Еврејски гробишта (Скопје)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Еврејски гробишта во Скопје — некогашни гробишта на еврејската заедница, кои постоеле на висорамнината покрај старото село Долно Водно во Скопје. До нив се доаѓало по скали, поради што добивале монументален изглед. Опис за самите гробишта дал книжевникот Жак Конфино, кој ги посетил гробиштата во 1937 година и забележал дека на влезот стоела мермерна плоча на која пишувало дека гробиштата се стари скоро пет векови. При таа посета, Конфино и неговиот придружник, хахамот Бехар, не направиле никаков препис на текстовите на старите гробови, освен тој на гробот на Натан од Газа, иако повеќето натписи биле избришани и само понекаде можеле да се најдат траги од букви. Ова се случувало поради навиката гробните споменици да се поставуваат водорамно и бидејќи спомениците биле изработени од камен-варовник.

Во хебрејските извори се споменувале две еврејски гробишта, старото и новото, уште во XVI век. Скопскиот рабин, во седумдесеттите години на XVI век, донел одлука дека земјата од старите гробишта не смее да се употребува за правење цигли.

Еврејските гробишта во Скопје повеќе не постојат, додека селото Долно Водно веќе е дел од Скопје. Поголемиот број на скопските Евреи завршиле во концентрацискиот логор Треблинка, а нивниот гроб не се знае.

Околу 1960 година на главните скопски гробишта е осветен споменик на жртвите на фашизмот, украсен со еврејски симболи — седмокрак свеќник („менора“) и Давидов штит („маген Давид“). На споменикот се забележува и симболот на трагедијата — бодликава жица и оџак. Натписот е на хебрејски и македонски јазик.

Галерија[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Плима и слом; Жени, Лебл; Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија; ISBN 978-608-65129-6-5; Скопје, ноември 2013 година.

Поврзано[уреди | уреди извор]