Прејди на содржината

Триконхос

Од Википедија — слободната енциклопедија
Триконхос

Триконхос (грчки: treis) - три и (грчки: konche) - школка - архитектонска градба чиј основен нацрт е со облик на трoлист[1].

Во средновековната сакрална архитектура, зграда со план во основата во облик на тролист, која се состои од три полукружни апсиди засводени со полукалоти, додека планот на централниот дел (кружен или квадрат) е засводен со крстест свод или купола.[2].

Во Поликонхална базилика на Плаошник изградена веројатно кон крајот на IV или почетокот на V век со огромни димензии, скоро колку едно фудбалско игралиште како и најголемиот број цркви во тоа време, била трибродна градба, чиј централен дел имал правоаголна форма, додека странично завршувала полукружно и била покриена со монументален свод а имала одделен простор за покрстување. Најимпресивното во оваа базилика е изградената крстилница (баптистериум) во триконхален облик и со извонредни мозаици каде се претставени антропоморфно четирите рајски реки: Гион, Фисон, Тигар и Еуфрат[3].

Со дејноста на Св. Климент Охридски е сврзано градењето на црквата и манастирот на Плаошник во Охрид. На почетокот за богослужбени потреби се користеле остатоци од една мала градба со триконхална основа, која што св. Климент ја обновил, а потоа кон неа бил дограден поголем “пронаос” со крстовидна форма, каде што подоцна бил погребен Светителот (916 г.).

Во почетокот на X век триконхалната црква од манастирот на св. Климент била искористена како идеален модел за изградба на црквата во манастирот на св. Наум на јужниот дел од Охридското Езеро.

Уште една црква со триконхална основа била изградена на брегот на езерото во месноста Горица близу Охрид, градба која најверојатно припаѓала на истиот период.

Во околината на селото Злести, триесеттина километри северно од Охрид, во месноста Долна Дебарца, исто така, се наоѓаат архитектонски остатоци од триконхална црква од истото време, а во околината на селото Издеглавје во месноста Горна Дебарца се откриени остатоци од двоконхална црква која што истражувачите, исто така, ја поврзуваат со времето на Св. Климент Охридски[4],[5].

  1. Baumgart Fritz: Mali leksikon arhitekture
  2. триконхос[мртва врска]
  3. Поликонхална базилика на Плаошник
  4. Со дејноста на Св. Климент Охридски е сврзано градењето на црквите[мртва врска]
  5. „Основа на разрушениот триконхос пред обновата од Св. Климент“ (PDF). Архивирано од изворникот на 2018-04-10. Посетено на 2020-09-05.