Света песна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Света Песна
АвторАнте Поповски
ЗемјаМакедонија
Јазикмакедонски
Жанрзбирка песни
ИздавачМАНУ
Издадена
2001

Света песна — збирка од 40 пеења и над 22 илјади песни од Анте Поповски, објавена во 2001 година.

Песната - „Македонија“[уреди | уреди извор]

М А К Е Д О Н И Ј А

1.

Стиснете ги тревките

неа ќе ја исцедите.

Наслоните се врз каменот

името ќе и го чуете.

Симнете се во рекине

дното со неа ќе ве почести.

Легните да починете

и ноќта со неа ќе ве покрие.

2.

На овој даб името ќе ти го напишам

дождовите да го симнат

жедните в земја

да ги напоиш.

На оваа нива грутка од тебе ќе посеам

класатка да никне

со неа внучињата да ни ги храниш.

На овој рид ќе те оставам

и кога ќе заминам

пак да те гледам

Голема.

3.

Еве ја таа проста земја

од дволичен камен

и сонце

Децата уште незаодени каде откопуваат

лобањи по градините

Еве ја таа проста земја

од пајажина

и од води

Мудро слободата кај што ги запишува

селските имиња

Место икони по црквите

И каде летото како судбина

Трае до последниот востанат

Еве ја таа проста земја

од заморено дишење

и од молк

Низ која времето одминува

и пак се враќа

Со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја

од грч

и од чекање

Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски

А никој не ја знае.

4.

Се искачија маглишта по ридон нагоре

– И месечината ќе ја украдат.

Долу по рекана,

Горе по добравана,

Одѕива полено којзнае кој век

Во војнички цокули обуено.

5.

За рик волчји и уплав на небињата мојата земја е создадена

Без чемреси и без божилак

До капка, три дена пред да се покаже над мојата земја

Гробишта облакот го исцицуваат

И црна сенка од нож место крст каменот што те покрива го сени

За вечни времиња.

Зашто ништо друго не му прилега на ова диво билје и црногорица

Освен да го чека недојденото.

6.

Се изнагледав месечина. Како капка мојата изгорена душа

Те испи за три животи напред и пак горам.

Истеков со сите реки и празни корита им донесов на морињата

– И за шпионот во твои меса ако се криел болка ме пече

Зашто, ти од малена не научи

Така просто, така јасно да си се разбираме

Тој нож што нема – среќа нема.

7.

3а неколку нови чекори недостижност

ме остави утринава зад тебе.

Чинам се делиме:

Твојот пат нагоре

мојот пат кон тебе води.

Стапни ме, во твоите корени скри ме

никојпат да не се разделиме.

Критички осврт[уреди | уреди извор]

Поезијата на Анте Поповски е специфична во својата метафорика со изграден посебен култ кон сликата, кон природата, кон навраќање на стварниот и имагинарниот амбиент пред универзалното, тој бил поет на својот народ, на Македонија. За него, Македонија е географски малата а културно и историски огромната, библиската земја. Тој нè учи како да ја сакаме, како да ја чувствуваме, и како да се гордееме со неа[1].

Наводи[уреди | уреди извор]