборуваше за тоа како речиси половина милион луѓе, потенцијални предизвикувачи на несреќа, немири, грабеж и катастрофа, поминаа три денови со музика и мир во нивните умови. Тој тврди дека „доколку им се придружиме, ќе можеме да ги претвориме сите неволји и немаштија кои се денес проблем во Америка во надеж за една посветла и помирна иднина...“

Озвучување

Озвучувањето за концертот беше направено од страна на Бил Хенли, чии иновации во индустријата на озвучување му ја донесе престижната награда Парнели. „Сè се одвиваше одлично“ - вели тој за настанот. „Конструирав посебни столбови за звучниците на ридовите и имав 16 антени за звучниците поставени на квадратеста платформа, кои одеа горе, до ридот, на кули високи 70 стапки (21 метар). Сметавме на најмногу 150 000 до 200 000 луѓе. Се разбира, дојдоа 500 000 луѓе.“ АЛТЕК дизајнирал 4-15 креденци (плакари) од иверица кои тежеле по половина тон парче, биле високи 6 стапки (1.8 м.), речиси 4 стапки (1.2 м.) длабоки и 3 стапки (0.91 м.) широки. Секој од овие креденци носел четири звучници JBL D140 од 15 инчи (380 мм.). Високотонските звучници се состоеле од Алтек сирени од типот 4х2-ќелиски и 2х10-ќелиски. Зад сцената имаше три трансформатори кои обезбедуваа струја од 2 000 ампери да ги напојува поставени засилувачи. Многу години подоцна овој систем го нарекуваа Сандаците на Вудсток.

Настапувачи

Петок, 15 август • Ричи Хеванс • Свами Сачидананда - го отвори фестивалот со молитвено обраќање. • Свитвотер • Берт Сомер • Рави Шанкар • Тим Хардин • Мелани • Арло Гутри • Џоан Баез Сабота, 16 август • Кил, 40-минутен настап со четири песни • Кантри Џо МекДоналд • Џон Себастијан • Сантана • Киф Хартли Бенд • Д Инкредибл Стринг Бенд • Кенд Хиит • Маунтин • Грејтфул Дед • Криданс Клирвотер Ривајвал • Џенис Џоплин со Козмик Блуз Бенд • Слај и Фемили Стоун • Ху, започнаа во 4 наутро, изведоа 25 песни вкучувајќи ја и Тому. • Џеферсон Ерплеин Недела, 17 август, до понеделник, 18 август • The Grease Band • Joe Cocker • Country Joe and the Fish • Ten Years After • The Band • Blood, Sweat & Tears • Џони Винтер, го промовираше брат си Едгар Винтер • Crosby, Stills, Nash & Young • Paul Butterfield Blues Band • Sha-Na-Na • Jimi Hendrix

