Трансплантација на органи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Долго време била присутна надежта дека органите и ткивата земени од животни или од друг човек, можат да ги заменат оштетените органи и ткива кај друг човек или животно. [1]Таквото заменување е наречено трансплантација (пресадување, калемење). Голем број од првите такви обиди завршувале неуспешно, бидејќи, секој организам се бори да ја уништи туѓата материја, вклучувајќи ги и ткивата од друг човек, или друго животно. Таквата нормална реакција на организмот се нарекува синдром на отфрлање.[1] Во сите случаи на трансплантирање, ткивата на дарителот, треба да соодветствуваат на ткивата на примателот, како што соодветствува крвта која се дава при трансфузија. Совпаѓањето на ткивата се проверува со голем број лабораториски анализи, а се прават и напори да се најдат дарители чии ткива содржат релативно малку антигени, што можат да предизвикаат отфрлање на трансплантот од организмот на примателот. Бидејќи е невозможно да се совпаднат целосно сите антигени од дарителот со тие на примателот, многу често на примателот му се даваат лекови што ја блокираат имунитетната реакција на неговото тело, насочена кон пресадениот орган или ткиво.[1]

Од историјата на трансплантацијата[уреди]

Постојат извештаи кои потврдуваат дека трансплантацијата постоела пред научното разбирање и унапредување на техниките потребни за развивање на оваа гранка.[2] Првите податоци укажуваат дека во вториот век пред нашата ера индискиот хирург Сушрута вршел трансплатација на кожата во носот, како и извесна пластична хирургија на нос. Успехот на овие операции не е добро документиран. Римската католичка митологија говори дека во третиот век ногата на некој ѓакон Јустинијан зафатена од гангрена била заменета со нога на починат Етиопјанин.[2] Неколку векови подоцна, италијанскиот хирург Гаспаре Таглиацози извршил успешна трансплантација на кожа и за првпат укажал на проблемот со отфрлање на новите органи од телото на примателот, неколку века пред медицински да биде разбран целиот механизам. Тој говорел за „силата на моќта на биолошката единка“ уште во 1596г., во книгата што ја објавил на оваа тема.[2]

Алексис Карел

Првите трансплантации[уреди]

Првата успешна трансплантација на рожницата од окото била изведена во 1837г., на една газела, а првата успешна човечка трансплантација на рожницата (кератопластична операција) била изведена од страна на Едвард Зирм од Австрија во 1905г. Сепак, пионерската хируршка техника за трансплантација била направена во самиот почеток на дваесеттиот век од страна на француските хирурзи Алексис Карел и Чарлс Гутрие со трансплатација на венски артерии. Нивната вешта анастомоза (спојување на разделени органи) ги поставува темелите на подоцнежната хирургија. Во 1912г., Карел ја добил Нобеловата награда за медицина и физиологија. Исто така, неговата идентификација на проблемот на одбивањето на органите останала ненадмината со децении.[2] Трансплантацијата на кожа доживеала голем напредок во текот на Првата светска војна, особено преку работата на Харолд Гили од Австралија кој се смета за „татко на пластичната хирургија“. Во неговите заслуги се вбројува воспоставувањето успешен проток на сопствена крв во младежот на пациентот, како резултат на успешната врска со донаторот. Неговиот асистент, Арчибалд МекИнд, продолжил со работата во текот на Втората светска војна во областа на реконструктивната хирургија. Работејќи за Кралските восздухопловни сили значително ја унапредил терапијата и рехабилитацијата на повредените и изгорени воени пилоти. Во 1962г., била извршена првата успешна реплантивна операција - неколку екстремитети биле повторно поврзани за телото и им било повратено (иако ограничено) функционирањето и чувствувањето на тие делови од телото.[2] Првата трансплантација на орган од покојник ја направил украинскиот хирург Ју ЈУ Вороној во 1930г. Џозеф Муреј ја направил првата успешна трансплантација на бубрег меѓу два близнака во 1954г., значително олеснета поради тоа што се работело за генетски идентични близнаци. Успехот на доктор Муреј со бубрегот водел до обиди и со други органи. Во јуни 1963г., била направена првата трансплантација на градно крило во пациент кој страдал од рак на белите дробови од страна на Џејмс Харди од Мисисипи, САД. Пациентот живеел 11 дена и починал поради откажување на бубрезите.[2]

Трансплантација на срце[уреди]

Срцевиот орган бил најголемиот предизвик за трансплантативната хирургија. Но, поради проблемите со отфрлањето кои кај срцето можат да доведат до смрт за неколку минути, секоја операција морала да се изведе со голема брзина. Исто така, било потребно да се направи и машина која вештачки ќе ја извршува работата на срцето за време на операцијата. Пионерот во оваа област, Џејмс Харди, ја направил првата трансплантација на срце во 1964г., но прераното откажување на срцето на пациентот го натерало Харди да мора да употреби срце од шимпанзо кое, за жал, откажало кратко по операцијата.[2] Првиот успех се случил на 3 декември 1967г., во Кејптаун, Јужна Африка, од страна на доктор Кристијан Барбард. Луис Вашкански, човекот на кого била извршена првата трансплантација на срце, живеел само 11 дена. Сепак, после оваа операција се појавило големо интересирање за срцеви трансплантации. Преку стотини биле изведени во периодот 1968г. до 1969 г., но речиси сите пациенти починале за шеесетина дена. Вториот пациент на Бернард живеел 19 месеци. Во 1984 година две третини од пациентите со трансплантирано срце веќе живееле по пет години и повеќе. На 9 март 1981 г., се случила првата успешна трансплантација на срце со крвни садови на универзитетската болница во Стенфорд од страна на хирургот Бруц Реиц.[2]

Историјата на првите успешни трансплантации[уреди]

  • 1954 - трансплантација на бубрег на д-р Џозеф Муреј (Бостон)
  • 1966 - трансплантација на панкреас на д-р Ричард Лилихај и д-р Вилијам Кели (Минесота)
  • 1967 - трансплантација на црн дроб на д-р Томас Старц (Питсбург)
  • 1967 - трансплантација на срце на д-р Кристијан Бернард (Јужна Африка)
  • 1981 - трансплантација на срце со крвни садови на д-р Брус Реиц (Стенфорд)
  • 1983 - трансплантација на белодробно крило на д-р Џоел Купер (Торонто)[2]
  • 1986 - трансплантација на бели дробови на д-р Џоел Купер (Торонто)
  • 1987 - трансплантација на лапароскопска невректомија (хирушко отстранување на бубрег) од жив донор на д-р Лојд Радер и д-р Луис Кавоуси (Балтимор)
  • 1998 - трансплантација на дел од панкреас од жив донор на д-р Дејвид Сатерленд (Минесота)
  • 1998 - трансплантација на рака (Франција)
  • 2005 - трансплантација на дел од лице (Франција)[2]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 Учебник по Биологија за VIII одделение за основно осумгодишно образование - Скопје, 2010
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 2,9 Најпознатите пронајдоци на светот (илустрирана детска енциклопедија) – Скопје, Феникс,2006.