Мусандра

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мусандра – голем ѕиден плакар со прегради, украсен со резба; обично за чување постелнина.[1] Мусандрата се поставува во линија со еден од внатрешните ѕидови до влезната врата на просторијата и е составена од неколку долапи и украсни полици. Заради функционални потреби формирани се мусандрите и служат за складирање на предмети од покуќнината, а во отворениот централен дел на мусандрата се поставуваат украсни предмети. Мусандрите се поставуваат во одаите, на првиот или на вториот кат (многу ретко во приземјето), во зависност од концепцијата на објектот за живеење. Мусандрата во одреден случај формира целина со влезната врата на одајата. Понекогаш се додава украсен дел над вратата. Во линија под горните долапи се формирани мали долапи, кои ја следат формата на горните делови. Мусандрата е составена од повеќе делови-долапи кои се поделени на основа на применетата симетрија: • Симетричниот тип содржи средиштен дел на долапот, околу кој странично се поставени украсни отвори. • Асиметричниот тип претставува комбинација на долапи (со еднокрилна или двокрилна врата), украсни полици и амамџик. Површините на вратата на мусандрата, украсени се со геометриски мотиви (праволински, квадратни или триаголни), со симетрични и пропорционално поделени полиња. Кај некои мусандри постои декоративна рамка во вертикален или хоризонтален правец, кој во одреден случај се поврзува со линијата од ѕидната полица. Малите вградени отвори на средината на мусандрата, се користат за поставување на украсни предмети давајќи динамика на целиот декоративен систем.

Наводи[уреди | уреди извор]