Тони Китановски трио

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тони Китановски трио
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровиџез, бигбенд, симфониска музика, филмска музика, џипси-брас, афро-кубанска музика, ворлд-музика
Период на активност1986 година - денес
ИздавачиТра Ла Ла, SJF Records, Еnja, Enja Records - Yellowbird Production, Chicken Madness,
Членови
1986 г. - 1990 г. Тони Китановски (гитара)
Мартин Ѓаконовски-Шпато (контрабас)
Оливер Дуев (тапани)

1997 г. - 1999 г. Тони Китановски (гитара)
Драган Трајковски (бас - гитара)
Оливер Дуев (тапани)

2001 г. - Тони Китановски (гитара)
Александар Наумовски-Алек (пијано)
Васил Хаџиманов

2012 г. - Тони Китановски (гитара)
Иван Бејков (контрабас)
Оскар Салас (тапани)
Александар Наумовски-Алек (пијано)

2014 г. - Тони Китановски (гитара)
Васил Хаџиманов (пијано)
Александар Секуловски

Тони Китановски трио[1] - македонско џез трио.

Гитаристот, аранжер и професор на Џез академијата во Штип, Тони Китановски, бил роден во Скопје во 1964 година. На 15-годишна возраст го започнал приватното музичко образование кај пријателот на неговите родители, генијалниот Драган Ѓаконовски-Шпато, каде што за првпат го слушнал „Berney Kessel Trio“ и самиот на себе си дал збор дека токму тоа ќе го работи цел живот, ќе свири гитара.

Историја[уреди | уреди извор]

Интересно е што по совет на Шпато, Тони никогаш не посетувал музичко училиште ниту, пак, академија, во Македонија. Во тие најрани години, некаде на почетокот на осумдесеттите се обидол, но само за кратко, да биде дел од еден рок-бенд, Тартиф. Но веднаш му било јасно дека тоа не е музиката што го плени, ниту музиката што со часови ја слушале и за која му зборувал Шпато.

Од 1986 до 1990 година бил лидер на Трио Шпато (со Мартин Ѓаконовски-Шпато на контрабас и Оливер Дуев на тапани), со што на симболичен начин му се оддолжува на својот учител. Тоа трио имало бројни концерти на радио- и ТВ-настапи, како и многу соло изведби. Едно од тие важни појавувања на сцена е како гости на една од вечерите во рамките на фестивалот „Omladina ’88“, во Суботица, каде што триото остава извонреден впечаток.

По триото, кога Мартин и Оливер се во војска, Тони оформил и гудачки оркестар со кој, исто така, редовно ќе настапува, но првата композиција што самиот ја создал (и запишал со ноти), Шпато ќе ја отцени како лоша, сугерирајќи му во иднина само да свири, а не и да аранжира. Веројатно ова дополнително го измотивирало Тони да му се докаже на Шпато, па тој уште поангажирано се зафатил со проучување на аранжманите. Во последните две години од осумдесеттите бил хонорарен гитарист во Бигбендот на МРТ, но ветувањето дадено на Шпато и желбата за доедукација ќе го префрлат од другата страна на Атлантикот. Впрочем, одењето надвор од Македонија било една од првите лекции што Шпато му ги дава на Тони. „Ќе те научам сè што знам под услов да заминеш од овде“ – му рекол тој при нивната прва средба. Во 1990 година Тони заминал во Бостон, на престижниот „Berklee School of Music“. Уште како студент ја освојил наградата „Charles Mingus Award“ за извонредни достигнувања во западната музичка традиција. Во Бостон ги посетил и семинарите на Гиорги Лигети во „New England Conservatory“ и предавањата на Лучано Берио на Универзитетот Харвард. Таму ќе се задржи полни шест години, посетувајќи голем дел од програмите што ги нуди „ Berklee School of Music“, паралелно свирејќи и со големиот бенд на Грег Хопкинс, но и често оформувал свои комбо-состави. Една анегдота од неговиот престој во САД вели дека еден негов колега ќе му ја претстави гитаристичката виртуозност на Тони, на својот пријател од Атина, во Џорџија, кој имал мегапопуларен бенд. Тој се заинтересирал за начинот на музицирање на Тони и посакал да излезат на вечера и да поразговараат. Поради приватни обврски, Тони нема да го прифати состанокот и до денешен ден не му е криво поради тоа. Музичарот кој бил во потрага по нов гитарист за својот бенд бил Мајкл Стајп од „R.E.M.“.

