Мениерова болест

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Мениерова болест
Oreille Interne.png
Класификација и надворешни извори
Специјалност Оториноларингологија
МКБ-10 H81.0
МКБ-9 386.0
OMIM 156000
DiseasesDB 8003
MedlinePlus 000702
eMedicine emerg/308
MeSH D008575

Мениерова болест, ендолимфатичен хидропс, хидропс на лавиринтот, (лат. Morbus Menierе) е хроничнo нарушување во внатрашното уво кое, иако сериозно го нарушува животот на пациентот, не е фатално. Според Американската академија за оториноларингологија, за Мениеровата болест се карактеристични четири главни симптоми, кои се појавуваат со различен степен на интензитет: вертиго (вртоглавица), губење на слухот, тинитус (зуење или шум во ушите) и чувство на наполнети уши.[1]

Фазите во развојот на Мениеровата болест се движат од лесни почетни знаци и симптоми, па сè до тешки напади на вртоглавици и потполно губење на слухот, ако не се лечи болеста.

Оваа болест, најверојатно, се создава поради нарушување на микроциркулацијата во лавиринтот на увото.[2] Наглувоста е променлива, но со време напредува. Најголем број болни се на возраст меѓу 40 и 60 години. Околу 40.000 нови случаи на Мениерова болест годишно се дијагностицираат само во САД. Околу 3% од болните со оваа дијагноза се деца. Болеста почесто се појавува кај жени. Кај некои жени се појавува подобрување на симптомите во текот на бременоста. При околу 5% случаи со Мениерова болест, постои позитивна семејна анамнеза која укажува дека постои генетска компонента со оваа болест. Иако кај повеќето случаи Мениеровата болест се појавува еднострано, без доминација на левото или десното уво, сепак во околу 10-50% болни, симптомите може да се појават и на спротивното уво.[3][4]

Историја[уреди | уреди извор]

Проспер Мениер прв ја опишал болеста во 1861 година

Францускиот лекар Проспер Мениер (Prosper Ménière, 1799 — 1862) прв ја опишал оваа болест во 1861 година, и ја поврзал со промени во внатрешното уво.[3] Имено, по долги и систематски набљудувања на промените кај повеќе од 60 болни со слушно-вестибуларна криза, ги објавил своите забележувања во четири последователни статии во едно медицинско списание во Париз, во 1861 година. Во овие статии докажал дека при некои болести со вртоглавица и нарушување на слухот, процесот не е локализиран во мозокот, како што се сметало претходно, туку во внатрешното уво. Случаите кои ги опишал Мениер всушност биле крвавења во внатрешното уво предизвикани од леукемија.

Во 1895 година, оваа болест во чест на Проспер Мениер, кој прв ја опишал, добила име Мениерова болест.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Sajjadi H, Paparella MM. Meniere's disease. Lancet. Aug 2 2008;372(9636):406-14. [Medline].
  2. B. H. Colman, Chapter 19: Ménière's disease
  3. 3,0 3,1 Тодор Широв, Мениерова болест, www.medinfo.bg
  4. Crane BT, Schessel DA, Nedzelski J, Minor LB. Peripheral vestibular disorders. In: Cummings CW, Flint PW, Haughey BH, et al, eds. Otolaryngology: Head & Neck Surgery. 5th ed. Philadelphia, Pa: Mosby Elsevier;2010:chap 165.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Класификација
П · Р · П
Надворешни извори