Одбиени покани

• Боб Дилан, во чиј двор се одвиваше фестивалот (за да се наведе поетот лауреат да ја прифати таа спротивна култура и да излезе да свири) никогаш не беше во некои сериозни преговори. Наместо тоа, во средината на јули, Боб Дилан потпиша да ја свири Островот со фестивалска музика на 31 август. Дилан заплови за Англија со бродот Кралицата Елизабета 2 на 15 август, денот кога Вудсток Фестивалот се отвори. Неговиот син беше повреден од една врата од кабините на бродот и семејството се симна од бродот. Дилан и жена му Сара летнаа за Англија следната недела. На Дилан не му се допаѓаше тоа што толку многу хипиевци се имаа насобрано во близина на неговата куќа, во соседниот град Вудсток. • The Beatles/John Lennon: Во woodstockstories.com се дадени две сценарија за причината зошто Битлси не настапуваа. Според првото сценарио, промотерите се поврзале со Џон Ленон да дискутираат за настапување на Битлсите на Вудсток, при што Џон Ленон рекол дека Битлси нема да свират доколку не се прикаже спот на фестивалот за Пластик Оно Бенд на Јоко Оно. Неговото барање било отфрлено. Мрежната страница тврди дека поверојатното објаснение е дека Ленон сакал да настапат, но неговото влегување во Соединетите Држави од Канада било блокирано од страна на претседателот Ричард Никсон. Битлсите беа и онака на работа на распаѓање. Исто така, тие немаа одржано ниту еден концерт во живо уште од август 1966 година, цели три години пред фестивалот (не вклучувајќи го нивниот непланиран и импровизиран концерт на покривот на една зграда одржан на 30 јануари 1969 год, неколку месеци пред тоа). • Групата Џеф Бек требаше да настапи во недела, но неколку денови пред Вудсток, Ники Хопкинс ја напушти групата, по што и останатите членови на групата се растурија. Сепак, Ники Хопкинс свиреше на Вудсток, но со Џеферсон Аероплејн. • Дорс се сметаа како потенцијална група што ќе настапи, но тие откажаа во последниот миг; според гитаристот Роби Кригер, ја одбиле поканата зашто сметале дека фестивалот ќе биде „второкласна реприза на фестивалот Монтери Поп“, но подоцна зажалиле за таквата одлука. • Лед Цепелин беа поканети да настапат, а нивниот менаџер Питер Грант тврди: „Бевме поканети на Вудсток, Атлантик нè очекуваа, исто така и нашиот промотер за САД, Френк Барсалона. Јас одбив зашто на Вудсток ние ќе бевме само еден од многуте состави.“ Наместо тоа, групата отиде на исклучително успешната летна турнеја и свиреа преку викендот на место јужно од фестивалот, во Конвенционалнта Сала во Њу Џерси. Нивната единствена пауза што ја имаа ја искористија да отидат на концертот на Елвис Присли во Меѓународниот Хотел во Лас Вегас на 12 август. • Бирдс беа поканети, но решија да не настапат, сметајќи дека Вудсток нема да биде ништо поинаков од кој било друг музички фестивал тоа лето. Тие исто така имаа и материјални проблеми. Басистот Џон Јорк се сеќава: „Летавме за да свириме на една тезга и Роџер (МекГин) дојде до нас и ни кажа дека некој организирал фестивал во државата Њујорк. Но, во тоа време не ги плаќаа сите групи. Тој нè праша дали сакаме да настапиме и ние одбивме. Немавме претстава каков ќе биде тој фестивал. Бевме истоштени, преморени од фестивалската сцена. [...]Затоа сите рековме „Не, сакаме да се одмориме“ и го испуштивме најдобриот фестивал на сите времиња.“ • Томи Џејмс и Шонделс ја одбија поканата. Водечкиот вокал Томи Џејмс подоцна рече: „Си ја трескавме главата потоа“.Бевме на Хаваи и мојот секретар нè викна и ни кажа: „Чујте, има некојси фармер на фарма за свињи во државата Њујорк кој сака да свирите на неговиот терен“.Ете, така ми беше кажано. Ние не прифативме, но неколку денови подоцна сфативме што сме одбиле.“ • Муди Блууз беа вклучени во првичниот постер Волкил како настапувачи, но решија да се откажат откако истиот викенд во Париз добија ангажман. • Спирит исто така ја одбија поканата да свират, бидејќи имаа испланирани настапи и сакаа таму да свират, не знаејќи каков ќе биде фестивалот во Вудсток. • Џони Мичел беше првично избрана да настапува, но таа го откажа настапот по инсистирањето на нејзиниот менаџер за да не го испушти веќе закажаното појавување во шоу програмата на Дик Кевит. • Рој Роџерс беше поканет од страна на Ланг да го затвори фестивалот со Среќни обиди, но тој одби.

Покриеност со медиумите.

