Ostariophysi

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ostariophysi
Период: Рана Креда - денес [1]
Млечна риба, Chanos chanos
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Actinopterygii
Надред: Ostariophysi
Редови

Gonorynchiformes
Cypriniformes
Characiformes
Gymnotiformes
Siluriformes

Ostariophysi е вториот најголем надред на зракоперки. Оваа нашироко распространета група содржи речиси околу 8000 видови, околу 28% од сите познати риби и 68% од сите слатководни видови. Тие споделуваат неколку заеднички карактеристики, како производство на алармна супстанца кога се во опасност и Веберов апарат.[1] Некои видови се користат во исхраната, додека други за рекреација (спорт, аквариуми и сл.).

Видовите од овој надред се присутни на сите континенти и поголеми копнени маси, освен на Антарктик, Гренланд и Нов Зеланд.[1] Тука припаѓа најголемата слатководна риба, меконгскиот џиновски сом (Pangasianodon gigas), кој може да тежи и до 300 kg.[2] Исто така, тука се наоѓаат и некои од најмалите риби, како Danionella translucida со само 12 mm во должина.[1] Некои од овие риби се способни да дишат атмосферски воздух (од фамилијата Clariidae) или да живеат надвор од водата (Phreatobius cisternarum).[3] Еден дел од претставниците можат да произведат електричество (Malapteruridae, Gymnotiformes).

Систематика[уреди]

Овој надред е поделен на две серии - Anotophysi и Otophysi. Но, во постарата литература, Ostariophysi бил ограничен само на рибите кои сега се класифицираат како Otophysi.[1] Името Otophysi е создадено во 1970, кога Роузен и Гринвуд се обиделе да ги одделат традиционалните Ostariophysi од додадените Gonorynchiformes.[4]

Систематиката на овој надред е следна:

Монофилијата на Ostariophysi е под сомневање со презентираните молекуларни докази. Gonorynchiformes се поблиски со Clupeiformes отколку со Otophysi. Возможно е дека Gonorynchiformes и Clupeiformes образуваат монофилетска група.[5] Постојат докази и за тоа дека Clupeomorpha би можела да е сестринска група на Ostariophysi (во тој случај би постоел таксонот Ostarioclupeomorpha, познат и како Otocephala).[1][5]

Морфологија[уреди]

Млади меконгски џиновски сомови.

Повеќето видови имаат рибен меур (освен Gonorynchus). Тој обично е поделен на две комори. Помалата антериорна комора е делумно или целосно прекриена со сребренеста перитонеална туника. Поголемата постериорна комора може да е редуцирана или да отсуствува кај некои групи. Присутни се ситни, едноклеточни и боцкасти испапчувања на различните телесни делови, наречени ункули. Тие досега се сретнати само кај овој надред.[1]

Многу видови испуштаат во средината алармна супстанца кога се исплашени или повредени. По својата природа таа претставува феромон кој се создава во епидермалните клетки и е слична кај сите видови. Таа ги предупредува останатите единки за опасноста.[1]

Веберов апарат[уреди]

Една од поважните карактеристики на овие риби е Веберовиот апарат. На него се припишува заслужноста за успехот на овие риби.[6] Се состои од групација на коски наречени Веберови осикули поредени во ланец. Тие го поврзуваат слушниот систем со рибниот меур[1] преку Y-виден лимфен синус, кој се граничи со лимфните канали од левото и десното уво. Ова овозможува пренос на вибрации до внатрешното уво.

Кај Anotophysi, првите три прешлени се специјализирани и поврзани со едно или повеќе цефалични ребра (примитивен Веберов апарат). Кај Otophysi, постои измена на предните четири или пет прешлени.[1]

Целосниот Веберов апарат се состои од рибниот меур, Веберовите осикули, дел од предните прешлени, како и од неколку мускули и лигаменти. Именуван е по германскиот анатом и физиолог Ернст Хајнрих Вебер кој прв ги опишал Веберовите осикули.[1]

Наводи[уреди]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 Nelson, Joseph, S. (2006). „Fishes of the World“. John Wiley & Sons, Inc.. ISBN 0471250317. 
  2. „Grizzly Bear-Size Catfish Caught in Thailand“. National Geographic News. http://news.nationalgeographic.com/news/2005/06/0629_050629_giantcatfish.html. конс. 14 јули 2006. 
  3. Froese, R. and D. Pauly. Editors.. „Species Summary: Phreatobius cisternarum. FishBase. http://64.95.130.5/Summary/speciesSummary.php?ID=61464. конс. 26 ноември 2006. 
  4. „Ostariophysi“. Tree of Life Web Project. http://tolweb.org/Ostariophysi/15077. конс. 26 март 2007. 
  5. 5,0 5,1 Saitoh, Kenji; Miya, Masaki; Inoue, Jun G.; Ishiguro, Naoya B.; Nishida, Mutsumi (2003). „Mitochondrial Genomics of Ostariophysan Fishes: Perspectives on Phylogeny and Biogeography“ (PDF). „Journal of Molecular Evolution“ 56: 464–472. doi:10.1007/s00239-002-2417-y. http://www.springerlink.com/content/blnh675lhd646x15/fulltext.pdf. 
  6. Briggs, John C. (2005). „The biogeography of otophysian fishes (Ostariophysi: Otophysi): a new appraisal“ (PDF). „Journal of Biogeography“ 32: 287–294. doi:10.1111/j.1365-2699.2004.01170.x. http://www.blackwell-synergy.com/doi/pdf/10.1111/j.1365-2699.2004.01170.x.