Микрозаштита од ризици

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Микрозаштита од ризици (англиски: microhedging) претставува употреба на финансиските деривати за заштита од ризикот на некоја конкретна трансакција, средство или обврска. Притоа, финансиските деривати може да се употребат за заштита на некое од постојните средства или обврски од билансот на состојбата, или пак, за заштита на некој иден паричен прилив или одлив.

Пример за микрозаштита од каматен ризик[уреди | уреди извор]

Да претпоставиме дека една банка очекува паричен прилив од 3 милиони долари, при што планира парите да ги инвестира во евродоларски депозит, орочен на три месеци. Во исто време, да претпоставиме дека тековната пазарна каматна стапка изнесува 2,85% и се очекува таа да се намали во наредниот период. Тогаш, банката е изложена на каматен ризик, бидејќи, ако се остварат предвидувањата, таа ќе мора да ги инвестира доларите по пониска каматна стапка од тековната.

За да се заштити од ризикот од намалување на каматните стапки, банката одлучува да заземе долга позиција на пазарот на фјучерси, т.е. да купи три фјучерс-договори, засновани на тримесечни евродоларски депозити. На пример, да земеме дека банката ги купува фјучерсите по цена од 96,95 индексни поени, што подразбира каматна стапка од 3,05%.

Понатаму, да претпоставиме дека предвидувањата за опаѓање на каматните стапки навистина се оствариле, така што на денот кога банката го добила најавениот паричен прилив, каматната стапка на тримесечните евродоларски депозити изнесува 2,25%. Оттука, банката е принудена да ги инвестира средствата по новата, пониска каматна стапка, при што нејзината изгубена добивка изнесува:

3 000 000 х (0,00285 – 0,0225) х 91/360 = 4 550 долари.

Меѓутоа, на истиот ден, банката ја ликвидира фјучерс-трансакцијата така, што ги продава фјучерсите. Притоа, опаѓањето на каматните стапки довело до пораст на цената на фјучерсите, на пример, на 97,65 индексни поени, што одговара на каматна стапка од 2,35%. Според тоа, каматната стапка на пазарот на фјучерси се намалила за 70 основни поени. Имајќи предвид дека намалувањето на каматната стапка на фјучерсите за еден основен поен одговара на пораст на цената на фјучерсите за 25 долари, тоа значи дека на секој фјучерс-договор банката заработила по 1 750 долари (70 х 25), односно нејзината добивка од трите фјучерс-договори изнесува 5 250 долари. Како што се забележува, преку трансакциите на пазарот на фјучерси, банката успеала да ја покрие изгубената добивка од пазарот на евродоларски депозити, па дури и нешто да заработи.[1]

Притоа, микрозаштитата од ризиците ги вклучува следниве трансакции:

Денес: Очекуван прилив = 3 милиони долари. Тековна каматна стапка = 2,85%. Купување три фјучерс-договори по цена од 96,95.

Иднина: Орочен евродоларски депозит по каматна стапка од 2,25%. Продавање три фјучерс-договори по цена од 97,65.

Финансиски резултат: Изгубена добивка од 4 550 долари на пазарот на евродоларски депозити. Добивка од 5 250 долари на пазарот на фјучерси.

Нето-ефект: 5 250 – 4 550 = 750 долари (добивка).


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 420-421.