Многу малку репортери од непосредната околина беа на сцената. Во текот на првите два денови на фестивалот, националните медиуми го истакнаа проблемот. Насловите на насловната страница на весникот Њујорк Деили Тајмс велеа: „Сообраќајот е закрчен на местото кај Хипи фестивалот“ и „Хипиците се валкаат во море од кал.“ Ставот на медиумите стана нешто попозитивен при крајот на фестивалот, делумно бидејќи родителите на посетителите на фестивалот ги викнаа медиумите и им кажаа, врз основа на телефонските повици добиени од нивните деца, дека извесувањето на медиумите било неточно. Њујорк Тајмс пишуваше за увертирата на фестивалот и за селењето од Вилкил во Бетел. Бернард Колиер, кој известуваше за настанот за Тајмс, тврди дека бил под притисок од уредниците на весникот да напише напис со неточни и негативни информации за фестивалот. Според Колиер, тоа довело до жолчни дискусии и тој се заканил дека нема да го напише написот ако главниот уреднит, Џејмс Рестон, не му дозволи да го напише онака како што тој, Колиер, сметал дека е. Конечната верзија на написот обработувала теми со сообраќајни метежи и помали прекршувања на законот, но сепак ја нагласила соработката, великодушноста и добрата природа на посетителите на фестивалот. Кога фестивалот заврши, Колиер напиша друг напис за егзодусот на обожавателите од местото на фестивалот и за ненасилничкиот карактер на настанот. Главниот медицински службеник одговорен за настанот и неколку месни жители беа цитирани во нивните пофалби за посетителите на фестивалот. Тајмс Хералд-Рекорд, единствениот локален дневен весник во Мидлтаун во државата Њујорк, се произнесе против законот кој го забранил фестивалот во Вилкил. За време на фестивалот беше објавено реткото саботно издание на весникот. Весникот беше единствениот со телефонска линија директно од местото на настанот и користеше моторџија за да ги добие сликите и приказните од непроодната толпа на местото, до канцеларијата на весникот оддалечена 35 милји од Мидлтаун.

Филмовите

Документарниот филм Вудсток, режиран од Мајкл Ведли и уреден од Телма Шунмејкер и Мартин Скорсис, беше прикажан во 1970 година. Арти Корнфелд (еден од промовирачите на фестивалот) дојде кај Фред Вајнтроб, еден вработен во Варнер Брос, и побара пари за да сними филм за фестивалот. Претходно Арти беше секаде одбиен, но Фред Вајнтроб стана негов херој и, покрај јасно изнесените желби на другите вработени во Варнер Брос, Вајнтроб влезе во играта и му даде на Корнфелд 100 000 долари да го сними филмот. Вудсток помогна да се спаси Варнер Брос во време кога компанијата беше на работ на банкрот. Книгата Лесни јавачи, разбеснети бикови изнесува детали за снимањето на филмот. Ведли собра екипа од околу 100 луѓе од филмската сцена на Њујорк. Без пари да ја плати екипата, тој се согласи на шемата или двојно или ништо, според која екипата требаше да добие двојна плата, ако филмот успее, односно ништо, ако тој е фијаско. Ведли се обиде да направи филм за Хипиците исто колку и за музиката, слушајќи ги нивните чувства за настаните кои се случуваа истовремено со фестивалот (на пример, војната во Виетнам), како и ставовите на жителите од градот. Вудсток ја доби Академската награда за документарно остварување. Филмот се смета за културно значаен од страна на Библиотеката на конгресот на Соединетите Држави. Во 1994 година, Вудсток: Беше прикажан филмот Резот на директорот и проширен, вклучувајќи ја Џенис Џоплин, како и дополнителни настапи на Џеферсон Ерплеин, Џими Хендикс и Кенд Хиит, кои ги немаше во првичната верзија на филмот. Во 2009 година, филмот беше повторно прикажан на ДВД. Ова прикажување претставуваше прва можност филмот да се гледа на Блу-реи диск. Друг филм Вудсток со име Преземање на Вудсток беше снимен во 2009 година од страна на тајванскиот режисер на филмови, Енг Лии.

