Царевна Миладинова
| Царевна Миладинова-Алексиева | ||
| Родена | Василка Миладинова 1 јануари 1856 Струга, Румелиски Пашалак, Османлиско Царство | |
|---|---|---|
| Починала | 18 декември 1934 (возр. 78) Софија, Царство Бугарија | |
| Сопружник | Никола Алексиев | |
| Татко | Димитар Миладинов | |
Царевна Миладинова (1 јануари 1856 - 18 декември 1934 ) — македонски просветен работник, еден од основачите на Солунската женска гимназија, авторка на првите правилници за работата на училиштата во Македонија.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Ран живот и образование
[уреди | уреди извор]Царевна Миладинова е ќерка на Димитар и Митра Миладинови.[2] Била крстена како Василка, а татко ѝ дал народно име, коешто гласи — превод од грчки — Царева. Подоцна, за време на нејзиното школување во Русија, името Царева ќе се русифицира во Царевна. При раѓањето на Василка, Димитрија не бил во Струга, туку на патување во Херцеговина, а потоа во Австроунгарија (Сремски Карловци и Нови Сад) и Србија. Враќајќи се прероден, најпрвин во својата куќа ги спроведува новите погледи. Ја наречува, Василка — Царева а втората ќерка Фросина ја наречува — Милица, а својот млад помошник во прилепската школа Ксенофон го наречува Рајко — Жинзифов.[3]
Првото образование го стекнала кај учителот Георги Икономов. Во 1866 година преку Битола и Константинопол, стигнала во Киев, каде што учела во Фундуклеевската класична гимназија. По завршувањето на гимназијата во 1874 година, заминала во Константинопол, од каде што била назначена за учителка во Шумен. Учителствувала и во Етрополе (1881) и во Свиштов (1882). Во овој период се омажила за учителот и трговец Никола Алексиев од Охрид, по што на своето презиме го додала и неговото, па во книжевноста од подоцнежниот период се сретнува како Царевна Миладинова-Алексиева.[4]
Учителска дејност
[уреди | уреди извор]
По основањето на Солунската женска гимназија „Свето благовештение“,[2] била назначена за управителка (1883/1884), а потоа за помошничка управителка и за учителка по книжевност (1884 – 1889). Во 1889 година Царевна одговорила позитивно на барањето на Прилепската црковна општина и организирала училиште за девојчиња во градот. Таа била директор од 1889 до 1891 година, а потоа повторно заминала во Солун, каде основала егзархиско училиште во маалата Пиргите, во јужниот дел на Солун.
Пребегнување во Бугарија
[уреди | уреди извор]Царевна пристигнала во Софија во 1913 година по Балканските војни, кога грчките власти ја протерале. Во Софија, главниот град на тогашното Царство Бугарија, таа се населиле во еден од квартовите каде што живееле многу македонски емигранти и бегалци од поранешните османски територии. На 18 декември 1934 година, на возраст од 78 години, Царевна Миладинова-Алексиева починала во Софија по кратка болест или несреќа, според некои извори.
Дела
[уреди | уреди извор]Царевна Миладинова-Алексиева е авторка на два правни акта:[5]
- Правилник за IV класните училишта во Македонија и Одринскиот вилает, кој не е датиран, но му припаѓа на XIX век
- Правилникот за женските училишта, подготвен во Прилеп за учебната 1890/1891 г.
Тие се врвен дострел на нејзиното општествено дејствување: нејзиното вклучување во образовниот процес, во неговото осмислување, реализирање, начинот на однесување, борбата за права на учителите и учениците, односно подготовката на законските акти, значело нејзино правно изедначување со мажите, авторите на дела од областа на правото.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Ковилоски, Славчо. „ПРАВИЛНИЦИТЕ ЗА УЧИЛИШТАТА НА ЦАРЕВНА МИЛАДИНОВА-АЛЕКСИЕВА“. Гласник на Институтот за национална историја. 1–2: 65–70.
- 1 2 Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска (2021). АРХИВИ НА НЕВИДЛИВИТЕ, Жените во печатот од Вардарска Македонијa помеѓу двете светски војни (PDF). Центар за истражување на национализмот и културата. стр. 124.
- ↑ Поленаковиќ 1952, стр. 169.
- ↑ Ковилоски, Славчо. „Книжевната и просветната дејност на Царевна Миладинова-Алексиева“. Спектар. 69: 44.
- ↑ „Царевна Миладинова-Алексиева“. Енциклопедија на македонската книжевност.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Поленаковиќ, Харалмпие (1952). Страници од македонската книжевност. Скопје: Кочо Рацин.