Самоилов натпис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Самоиловиот натпис
Фотографија од 19ти век на оригиналната плоча. Натписот се наоѓа во долниот десен агол
Современа копија (реплика) на плочата во Бугарија

Самоиловиот натпис претставува еден од најстарите кирилични натписи откриени на територијата на Македонија. Натписот е испишан на надгробната плоча на родителите на цар Самоил испишана во 992/3 година. Натписот кој бил испишан по наредба на цар Самоил, ги споменува имињата на неговите родители и неговиот брат Давид.

Моментално, надгробната плоча се наоѓа во Националниот археолошки музеј во Софија, Бугарија. Во 1916 за време на Првата светска војна бил пренесен од селото Герман, во близина на Преспанското Езеро во Грција. Димензиите на плочата се 125–130 cm висина, 52–67 cm широчина, и 7–10 cm дебелина. Натписот бил цитиран од повеќе историчари, како Фјодор Успенски, Јордан Иванов, и Николај Адонц.

Содржина[уреди | уреди извор]

Оригиналниот натпис со реконструитани делови во загради и расчитан со празни места, големи букви и интерпункциски знаци гласи:

✚ Въ имѧ Ѡт͠ьца и Съ-
и͠на и Ст҃аго Доу͠ха, а-
зъ, Самоипⷧь, рабъ Б͠ж[и,]
полагаѫ памѧть [ѡц]
ꙋ҃ и матери и брат[оу н-]
а кръ͠стѣхъ сих[ъ. Се]
имена оусъпъш[ихъ: Ни-]
кола рабъ Бж҃и, [Риѱими-]
ѣ, Давдъ. Написа[но се въ]
лѣто отъ сътво[рениѣ миро-]
у ҂ꙅ҃⁖ф҃а҃· инъди[кта ꙅ҃]

Преведен на современ македонски јазик гласи:

"Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, јас, Самоил, раб Божји, полагам помен на татко ми и мајка ми и брат ми на овој крст. Ова се имињата на покојните: Никола, раб Божји; Рипсимија и Давид. Се напиша во годината од создавањето на светот 6501, индикт VI."