Прејди на содржината

Богови и чудовишта (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Богови и чудовишта“ (англиски: Gods and Monsters) – филм на режисерот Бил Кондон (Bill Condon) од 1998 година, а Кондон е и автор на сценариото, засновано врз романот „Таткото на Франкенштајн“ (англиски: Father of Frankenstein) на Кристофер Брем (Christophera Brama). Главните улоги ги играат: Ијан Мекелен (Ian McKellen), Брендан Фрејзер (Brendan Fraser), Лин Редгрејв (Lynn Redgrave), Лолита Давидович (Lolita Davidovich), Дејвид Дјукс (David Dukes), Марк Кили (Mark Kiely), Џек Плотник (Jack Plotnick), Џек Бејтс (Jack Betts) итн. Филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во три категории, а победил само во категоријата за најдобро адаптирано сценарио. Исто така, филмот ја освоил и наградата „Златен глобус“ за најдобра споредна женска улога (Редгрејв). Филмот ги прикажува последните денови на режисерот Џејмс Вејл, а Кондон успеал да создаде сугестивно и стилизирано дело со извонредна атмосфера и со одлични глумечки креации.[1]

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Во 1957 година, познатиот режисер на хорор-филмови од 1930-тите и 1940-тите, Џејмс Вејл (го игра Мекелен), живее на раскошен имот за кој се грижи слугинката Хана (ја игра Редгрејв). Вејл е циничен човек со остар јазик, а пред речиси две децении се повлекол од филмот. Хана е незадоволна поради тоа што Вејл често во својата вила прима посети на млади мажи. Неодамна, тој преживеал мозочен удар, а како последица на тоа има чести несвестици и халуцинации, поради што е свесен дека наскоро би можел да умре. Еден ден, на неговиот имот се вработува нов градинар, поранешниот маринец, згодниот Клејтон Бун (го игра Фрејзер), а Вејл ведаш го забележува, иако Клејтон не знае ништо за неговата сексуална ориентација. Кога режисерот му предлага да му позира како сликарски модел, Клејтон почнува да се сомнева, но сфаќа дека Вејл го интригира, па дури и го воодушевува на посебен начин, така што сепак прифаќа да му позира...

  1. Bogovi i čudovišta, američko-britanski film (пристапено на 7.5.2022)