Во 1997 година Тони се вратил во Скопје и го формира составот Луна и се појавувил на фестивалот АФЕС со камерниот оркестар на ФМА како композитор и солист. Во наредните неколку години Тони бил на крстосница по однос на тоа каде ќе живее и создава, па годината најчесто му поминувала на релација Америка - Македонија. При еден од тие престои во Македонија, летото 1998 година, во студиото „Тра Ла Ла“, со поддршка од ритам-секцијата што ја сочинуваат Оливер Дуев на тапани и Драган Трајковски (син на Љупчо Трајковски-Фис) на бас и во сопствена продукција, Тони снимил четири џез-стандарди и шест оригинални теми, кои педантно ги спакувал во албумот посветен на својот учител Шпато, One 4 Charlie. Уметничката слика на омотот е дело на неговата сопруга Симонида Филипова, а комплетниот дизајн на изданието е на Милчо Серафимовски. Промотивниот настап на албумот, триото го имало на отварањето на првиот џез-фестивал, „Летен џез фестивал“, од 26 до 29 август 1999 година, во Куманово. Интересен факт за сите педантни колекционери на македонската музика, на двојното цеде, во живо, од фестивалот, двете композиции на триото: One for Charlie и Lonely woman, се снимки од студискиот албум, поради техничките недостатоци од живиот настап.