Албумите

Беа пуштени во продажба два албуми со музика од филмот. Првиот, Вудсток: музика од првичната верзија и повеќе, беше албум со 3 LP (лонг-плеи) плочи (подоцна 2 ЦД-иња), кој содржеше избор од една или две песни од повеќето од настапувачите на фестивалот. Една година подоцна, Вудсток 2 се појави во форма на два лонг-плеј албуми. Обата албуми вклучуваа снимки на најави на сцена (на пр., „[Речено ни е] дека кафената киселина не е нешто посебно добра“, „Еј, ако се концентрираме навистина силно, можеби ќе можеме да го запреме дождов.“) и извици од толпата (на пр., „напевот на дождот“) помеѓу песните. Во 1994 година, трет албум, Дневникот за Вудсток беше пуштен во продажба. Тонските записи од сите три албуми, како и бројни дополнителни, претходно необјавени настапи од фестивалот, но без коментарите од сцена и од публиката, беа повторно објавени од Атлантик како комплет од 4 ЦД-иња под име Вудсток: Три денови на мир и музика. Еден албум под име Џими Хендикс: Вудсток исто така беше објавен во 1994 година, во кој беа внесени само одбрани снимки на настапот на Џими Хендрикс на фестивалот. Подолг комплет, со два диска, Во живо од Вудсток (1999) ја прикажува речиси секоја песна изведена на настапот на Хендрикс, испуштајќи само две песни кои ги пееше неговиот ритам гитарист. Во 2009 година, Џо Кокер објави албум во живо на целиот негов настап на Вудсток. Албумот содржеше единаесет тонски записи, од кои десет не беа претходно објавени. Во 2009 година, целосните настапи на Сантана, Џенис Џоплин, Слаи енд д фемили стоун, Џеферсон ерплеин, и Џони Винтер беа објавени одделно од Сони БМГ/Легаси, а беа и собрани во една колекција насловена Доживувањето Вудсток. Исто така, во 2009 година Рино Рекордс издаде колекција од 6 ЦД-иња, Вудсток: 40 години подоцна: Назад на фармата на Јасгур, кој вклучува дополнителни музички настапи како и најави од сцена и друг дополнителен материјал.

Ден потоа

Макс Јасгур одби да ја изнајми неговата фарма за обновен концерт во 1970 година, велејќи: „Што се однесува до мене, јас се враќам на работата на мојата сточарско-млекарска фарма.“ Јасгур почина во 1973 година, но неговиот син сè уште ја води млекарската фарма. Гласачите во Бетел го исфрлија нивниот водач во избори одржани во ноември 1969 година, поради неговата улога во доведувањето на фестивалот во градот. Државата Њујорк и градот Бетел изгласаа бројни закони во однос на собири, со кои се спречува изведувањето на нови фестивали. Беа вложени напори да се спречи посетата на местото од страна на луѓето, при што сопствениците на фармата расфрлаа измет од кокошки, а за време на една годишнициа, трактори и полициски возила направија блокади на патиштата. 20 000 луѓе се собраа на местото во 1989 година за време на една импровизирана и неподготвена прослава на 20 годишницата на фестивалот. Еден месен жител постави споменик на местото, а во 1997 година една група од заедницата постави знак со посакување добредојде на посетителите. За разлика од Бетел, градот Вудсток се обиде неколкупати да ја претвори во пари својата озлогласеност. Ставот на Бетел се смени во последниве години и сега градот зборува со тон на прифаќање за фестивалот. Напорите доведоа до создавање на врска помеѓу Бетел и Вудсток. Приближно 80 судски спорови беа водени против фирмата Потфатот Вудсток. Со филмот се извршија финансиските израмнувања и се исплати долгот од 1.4 милиони долари што Потфатот Вудсток го имаше поради фестивалот.

Локацијата Вудсток денес На местото е поставена плоча во спомен на фестивалот. Полето и сцената се сочувани во нивната селска средина. На ридот е подигната концертна сала, а полињата на старата фарма на Јасгур сè уште ги посетуваат луѓе од сите генерации.

Во 1997 година, местото на концертот и 1 400 околни ари (5.7 км2) беа купени од Алан Греи, за да го создаде Уметничкиот центар во Бетел. Центарот се отвори на 1 јули 2006 година, со настап на њујоршката филхармонија. На 13 август 2006 година, Крозби, Стил, Неш енд Јанг настапија пред 16 000 обожаватели во новиот Центар - 37 години по нивниот историски настап во Вудсток. Музејот во Бетел се отвори во јуни 2008 година. Музејот содржи филм и интерактивни прикази, панели со текст и артефакти кои го истражуваат оригиналниот настан, фестивалот Вудсток, неговата важност како кулминирачка случка на деценијата полна со радикални културни трансформации, и наследство од шеесеттите и Вудсток денес.

