Општ поим на заболувањето

Од Википедија — слободната енциклопедија

Што претставува заболувањето[уреди | уреди извор]

Постојат повеќе обиди за дефинирање на заболувањето. Една од таквите дефиниции е дека заболувањето претставува нарушување на нормалниот живот на организмот под влијание на штетните фактори (агенси) и се одликува со намалена работна способност и намалено прилагодување кон надворешната средина. Попроста дефиниција на заболувањето би била – дека тоа претставува отстапување од нормалното. Меѓутоа, не постои точна дефиниција која става остра граница меѓу здравјето и заболувањето. Така на пример, зголемениот физички напор доведува до нормално забрзување на срцевата работа и дишењето. Од друга страна, забрзаната срцева работа и забрзаното дишење, ако се јави во мирување, може да претставува знак на тешко заболување на срцето. Друг таков пример е зголемување на срцевиот мускул. Срцето нормално, физиолошки се зголемува кај тренираните спортисти. Тоа значи дека заболувањето не е само обично отстапување од нормалното, туку истовремено претставува нарушување на способноста на организмот за прилагодување кон штетните влијанија на средината. Притоа, отстапувањето од нормалното е придружено со нарушување на функцијата на организмот.

Периоди на заболувањето[уреди | уреди извор]

Заболувањето се одвива преку 4 периоди и тоа:

  • латентен
  • продромален
  • манифестен и
  • завршен период.


Латентниот период (latens-скриен) претставува време на заболувањето од моментот кога организмот доаѓа во допир со штетниот агенс до појавувањето на првите симптоми на заболувањето. Должината на латентниот период зависи од видот на штетниот агенс. Кај инфективните заболувања латентниот период се нарекува инкубационен период – incubatio. Во латентниот период организмот е привидно здрав, иако во него се води борба за уништување или отстранување на штетниот агенс. Ако во тоа организмот не успее, настанува следниот период на заболувањето – продромален период.
Продромален период. Во овој период од болеста се јавуваат симптоми кои не се карактеристични за одредено заболување. Затоа овие симптоми се неспецифични. Такви се: главоболие, изнемоштеност, губење на апетит, нервозност, некарактеристична треска и др. Од ова се гледа дека овие неспецифични симптоми најчесто се исти за многу видови заболувања. Во овај период организмот со своите одбранбени механизми се стреми да го уништи предизвикувачот на заболувањето. Ако во тоа успее, заболувањето завршува во овој период и настанува оздравување. Во спротивно настанува манифестниот период на заболувањето.
Манифестен период на заболување претставува таков клинички стадиум, кога се јавуваат главните и карактеристични знаци за одредено заболување. Манифестниот период за различни заболувања е различен. Според траењето на овој период заболувањата се делат на:

  • акутни
  • субакутни
  • хронични.

Акутните заболувања најчесто траат до 4 недели или помалку. Времетраењето на “’субакутните зболувања”’ изнесува од 4 до 8 недели. Хроничните заболувања траат повеќе од два месеца, години и повеќе децении. Кај хроничните заболувања можат да се јават периоди кога заболувањето е привидно излекувано. Привремено стивнување на симптомите кај хроничното заболување е наречено ремисија. Повторно манифестирање на заболувањето по клиничко оздравување се вика рецидив.
Завршен период на заболувањето може да настане преку целосно или нецелосно оздравување, да премине во патолошка состојба и да настапи смрт (exitus letalis). Целосно или нецелосно оздравување. Целосното оздравување претставува враќање на организмот во правобитна состојба, со исчезнување на знаците на заболувањето. Кај нецелосното оздравување заболувањето сè уште трае, но во организмот се вклучуваат механизми за надоместување (компензација), кои овозможуваат нормална фукнкција поради воспаление на орган или органи. Така на пример, при намалена функција на еден бубрег, другиот бубрег се зголемува и ја надоместува функцијата на уништениот бубрег. Преминување во патолошка состојба. Кај оваа состојба основното заболување е излекувано, но остануваат трајни промени кои се нарекуваат патолошка состојба или компликација. Така на пример, скарлатината која претставува стрептокова инфекција на грлото, може да се компликува со патолошка состојба на бубрезите во вид на воспаление – гломерулонефрит. Смртта е последица на престанокот на функцијата за живот на важни органи, а особено центарлниот нервен систем. Смртта настапува откако способноста на организмот за прилагодување ќе се исцрпи. Умирањето претставува процес кој се состои од неколку последователни етапи. Непосредниот период пред умирањето се вика терминален. Тој минува низ:

  • преагонална состојба
  • агонија
  • клиичка смрт и
  • биолошка смрт.

Во преагоналната состојба настанува следното: крвниот притисок опаѓа, дишењето е забрзано, често неправилно. Работата на срцето се забрзува. Сознанието најчесто е зачувано, а исто така и рефлексите. Агонална фаза (agon – борба). Во агонијата сознанието почнува да се губи. Се намалуваат сите витални функции: исчезнувањето на рефлексите кон надворешните дразби, а срцето работи со забрзан ритам, пулсот не се чувствува, крвниот притисок станува многу низок. Дишењето е плитко и сосема неправилно. Исто така постои тенденција кон оладување на телото. Агонијата трае од неколку часа до неколку дена.
Клиничката смрт е фаза во која престануваат виталните функции и работата на срцето. Крвниот притисок е рамен на 0. Со еден збор гаснат сите надворешни знаци на живот. Овие фази на умирање се изучуваат затоа што со навремена примена на современите методи на медицината е можно оживување дури и ако настапила клиничка смрт.
Биолошка смрт се разликува од клиничката смрт по тоа што веќе не е можно оживување. Во оваа фаза се исчезнати сите животни функции, што е резултат на наполно престанување функцијата на виталните центри во мозокот.