Дисконтни хартии од вредност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Дисконтни хартии од вредност (англиски: discount securities) се кусорочни хартии од вредност кои не носат посебна камата, туку се продаваат по пониска цена од нивната номинална вредност (face value, par value) и оваа разлика ја претставува заработката (приносот) што ја остварува сопственикот на овие хартии од вредност. Во групата на дисконтни хартии од вредност спаѓаат: државни записи, комерцијални записи, банкарски акцепти итн.

Дисконтни приноси[уреди | уреди извор]

Стапката на принос на овие хартии од вредност се нарекува дисконтна стапка (discount rate) и се пресметува според следнава формула:[1]

DR = (FV - P)/FV x 360/n

каде што: FV претставува номиналната вредност, P е цената по која се продава (купува) хартијата од вредност и n е преостанатиот рок до достасувањето, изразен во број на денови.

На пример, ако еден државен запис со номинална вредност од 10 000 денари се продаде по цена од 9 920 денари, при што остануваат уште 60 денови до рокот на достасувањето, тогаш дисконтната стапка се пресметува на следниов начин: (10 000 - 9 920)/10 000 х 360/60 = 0,048. Значи, дисконтната стапка изнесува 4,8%, годишно.

Главниот недостаток на дисконтните приноси се состои во тоа што при нивната пресметка, како основа служи номиналната вредност, наместо цената по која тие се купени. Освен тоа, во формулата се зема како годината да има 360 денови, т.е. приносот не се пресметува со вистинското траење на годината. Оттука, дисконтните приноси не се споредливи со стапките на принос на каматоносните хартии од вредност, т.е. тие ја потценуваат вистинската стапка на принос што ја остварува инвеститорот.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 280-281.