Солунски пожар (1917)

Координати: 40°38′06″N 22°56′24″E / 40.635° СГШ; 22.940° ИГД / 40.635; 22.940
Од Википедија — слободната енциклопедија
Солун за време на пожарот во 1917.
Солун за време на пожарот во 1917

Големиот Солунски пожар од 1917 година (грчки: Μεγάλη Πυρκαγιά της Θεσσαλονίκης) — пожар кој уништил две третини од градот Солун, втор по големина град во Грција, оставајќи повеќе од 70.000 бездомници[1]. Пожарот траел 32 часа и уништил 9.500 куќи во обем од 1 квадратен километар. Половина од еврејското население емигрирало од градот, бидејќи немало средства за живот. Наместо брзо обновување, владата го овластил на францускиот архитект Ернест Хебрард да изготви нов урбанистички план за изгорените подрачја во Солун и за идното проширување на градот. Неговите дизајни сè уште се евидентни во градот, особено плоштадот Аристотел, иако некои од неговите најграндиозни планови никогаш не биле завршени поради недостаток на средства.

Градот пред пожарот[уреди | уреди извор]

Солун во доцните 1800-ти.

Солун бил еден од најголемите и најмодерни градови во Европа според балканските стандарди во времето на пожарот. Според европските стандарди, планирањето на градот било хаотично, а нехигиенските услови што преовладувале во посиромашните области биле опишани како „неприфатливи“ од страна на владата во Атина[1]. Пристаништето на градот било едно од најважните центри за трговија во регионот. Во 1912 година градот, заедно со најголемиот дел од Македонија и Епир, бил вклучен во составот на Грција. Населението на градот било мешано, главно Евреи, Грци, Турци, Македонци, Бугари, Роми и други.

По започнувањето на Првата светска војна во 1914 година, Грција официјално во почетокот била неутрална. Со овластување на владата на Венизелос, силите на Антантата влегле во Солун во 1915 година, со цел да ги поддржат своите српски сојузници на Македонскиот фронт. Во август 1916 година, офицерите на венизелистите започнале востание што резултирало со формирање на Привремената влада за национална одбрана во градот, што во суштина ја поделило Грција на две суверени држави, едниот на чело со Елефтериос Венизелос, а другиот од кралот Константин. Откако кралот Константин абдицирал во јуни 1917 година, Грција повторно се обединила и официјално влегла во војна со страната на сојузниците.

Солун наскоро станал транзитен центар за сојузничките војници и набавки, а градот исполнет со илјадници француски и британски војници, со бројка до 100.000[1]. Населението на градот во тоа време според некои извори се движело од 150.000 до 278.000[1]. Францускиот морнарински службеник Дуфур де ла Туилери напишал во својот извештај: „го видов Солун, град со над 150.000 луѓе, опожарен[1].

Пожар[уреди | уреди извор]

Почеток[уреди | уреди извор]

Авионска слика од пожарот.

Според наодите на истрагата, пожарот започнал во саботата на 18 (5) август 1917 година околу 15:00, случајно во мала куќа на бегалци на улица Олимпијадос 3, помеѓу центарот и горниот град, кога една искра од кујнскиот оган паднала во куп од слама и ја запалила[1] . Поради недостаток на вода, првичниот пожар не бил изгаснат. На крајот, интензивниот ветер го пренел огнот до соседните куќи, и продолжил низ централниот дел на Солун[2].

Првично, пожарот се движел по две насоки, преку патот на Агиу Димитриу и на пазарот преку патот Леонтос Софу. Резиденцијата била спасена од своите вработени, кои побрзале да помогнат. Но ветрот бил многу силен и продолжил да го шири огнот кон центарот на градот. Во раните утрински часови наредниот ден (6/19 август), ветрот го сменил својот правец и двата фронта на огнот го уништиле целиот трговски центар. Во 12:00 часот, огнот поминал низ подножјето на црквата Света Софија без да ја запали, и продолжил кон исток до патот на Етникис Аминис (поранешно име: Хамидије), каде што застанал. Вечерта на тој ден огнот целосно исчезнал[2].

Напори[уреди | уреди извор]

Уништување предизвикано од пожарот, со Министерството за Македонија и Тракија во позадина.

Немало доволно вода за противпожарна заштита, бидејќи сојузничките сили ги контролирале резервите на водата, кои бле намалени поради сушата во тоа лето и високата потрошувачка на вода на растечката популација.[2]. Уште поважно, градската власт немала организирано противпожарна бригада; неколку противпожарни тимови биле во приватна сопственост од осигурителни компании кои ги штитиле само нивните претплатници.

Во попладневните часови на првиот ден од пожарот, еден француски одред срушил три куќи за да создаде тампон-зона или област на безбедност. Меѓутоа, францускиот одред не продолжил со рушење на куќите, поради кое пожарот продолжил. Следното утро, два британски противпожарни машини и тимови го сопреле пожарот во близина на Белата кула, додека пак француските војници ја спасиле царинската зграда.