40-годишнината на Вудсток

Имаше голем интерес на медиумите во целиот свет а 40-годишнината на Вудсток во 2009 година. Неколку активности во спомен на фестивалот беа одржани низ целиот свет. На 15 август, во Ценатрот за уметности во Бетел кој е со поглед на оригиналната локација, најголемиот собир на поранешни настапувачи на Вудсток од настапот во 1969 година беше одржан во еден осумчасовен концерт пред публика која ги имаше купено сите билети. Домаќин на концертот беше Кантри Џоу МекДоналд, а настапија Биг Брадер енд д холдинг кампани кои ги изведуваа хитовите на Џенис Џоплин (таа всушност и се појави на Вудсток со Козмик Блуз Беник, иако групата го промовираше тогаш поранешниот гитарист на Биг Брадер, Сем Ендру), Кенд Хиит, Тен Јиаз Афтер, Џеферсон Старшип, Маунтинм и звездите, групата Левон Хелм. На Вудсток, Левон Хелм свиреше тапани и беше еден од водечките вокали со Д бенд. Пол Кантнер беше единствениот од составот на Џеферсон Ерплени од 1969 година, кој се појави со Џеферсон Старшип. Том Константен, кој свиреше клавијатура со Грејтфул Дед на Вудсток, му се придружи на Џеферсон Старшип на сцената за неколку точки. Џоко Марселино од Ша На На исто така се појави, поддржан од Кенд Хиит. Ричи Хевенс, кој го отвори Вудсток фестивалот во 1969 година, се појави на посебен настап претходната вечер. Крозби, Стил, Неш енд Јанг и Арло Гатри исто така ја обележаа годишницата со настапи во живо во Бетел порано, во август 2009 година. Друг настан се случи во Хокраст, Кент (ОК), на забава наречена Лето на љубов, со настапувачи кои вклучуваа два од првичните настапувачи на Вудсток, Бери Мелтон од Кантри Џоу енд д фиш и Робин Вилијамс од Ди Инкредабл Стринг Бенд, плус придружните групи за Сантана и Грејтфул Дед. На 14 и 15 август 2009 година, концерт во чест на 40-годишнината на Вудсток фестивалот беше одржан во Вудсток, и тоа беше единствениот фестивал кој го доби благословот на „Отецот на Вудсток“, Арти Корнфелд. Корнфелд подоцна се појави на Вудсток со промотерите на настанот. Исто така, во 2009 година, Мајкл Ланг и Хоули Џорџ-Ворен го објавија Патот кон Вудсток, во кој е опишана вклученоста на Ланг во создавањето на музичкиот и уметничкиот фестивал на Вудсток, а вклучува лични приказни и цитати од централни личности вклучени во настанот.

Културни упатувања

Како еден од најголемите рок фестивали на сите времиња и културен репер за доцните шеесетти години, Вудсток е споменуван на многу различни начини во популарната култура. Фазата „Вудсток генерацијата“ стана дел од вообичаениот речник. Пофалби и критики за фестивалот започнаа речиси веднаш откако стивнаа звуците на музиката. Се вели дека Чарлс Шулц го крстил неговиот повторлив карактер, птицата Вудсток од Пинатс, во чест на фестивалот. Во април 1970 година, Мед магазин го објави „Го паметам, го паметам чудесниот Вудсток“ како пародија на сообраќајниот метеж и предизвиците за да се дојде доволно близу за да може да се чуе музиката. Во 1973 година, шоуто Нешанал Лампуунс Лемингс го прикажа фестивалот „Вудчак“, пародија на голем број од настапувачите во Вудсток. Современата култура продолжува да го памети Вудсток со „Ху на Вудсток во 1969 година“ на магазинот Тајм и неговата список на „10 врвни музички фестивалски мигови“ објавена на 18 март 2010 година. Во 2005 година, аргентинскиот писател Едгар Бро ја објави книгата Вудсток, долга поема во спомен на фестивалот. Англиски превод на таа поема беше објавен во јануари 2007 година од страна на Зборови без граници.