Калчр девелопмент (музичка група)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Калчр девелопмент[1] - македонска емо рок група формирана во 2011 година во Скопје.

Калчр девелопмент (Culture Development)
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровирок, алтернативен рок, емо, емо-панк, пост панк, пост-хард-кор
Период на активност2011 година - денес
Мреж. местоhttps://www.facebook.com/culturedevelopmentmk/
Членови
Александар Макаловски - гитара и вокал
Стефан Дојчиновски - тапани и вокал
Никола Исаиловски - бас-гитара и вокал
Поранешни членови
Алек Костенаров - бас-гитара и вокал

Историја[уреди | уреди извор]

Калчр девелопмент за официјален почеток на својата работа го земаат датумот 3 декември 2011 г., денот кога на една од пробите на бендот, Александар се појавил со новата гитара, која патем ја чекале еден месец, а поради што членовите биле спречени да одржуваат вистински проби. Од тој момент, Алек Костенаров (бас-гитара и вокал), Александар Макаловски (гитара и вокал) и Стефан Дојчиновски (тапани и вокал), поинтензивно почнале да вежбаат и да подготвуваат музички материјал.

Во март 2012 година, Калчр девелопмент во импровизирани услови го снимиле своето прво демо со четири песни и започнале со интензивни концертни настапи. Најчесто свиреле во Македонија, пред сè како загревања на гостувањата на англиските состави „Beatrap“ и „Witchkult“ и на полскиот состав „Keira Is You“, а во јули истата година за првпат настапиле и во соседна Србија, во Краљево, заедно со Хахаха. Веќе во август, членовите на групата влегле во домашното студио на Дени Крстев, па во продукција на Ненад Трифуновски-Трипе, го снимиле својот прв албум. Десетте емо-кор теми под заедничко име The 3 Of Us, тој месец ги објавил колективот „Направи заедно“.

По објавата на албумот, на почетокот од 2013 година, следувала и дванесетдневна балканска турнеја, низ Словенија и низ Србија, заедно со бендот Фонија. Новиот материјал групата го снимила во старата постава и на старото место, во периодот јуни – август 2013 година. Овојпат сработиле петнаесет пост-хард-кор теми, сите отпеани на англиски јазик, кои под наслов You, Me And Nobody Else повторно ги објавиле „Направи заедно“.

Квалитетните настапи што претходно ги имале, особено во Словенија, му донеле на бендот и понуда за издавање нов материјал, па во јануари 2014 година, повторно со истата екипа соработници, групата снимила уште три нови песни, а една од нив, Губејќи ја, за првпат била испеана на македонски јазик. Токму оваа песна, заедно со The colour of your skin од последниот албум, биле дел од дигиталната интернационална компилација Together We’Re Stronger како поддршка на луѓето во поплавените подрачја во екс Југославија, објавена во јануари 2014 година.

Новоснимениот материјал, заедно со уште три песни на Фонија, во март 2014 година бил објавен како сплит 12”EP Магла. Го издале словенечката „Гиљотина“ и македонската издавачка куќа „Направи заедно“, а дизајнот на изданието го изработила Кристина Горовска. Со оглед на малиот тираж, 140 винили (од кои неколку примероци биле и во колор-варијанта) и 100 цедеа, изданието било целосно распродадено уште на заедничката промотивна европска турнеја, која во текот на март 2014 година траела дваесет и пет дена. Концертната година групата ја завршила со извонреден настап на фестивалот „Слободна зона“, на 30 август 2014 г. во Виница.

На почетокот од 2015 година, Алек Костенаров го напуштил бендот и се посветил на кантавторска кариера. Негова замена бил Никола Исаиловски-Фет од бендот Новиот почеток. Со него, во периодот мај – септември во студиото „MaryPhat“, во продукција на Ивица Јанкуловски - Штраф, групата снимила десет песни, за првпат сите на македонски јазик. Како гостин на две од песните запеал Неврус Бајрам. Дизајнот на албумот го изработил Филип Тасевски-Фиц, а фотографијата што била употребена на насловната страница е дело на Зденко Петровски. Во ноември 2015 година, албумот под име Еднаш свет изградив... заеднички го објавиле издавачките куќи „Дип“ и „Кран“.

Дискографија[уреди | уреди извор]

Наслов Година
The 3 Of Us 2012
Dangerous Melodies From Macedonia Vol.1 / Friend 2013
You, Me And Nobody Else 2013
Split (со Фонија) / Магла 2014
Еднаш свет изградив... 2015
Март, до следен пат 2016
За некој друг 2019

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Филиповски, Тошо (2018 година). Македонска рок енциклопедија (1963 - 2018). Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 164, 165. Проверете ги датумските вредности во: |year= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]