РК Пролет

Од Википедија — слободната енциклопедија
РК Пролет 62
Целосен називРакометен Клуб Пролет 62
Основан1962; пред 62 години (1962)
ИгралиштеСала Македонско Сонце
Приемност500
Главен тренерАлексо Лембанов
ЛигаСупер лига на Македонија
2021/22Плеј-аут, 1. (7. од 12)
Бои
Клупски бои         
Дресови
Мреж. место
Матична страница

РК Пролет 62ракометен клуб од Скопје, Македонија. Клубот моментално се натпреварува во Супер лигата. Своите натпревари како домаќин, клубот ги игра во Училишната сала Македонско Сонце.

Историја[уреди | уреди извор]

Основање и почетоци[уреди | уреди извор]

Ракометниот клуб Пролет бил формиран во истоимената скопска населба, која е изградена по Втората светска војна. Најзаслужни за формирањето на ракометниот колектив биле Гоце Стефановски, кој речиси целото свое слободно време од формирањето на клубот, па до крајот на животот му го посветил на ракометниот спорт, потоа Вангел Коловски, кој кај своите ученици всадил љубов кон овој спорт, како и Владо Миљовски – Брле, кој ги вовел во тајните ракометниот спорт како учениците на Основното училиште „11 Октомври“, така и учениците на средните училишта.[1]

Ракометниот клуб Пролет бил создаден од страна на младинците Душко Јордановски – Чиче, Станимир Младеновиќ – Чвор, Јани Валчинов – Бапка, потоа Ѓорѓи Коробар – Чиче, Перо Георгиевски, Мице Јордановски, Ристо Перчинов, Гоце Стефановски, Киро Симоновски, Вангел Коловски и други. Првите дресови биле во црна и во сина-бела боја, натпреварите биле играни на набрзина изграденото игралиште (црвеница) во дворот на „11 Октомври“. Првите дресови ги обезбедил Ѓорѓи Коробар – Чиче, а првиот амблем на клубот бил дело на голманот Владимир Костовски – Коска.[1]

На почетокот РК Пролет се финансирал од доброволни прилози во населбата и во градот. Воочувајќи ја ситуацијата во која се наоѓа клубот во првата натпреварувачка сезона, градскиот ракометен сојуз на предлог на Драгослав Лазиќ го ослободил од плаќање на судиски такси. Првата натпреварувачка сезона во 1962 година РК Пролет ја минал во скопската зона, каде во турнирски систем не успеал да обезбеди влез во Републичката лига, губејќи од Работнички. Желбата да се биде дел од републичката лига била исполнета во сезоната 1964/65, во која Пролет го освоил првото место со гол-разлика 94-56, на огромна радост на навивачите во оваа скопска населба. Младоста и неискуството било причина овој клуб што испаднал од републичката лига и се преселил во Источната зона, каде во сезоната 1967/68 Пролет го освоил првото место и повторно се вратил во републичкото натпреварување.[1]

1970-ти и 1980-ти[уреди | уреди извор]

Во сезоната 1969/70 тимот на Пролет го освоил одличното трето место во Републичката лига, зад Пелагонија од Битола и Партизан од Гевгелија. Дресот на РК Пролет во таа сезона го носеле: Јовановски, Трајковски, Кокалаков, Василевски, Г. и М. Ивановски, Кизов, Атанасовски, Трпчевски, Пејчиновиќ, Костовски, Миљовски, Темелковски, Томовски, Чаволи, Јордановски и Поповски.[1]

Од оваа сезона започнал напредокот на РК Пролет, за кој значајна улога има прославениот ракометар Славе Атанасовски – Чаве, со чие преземање работите тргнале во позитивна насока за клубот. РК Пролет со Атанасовски во тимот го освоил третото место со 31 бод, што значело и влез во Втората сојузна лига. Покрај Чаве, клучна улога во тимот одиграле и Душко Јордановски – Чиче, Ристо Трпчевски – Буцо и Љуан Чаволи – Лули, а подоцна на РК Пролет му се приклучиле и млади и талентирани ракометари како Драги Здравковски – Ангор, Стефанчо Коруновски – Стеванка, Предраг Атанасовски – Перо-зуб и Слободан Торомановски – Бобико. Во првата второлигашка сезона РК Пролет го освоил петтото место, зад Партизан од Белград, Железничар од Ниш, Пик Апатин од Апатин и Потисје од Ада. Во 1972 година, клубот за првпат настапил во Ракометниот Куп на СФРЈ за територија на Македонија, каде успеал да го совлада Тиквеш со 15-13. Потоа Пролет на сојузно ниво играл против Динамо од Панчево, губејќи на гостувањето во Србија со 24-19.[1]

