Планинско-сточарска носија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Носијата на планинското сточарско население, во која се забележуваат зачувани елементи од старобалканската сточарска носија, се одликува со облеки од волнена валана ткаенина клашна, најчесто во природна бела, поретко во темна самоцрнка боја, со специфични украси од темномодри или црни гајтани. Облеките на машката носија се бројни и разновидни. Меѓу најстарите облеки спаѓаат: ленена или конопна кошула, широка бела клашнена долама или рамно кроена темна ресачка, валанка, ќурдија - долги до колена, како и тесни бели чакшири - бечви или само ногавици - ѕиври. Распространета била и сточарската облека од дебела ткаенина - гуња, сакма, зоган со ќулавка од која има повеќе видови, најчесто носена како наметка. Се носеле и други облеки со куси ракави или без нив, со и без преклоп на градите - гуњче, елек, џамадан, фермеле, з'банче и кожна капа шубара.