Силите на сојузничките сили ја отфрлиле идејата за прекин на водоснабдувањето на нивните кампови и болници за употреба во противпожарната заштита. Генералот Морис Сарај го посетил регионот Дикитирио за неколку часа во текот на попладневните часови на првиот ден, но тој не се вратил. Неколку извештаи забележале дека француските војници ограбиле продавници и ги спречиле домаќините да ја спасат својата стока. Следниот ден, генералот наредил убиство на двајца француски војници кои биле уапсени за продажба на украден накит. Британските војници помагале колку што можеле, користејќи воени камиони за превоз на жртвите на пожарот и нивните стоки во бегалските населби.

Уништување[уреди | уреди извор]

Пожарот уништил 32% од Солун, околу 1 квадратен километар. Изгорениот регион бил помеѓу патиштата на Агиу Димитриу, Леонтос Софу, Никис, Етникис Аминис, Александроу Сволу и Егнација (од Агија Софија). Овој регион бил објавен во официјалните документи како „запалена зона“ (грчки: πυρίκαυστος ζώνη). Степенот на материјална штета во Солун била пресметена да вреди 8.000.000 златни фунти.

Во пожарот помеѓу зградите што биле опожарени биле поштата, телеграфската канцеларија, градското собрание, седиштето за водоснабдување и гасната компанија, Отоманската банка, Народната банка на Грција, делови од црквата Св. Димитрија, две други православни цркви, Саатли џамијата, 11 други џамии, седиштето на главниот рабин со сета своја архива, 16 од 33 синагоги и печатарските куќи од повеќето весници. Солун имал најголем број весници во Грција, но по пожарот повеќето не успеале да ги обноват своите бизниси да се објавуваат повторно. Околу 4.096 од 7.695 продавници во градот биле уништени, од кои многу биле еврејски, а 70% од работната сила биле невработени.

Грижа за жртвите[уреди | уреди извор]

Бегалци по пожарот.

Луѓето погодени од пожарот биле околу 73.447 лица. Извештајот на Палис ги идентификувал бездомниците од трите верски заедници во Солун: 52.000 Евреи, 10.000 православни и 11.000 муслимани[1].

Грижата за жртвите од пожарот започнала веднаш: грчките власти изградиле 100 куќи за да засолнат 800 семејства. Британските власти воспоставиле три населби со 1.300 шатори, каде што биле сместени 7.000 бездомници. Француските власти формирале населба за 300 семејства и изградиле помал камп за 100 семејства. Заедно транспортирале 5.000 луѓе со воз во Атина, Волос и Лариса. Грчките власти поставиле дистрибутивни пунктови кои обезбедувале леб за 30.000 лица. Американскиот, францускиот и британскиот Црвен крст дистрибуирале храна меѓу бездомниците. Речиси половина од Евреите во градот, откако ги изгубиле домови и продавници, наскоро емигрирале во западните земји, главно Франција и САД, додека некои се емигрирале во Палестина.

Перикле А. Аргипулос, главен владин претставник, ја основал Управата за жртвите од пожарот а Владата одобрила кредит од 1.500.000 драхми за првите потреби. Истовремено, бил организиран Централниот комитет за донации, со низа поткомитети за собирање донации и дистрибуција на пари и стоки.

The plans for Alexander the Great Square by Ernest Hebrard.
Плановите за плоштадот Александар Велики од Ернест Хебрард
Aristotelous Square as it was built and can be seen today.
Плоштадот Аристотел

Компензација[уреди | уреди извор]

По уништувањето на градот, осигурителните компании ги испратиле своите агенти да ја истражат штетата. Имало гласини дека Германците или Французите го предизвикале пожарот. Вкупниот износ на договорите за осигурување изнесувал околу 3.000.000 златни фунти. Поголемиот дел од осигурителните компании во регионот биле Британци. Друштвото за осигурување, Северното британско и трговско осигурување, морало да надомести 3.000 договори за осигурување. Судот сметал дека пожарот бил предизвикан од случајни причини. Под притисок на грчките и странските власти заедно со Судот, сите полиси за осигурување биле целосно платени.

Реконструкција[уреди | уреди извор]

Само неколку дена по стивнување на пожарот, владата на Венизелос објавила дека нема да дозволи реконструкција на градот. Наместо тоа, тие планирале да создадат нов град според урбанистички план. Министерот за транспорт Александрос Папанастасиу добил главна улога во тоа, и го назначил францускиот архитект и археолог Ернест Хебрард за одговорен, за развојот на планот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Gerolympos, Alexandra Karadimou. The Redesign of Thessaloniki after the Fire of 1917. University Studio Press, Thessaloniki, 1995
  2. 2,0 2,1 2,2 Prof. Dr. Ch. K. Papastathis & Dr. E. A. Hekimoglou. The Great Fire of Thessaloniki (1917), Thessaloniki, 2010

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

40°38′06″N 22°56′24″E / 40.635° СГШ; 22.940° ИГД / 40.635; 22.940