Банкарски акцепти

Од Википедија — слободната енциклопедија

Банкарскиот акцепт (англиски: Banker's acceptance, скратено: BA) претставува меница што е прифатена за исплата од страна на некоја реномирана банка. Банкарските акцепти спаѓаат во групата на дисконтни хартии од вредност, т.е. се продаваат по цена што е пониска од нивната номинална вредност. Исто така, тие претставуваат кусорочни хартии од вредност при што роковите на достасување вообичаено се движат од еден до девет месеци.

Појавата на банкарските акцепти е поврзана со финансирањето на меѓународната трговија, односно, овие меници ги издаваат претпријатијата кога вршат увоз или извоз на стоки и услуги. Притоа, кога меницата ќе биде прифатена за исплата од некоја банка, таа станува главен меничен должник и тоа го зголемува квалитетот на акцептот, со што тој станува привлечен за инвеститорите, така што не мора да се чека крајниот рок на достасување на акцептот, туку тој може да се продава на секундарниот пазар. Од аспект на инвеститорите, банкарските акцепти се многу привлечни инструменти заради нивниот низок кредитен ризик и активниот секундарен пазар. Оттука, банкарските акцепти носат ниски стапки на принос, кои се малку повисоки од оние на државните записи.[1] Бидејќи банкарскиот акцепт претставува меница за која како главен меничен должник се јавува некоја угледна банка, овој инструмент долго време бил масовно употребуван во надворешната трговија, овозможувајќи им на извонзиците да го намалат кредитниот ризик на увозниците. Меѓутоа, во 1990-тите, владините агенции и приватните осигурителни фирми започнале да нудат кредитно осигурување на извозот, а со тоа се намалиле привлечноста и побарувачката на банкарските акцепти. На пример, едно истражување покажало дека износот на недостасаните банкарски акцепти во САД се намалил од 50 милијарди долари во 1990 година на 10 милијарди во 2000 година.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 273.
  2. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 344.