Прејди на содржината

Обврски за кредитирање

Од Википедија — слободната енциклопедија

Обврски за кредитирање (англиски: loan commitments) претставуваат неформални или формални договори со кои банката ветува или се обврзува дека, во рамките на определен временски период, ќе одобри кредит по барање на клиентот. Бидејќи претставуваат можна кредитна изложеност во иднина (која не мора да се оствари), обврските за кредитирање се евидентираат надвор од билансот на состојбата, односно спаѓаат во групата на вонбилансни ставки.

Одлики и видови

[уреди | уреди извор]

Обврските за кредитирање може да се јават во форма на формален или неформален договор меѓу банката и нејзиниот клиент. Ако се работи за неформален договор, банката не е обврзана да го исполни ветувањето, т.е. може во секое време да се повлече, и тоа без посебно објаснување. Но, ако станува збор за формален договор, тогаш банката мора да му одобри кредит на клиентот тогаш кога тој ќе побара, односно не може еднострано да го раскине договорот. Всушност, кај формалните договори однапред се пропишуваат условите под кои банката може да го раскине договорот (на пример, значително влошување на финансиската положба на клиентот).

Обврските за кредитирање се однесуваат на кредитните линии и обновливите кредити кои банките им ги одобруваат на претпријатијата и на населението. На пример, голем дел од кредитите за обртни средства се одобруваат во вид на рамковни кредити. Исто така, во оваа група спаѓаат кредитни картички и дозволените пречекорувања на тековните сметки. Меѓутоа, во групата на вонбилансни активности спаѓаат само неискористените кредитни линии, додека искористените износи претставуваат одобрени кредити.

На пример, ако некој човек на својата тековна сметка има дозволено пречекорување од 30.000 денари, тоа значи дека тој има право да повлече кредит од банката во износ до 30.000 денари. Овде станува збор за неотповиклива обврска за кредитирање, зашто во нормални околности банката мора да го кредитира клиентот, т.е. не смее да го спречи да ги повлече парите тогаш кога тој ќе посака. Ако човекот искористил 20.000 денари од дозволеното пречекорување на тековната сметка, тоа значи дека банката му одобрила кредит во наведениот износ. Остатокот од 10.000 денари претставува условна кредитна изложеност на банката, зашто клиентот може, но не мора да ги повлече парите. Затоа, неискористениот износ не може да се смета за кредит и не може да се бележи во билансот на состојбата, туку претставува вонбилансна изложеност.

Изложеност на кредитен ризик

[уреди | уреди извор]

Бидејќи неискористените кредитни линии претставуваат можна кредитна изложеност во иднина, тие се земаат предвид при пресметката на средствата на банката кои се изложени на кредитниот ризик. Притоа, кредитните линии кои можат во секој миг да се отповикаат се претвораат во кредитни еквиваленти со фактор од 0%, зашто за нив се смета дека не носат никаков кредитен ризик. Од друга страна, неотповикливите рамковни кредити во врска со кредитните картички и тековните сметки се претвораат во кредитни еквиваленти со фактори од 20% и 50%, во зависност од рочноста.

Покрај кредитниот ризик, обврските за кредитирање ја изложуваат банката и на ризикот од неликвидност, зашто кога поголем број клиенти истовремено повлекуваат кредити, банката може да се најде во состојба да нема доволно пари на својата сметка, така што мора итно да позајми на пазарот или од централната банка.[1]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 347-348.