Каматен под

Од Википедија — слободната енциклопедија

Каматен под (англиски: interest rate floor) претставува договор меѓу две страни каде што купувачот на каматниот под прима определен надомест од продавачот (потписникот) доколку референтната каматна стапка падне под некое минимално ниво. Каматниот под спаѓа во групата на финансиски деривати и претставува еден вид опција.

Особености[уреди | уреди извор]

Со договорот за каматниот под се утврдуваат номиналната вредност на која ќе се врши пресметката, висината на каматниот под (извршната цена), датата на пресметката, премијата и рокот на важење на договорот. Ако на пресметковната дата, тековната каматна стапка е пониска од извршната цена, потписникот на каматниот под се обврзува да му исплати одреден надомест на купувачот на подот. Ако пак пазарната каматна стапка е повисока од извршната цена, купувачот на каматниот под не добива ништо. И во овој случај, купувачот на каматниот под му плаќа на продавачот одредена премија, изразена како процент од номиналната вредност на договорот. Премијата го претставува трошокот на заштитата од каматниот ризик.

Заштита од каматен ризик[уреди | уреди извор]

Каматниот под му гарантира на купувачот некоја минимална каматна стапка и, на тој начин, тој ја ограничува неговата изложеност на ризикот од опаѓање на каматните стапки. Со други зборови, купувачот на каматниот под е сигурен дека неговите каматни приходи нема да паднат под некое одредено ниво. Во таа смисла, каматниот под претставува продажна опција што гласи на некоја каматна стапка, затоа што му овозможува на купувачот да заработи некоја загарантирана каматна стапка. И во овој случај, бидејќи пресметката на каматата и евентуалната исплата на обесштетувањето се врши во одредени временски интервали, договорот за каматен под, всушност, претставува серија од поединечни продажни опции со иста извршна цена.

Пример за каматен под[уреди | уреди извор]

Ако една банка одобрува кредити по променливи каматни стапки, врзани за некоја референтна каматна стапка (на пример, ЛИБОР), тоа значи дека таа е изложена на ризикот од намалување на каматните стапки. Оттука, банката може да купи договор за каматен под (со номинална вредност од 20 милиони долари и со интервал на пресметка од шест месеци) кој гласи на ЛИБОР во висина од 5%. Ако по истекот на првите шест месеци, ЛИБОР изнесува 4,35%, во тој случај, бидејќи тековната каматна стапка е пониска од каматниот под, банката ќе добие отштета во висина на разликата меѓу пазарната каматна стапка и каматниот под, сето тоа помножено со номиналната вредност на договорот. Значи, на првата пресметковна дата, банката ќе добие 65 000 долари (0,0065 х 20 милиони х 180/360). Ако на втората пресметковна дата, по истекот на следните шест месеци, ЛИБОР пораснал на 5,16%, нема да има никакво плаќање меѓу двете страни на договорот.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 439-440.