Во овој период дресот на РК Пролет со голем успех го носел Илија Темелковски, играчот кој одбил неколку понуди од клубови ширум Југославија и останал дел од тимот сè додека клубот имал амбиции да се бори за влез во елитата односно Првата сојузна лига. Откако шансите за влез се намалиле, Темелковски се преселил во редовите на Железничар од Ниш.[1]

Сезоната 1973/74 екипата ја завршила на четвртото место, а оваа сезона била последна во играчката кариера на Душко Јордановски – Чиче, кој бил дел од клубот од самото формирање, а подоцна ја имал и улогата на претседател. Во наредната сезона, Пролет водел жестока борба за влез во елитата, но успеал да стигне само до третото место, зад Вардар и Борац од Урошевац. На чело на РК Пролет и оваа сезона бил професорот Душко Филиповски со својот помошник (истовремено и играч) Ристо Трпчевски – Буцо.[1]

За одбележување била и големата победа во финалето од југословенскиот куп за територијата на Македонија во 1975 година, во кое пред преполните трибини на теренот на РК Југ во населбата Мичурин бил совладан Вардар. 1977 година си заминале дел од клучните играчи како Темелковски, Коруновски, Киразиев. На нивно место дошле нови млади ракометари како Огњановски, Тотиќ, Миркуловски и Ѓоргов. Таа екипа го освоила осмото место во својата прва заедничка сезона и стигнала и до финалето од југословенскиот куп за територијата на Македонија, но таму загубиле од Работнички.[1]

Во 1979 година поради менување на системот на натпревари Пролет играл квалификациски турнир во Светозарево, но не успеал да се пласира во Втората сојузна лига, па мора да се натпреварува во новоформираната Меѓурепубличка лига. Таа сезона 1979/80, сезоната била завршена со ист број на бодови како и Металург, но градскиот соперник поради подобра гол-разлика се пласирал во Втората сојузна лига.[1]

Од 1976 па сè до сезоната 1983/84 екипата ја водел (воедно бил и играч, освен последните две сезони) Драги Здравковски – Ангор. Потоа тој заминал во Грција и станал прв македонски стратег што тренирал ракометна екипа во странство.[1]

1990-ти[уреди | уреди извор]

Во еден момент РК Пролет испаднал и од Републичката лига, но успеал да се врати во сезоната 1990/91.[1]

По осамостојувањето на Македонија, или поточно за сезоната 1992/93 како прва сезона надвор од југословенскиот натпреварувачки систем, Пролет се преселил во понизок ранг на натпреварување бидејќи не обезбедил пласман меѓу првите четири екипи во Републичката лига од претходната сезона. Потоа, клубот успеал да се унапреди од Првата лига во Супер лигата.[1]

21. век[уреди | уреди извор]

РК Пролет има три учества во европските купови, во Челенџ Купот во 2009 и во 2012 година, како и во ЕХФ Купот во 2018 година.[1]

Моментален состав[уреди | уреди извор]

Состав за сезоната 2022–23

Голмани
  • 12 Македонија Матеј Ивановски
  • 16 Македонија Андреј Петковски
  • 33 Црна Гора Данило Михаљевиќ
Десни крила
  • 11 Македонија Виктор Додевски
  • 13 Македонија Мартин Димов
Леви крила
  • 05 Македонија Михаел Тотиќ
  • 71 Македонија Давор Палевски
Пивоти
  • 04 Македонија Михаил Аларов
  • 10 Македонија Стефан Донев
  • 21 Македонија Филип Крстевски

Леви бекови
Средни бекови
Десни бекови
  • 19 Македонија Доне Мајнов
  • 44 Македонија Томислав Јагуриновски

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 „Историјат“. rkprolet.mk преку web.archive.org. Архивирано од изворникот на 2019-12-25. Посетено на 25 декември 2019.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]