На почетокот на новиот милениум, кога одлучува подолго да остане во Македонија, започнал со едукативниот процес, низ своето мало училиште за гитара, што за неколку години изнедрило една нова генерација македонски џез-музичари. Тоа училиште и џез клубот „Сачмо“, биле иницијалните каписли за воскреснувањето на заспаната македонска џез-сцена. Во 2001 година, на 25 мај, со концертот на џез-фестивалот во Церкно, Словенија, Тони на јавноста и` го претставил своето ново трио, во кое се: Александар Наумовски-Алек и Васил Хаџиманов. Конкретен бенд со кој започнал да се експонира како гитарист, но и можност својот композиторски опус да го преточува во реални звуци. Во рамките на „Скопскиот џез фестивал“, во октомври 2000  година, Тони Китановски настапил во дует со македонскиот музички егзибиционист и вибрафонист Зоран Маџиров. Материјалот од овој настап, насловен како Live Duet At Skopje Jazz Festival, на почетокот на 2001  година, го објавиле „SJF Records“. Во годините што следуваат Тони настапувал во најразлични комбинации: најчесто како трио, но и со оркестри, како дуо или во некоја поголема формација, па понекогаш и само соло. Знаел да се појави на големи сцени, но и во најмали клубови, во Скопје, но и во помалите градови низ Македонија, со една мисионерска улога пред себе: ширење на кругот на уживатели и исполнувачи на џез-музиката. Најчесто формациите во кои настапувал временски се испреплетувале и не можело да се подвлече некоја јасна црта кога тој е фокусиран на триото, на квартетот, на Черкези Оркестар или пак на неговиот академски ангажман како сегашен декан на џез-академијата во Штип. Исто како и во случајот со ангажманот во Македонија така и неговите активности на меѓународната сцена ја одразувале неговата љубопитност за најразлични музички стилови во најразлични поставки, од бигбенд, симфониска и филмска музика, џипси-брас, афро-кубанска музика, но и фасцинација од сè што имало врска со Африка. Интересно е што Тони тие влијанија ги поврзувал со сеќавањата од детството и бескрајните игри и дружења пред студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ со студентите од Африка, кои во тие 70-ти години во Скопје ги имало во голем број. Подоцна тие игри со топка продолжувале во бескрајни преслушувања на најразлична африканска музика. На овие детски фасцинации се надоврзало и случајното запознавање со музиката на Черкези Оркестар, некаде при неговото прво враќање во Скопје, и тоа во моменти кога кај него созрела идејата за формирање оркестар, слично на оној на Дјук Елингтон или на Сан Ра. По седум години, во 2005 година, Тони го повикал Черкези Оркестар во Детскиот театарски центар и заедно со тапанарот од своето трио (Алекс) и со помош на Ален Хаџи-Стефанов снимиле материјали кои ќе им бидат препорака за настап на најголеми европски фестивали на ворлд-музика. По неколку месеци Тони ги испратил овие материјали на познатата германска издавачка куќа „Еnja“. Причината за тоа што ги пратил веднаш таму е од романтична природа: неговиот омилен тапанар Ед Блеквел единствените два соло албуми ги имал издадено за оваа куќа. Менаџментот на „Еnja“ се заинтересирала и во 2006 година го објавила албумот со наслов Borderlands. Албумот е резултат на креативно здружување на силите на две различни навики, џипси-бенд од едната и високообразовани и современи џез-музичари од друга страна. Оваа музика најдобро може да се опише со зборовите на големиот Дјук Елингтон, кој ја нарекувал „музика на човечкиот род“. Покрај бројните интернационални настапи со Черкези Оркестар, промовирајќи го албумот, највпечаливо е, секако, гостувањето на „Би-би-си радио“ во јуни 2009 година и концертот со пренос во живо. По пет години Тони повторно влегол во студио со Черкези Оркестар, снимајќи нови 12 теми за албумот Shukar, кој на 28.10.2011 го објавил под етикетата на „Enja Records - Yellowbird Production“. Помеѓу настапите со Черкези Оркестар, триото, со кое како гостин настапил американскиот перкусионист со кубанско потекло Оскар Салас, на 24.8.2011, го затвораиле првиот Oхридски џез фестивал. Тони Китановски и Черкези Оркестар ја потпишале и музиката за документарецот „Мојот превртен свет“ на словенечката режисерка Петра Селишкар. Филмот комбинирал живи изведби на водечки алтернативни музичари, како: Крис Екман, Bernays Propaganda, Јосипа Лисац, Cidadela Des Artes и други, како и архивски снимки од Фран Миличински-Јежек, популарен глумец, современ писател и оригинален изведувач. Наменска авторска музика создавал и во наредните години, претпочитајќи го филмот наспрема театарот. Во 2015 година, заедно со Биг-бендот на РТВ Љубљана, ја снимиле музиката за филмот „Медена ноќ“ на македонскиот режисер Иво Трајков а во 2016 година ја пишувал и музиката за црногорскиот филм „The Black Pin“ на Иван Мариновиќ. Со Черкези Оркестар се појавиле и на сцената на најпознатиот фестивал за ворлд-музика, „Womex“, на 18.10.2012 во Солун, со Иван Бејков на контрабас и Оскар Салас на тапани. На 8.11.2012 во кафе-барот „Менада“ се промовирало новото цеде во кое е инволвиран Тони, носталгично именуваниот Бостон, снимен во јули и август 2008 година во студиото „Chicken Madness“. Покрај извонредниот американски трубач Грег Хопкинс и стандардното трио на Тони (Алекс и Бејков), материјалот изобилувал и со гости како: Сашо Серафимов на алт-саксофон и флејта, Мартин Ѓаконовски на бас, Изет Кизил на перкусии, Оскар Салас на конги, Џијан Емин на француска хорна, Владимир Лазаревски на обоа и Вилхен Мемедов на туба. Дизајнот на албумот го правела Кристина Пулејкова, а се базира на оригинална уметничка слика на сопругата на Тони, Симонида Филипова-Китановска. Ваквите соработки со врвни светски музичари била практика што Тони ја негувал во континуитет, останувало само времето да покаже колку и кои од тие материјали ќе бидат објавени. Да споменеме само некои: во 2000 година настапувал со 77-годишниот саксофонист Чарли Маријано и со Мартин Ѓаконовски на контрабас; истата година и со триото на Нат Су, низ Швајцарија и една мини турнеја низ Македонија; во 2015 година соработката во “Congo Ma” проектот на гитаристот и пејачот од Конго, Ерик Малу-Малу и Перпетуе Муџинга Кабемба; во 2015 година е исто така дел од проектот „3 Mundus“ на португалската пејачка Амалија Бараона, заедно со хрватскиот музичар Динко Степаничев на бас, албанскиот пијанист Гент Руши и гитаристот Петрит Чеку исто така од Албанија, „Balkan Winds“ во 2005 година, проект што вклучувал 8 музичари од 7 држави. Соработката, пак, со Васил Хаџиманов е на различни нивоа и во различни комбинации, сите овие години, некогаш Тони е гостин на триото на Васил, а често и Васил е дел од триото на Тони. На 10.6.2014 во клубот „Менада“ бил промовиран последниот албум на Тони, III-III, во издание на неговиот постојан соработник, „SJF Records“. Албумот е колекција од соработките на Тони, по три теми со три различни триа. Основното, Тони Китановски Трио со Васил Хаџиманов и Александар Секуловски, Snappy Suits со Антоан Симони (бас) и Алек а третото, Go East Young Man со Изет Кизил на перкусии и Костас Теодору на бас. Материјалите биле снимени од страна на Ален Хаџи-Стефанов, а дизајнот на албумот било дело на младата Ника Гавровска. На 19.12.2014  година, триото на Тони настапило на презентацијата на Скопскиот џез фестивал во Њујорк, свирејќи во џез-клубот „Студио 151“. Како промоција на изданието, триото составено од Тони, Васил и Алек во мај отсвирело една седумдневна европска турнеја во склоп на која, на 28.5.2015 Тони (заедно со Ален) одржуваат мастерклас за снимање и музичка продукција, во легендарното новосадско студио „М“ и се подразбира, вечерта ја зачинуваат и со концерт на триото. На крајот на годината, Тони се појавува како гостин на С.А.Ф., на настапот на „Таксират 17“, одржан на 7.12.2015 на Скопски саем, придружуван од нова формација на која и` го дал името Little Big Band. Овој вид соработка со домашни музичари низ годините може да се надополни во една подолга листа, со Горан Таневски, со DJ Dimitri from Chair, Ребека, Project Zlust, Гаро Тавитјан

  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје, Македонија: Скопје: Корпус Деликти Рекордс.