Александар Морфов
Александар Василев Морфов (бугарски: Александър Василев Морфов) — бугарски композитор, поет, публицист и воен офицер. Тој се смета за еден од пионерите на бугарската народна музика и татко на бугарската воено-народна песна. Морфов е автор на Маршот на македонските револуционери, т.н. „Изгреј зора на слободата“ која исто така е првата химна на Народна Република Македонија.
Тој е роден на 13 јануари 1880 година во Стара Загора, Источна Румелија. Александар е брат на бугарската оперска пејачка Христина Морфова. Морфов учествува во создавањето на Сојузот на народните хорови во Бугарија. Автор е на 2 песни за машки хор, околу 10 за мешан хор меѓу кои се познатите „Дамјан танец води“, „Баба Минковица“ и баладата „Сејмени“, околу 30 воени маршови, 4 соло песни и 2 во придружба на пијано.
Морфов средно училиште оди во Католичката гимназија во Одрин каде започнал да учи свирење на флејта. Во 1902 завршува на Военото училиште во Софија Две години потоа се вработува и предава во универзитетот сè до 1922 година. Морфов служи во 1-ви и 25-ти пешадиски полк. Подоцна станува и командир на чета во Школата за резервни офицери и во Военото училиште. Тој исто така командувал и со 7-та пешадиска дружина. Учествува во Балканските војни и во Првата светска војна. Во 1919 година е промовиран во потполковник, а во 1922 година стапува во пензија. Морфов умира на 19 април 1934 година во Софија.