Црвено Поле
Црвено Поле — археолошко наоѓалиште кое се наоѓа 37 км североисточно од Струмица, на крајниот југоисток на Македонија, на самата граница со Бугарија, 15 км северно од општинскиот центар Ново Село и 8,5 км северно од селото Барбарево, во чиј атар и припаѓа.[1]
Местоположба
[уреди | уреди извор]Наоѓалиштето е сместено високо во пазувите на планината Огражден, на околу 1200 м надморска височина, во посебен микро-географски регион кој го сочинуваат неколку ридови во низа, со правец на простирање југоисток-северозапад. Ридовите меѓусебно се поврзани со благи преслапи, така што се добива впечаток дека станува збор за висорамнина што се спушта кон југ. Ваквата местоположба, заштитена од високите врвови на планината Огражден и падот на ридовите кон југ, овозможува целодневна изложеност на сонце, а истовремено и заштита од северните ветрови, што е посебно важно во текот на зимскиот период. Во околината има и неколку чешми, како и две помали реки, од кои едната тече во централниот дел и ја дели висорамнината на два дела, а другата ја врамува јужната страна. По брегот на рекичките се распослани обработливи земјоделски површини и пасишта. Околните повисоки планински масиви се обраснати со густа букова шума, богата со најразновиден дивеч, и истовремено извор на градежен материјал и огревно дрво. Сето ова го прави овој микро-регион погоден за живот. Ова го потврдуваат и 7 домаќинства од вкупно 13, колку што има селото Барбарево, најблиската современа населба. Тие летото го поминуваат на Црвено Поле, занимавајќи се со сточарство и одгледувајќи компири и жито.
Наоѓалишта
[уреди | уреди извор]На пет места досега се регистрирани архитектонски и духовно-материјални остатоци од минатото кои заокружуваат една компактна целина на организиран живот, кој се одвивал повеќе од шест века .
- Каструм
- Гуштерова Чукарка — некропола. Таа зафаќа површина од околу {{м2|5.000}}. Досега се истражени околу {{м2|750}}, при што во две истражувачки кампањи се обработени 81 гробови, од кои 77 се релевантни за научна анализа [2]. Основен и единствен ритус е спалување на покојниците.
- Спасова Чукарка — некропола. Таа била користена во доцната антика. На ова место заедницата на Црвено Поле продолжила да ги погребува своите покојници по прифаќањето на новиот систем на духовно и религиозно вреднување на животот.
- Градиште — збег. Се наоѓа на врвот од високиот и доминантен рид со стрмни и непристапни страни. Тоа било место каде во случај на опасност населението добивало заштита. Остатоците од темели зборуваат за силното укрепување на овој простор.
- Населба (Црвено Поле) — објекти од станбен и од стопански карактер. Реката Белогазица населбата ја дели на два дела: северен — „Јанина Чешма“ и јужен — „Папри“.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Tasić, N. Socijalno-ekonomski aspekti sahranjivanja u kulturama eneolita i ranog bronzanog doba jugoslavenskog podunavlja.- Materijali XX, Beograd 1985, p.55
- ↑ Истражувањата започнале во јули 2003 година. Со нив раководел потписникот на текстот а во ископувањата учествувале и Марјан Јованов од Институтот за археологија при Универзитетот Св.Кирил и Методиј и Трајче Нацев од НУ Завод и Музеј од Штип. Со таа кампања се откриле и обработиле 54 гроба. Истражувањата продолжиле и следната година, предводени од истата екипа, паралелно работејќи на населбата и некрополата каде што се откриле уште 27 гроба.