Повикот на дивината

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Повикот на дивината“ (англиски: The Call of the Wild) — краток роман на американскиот писател Џек Лондон од 1903 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од седум глави:[1]

  1. Кон примитивниот свет
  2. Законот на стапот и забите
  3. Силен исконски лив
  4. Кој е водачот
  5. Напорен амут и пат
  6. За љубовта кон еден човек
  7. Повикот се гласи

Дејствието започнува во 1897 година. Бак е силно куче кое живее во долината Санта Клара, во Калифорнија, како милениче на семејството на судијата Милер. Бак управува со фармата на Милер. Помошникот-градинар Мануел има големи долгови кои мора да ги исплати. Тој познава некоу луѓе кои сакаат да заминат на север во потрага по злато, а на кои им е потребно силно куче за влечење на санката. Една вечер, Мануел го намамува Бак надвор од фармата, го врзува со јаже, а потоа го продава. Бак го качуваат на воз и го испраќаат за Сиетл, каде го презема непознат човек кој безмилосно го тепа, а Бак многу добро ја запомнува таа случка. Набргу, Бак бил продаден на двајца француско-канадски поштари, Франсоа и Перо, кои со брод го однеле во Алјаска. Таму, Бак влече санка, заедно со десет други кучиња. Со текот на времето, тој се навикнува на работата, па дури станува подобар од водачот, кучето Шпиц, кое почнува да го мрази. Една вечер доаѓа до борба меѓу Бак и Шпиц во која победува Бак, а Шпиц бега во шумата. Така, Бак станува водач на кучињата и под неговото водство настапува слога и соработка меѓу нив. Кога Франсоа и Перо го завршуваат своето патување, тие ги продаваат кучињата на некој човек со поеткло од Шкотска кој, исто така, работи за пошатата. Така, кучињата се принудени да носат тежок товар на долги растојанија што целосно ги исцрпува. Човекот ги продава кучињата на тројца патници од САД: Чарлс, сопругата Мерцедес и нејзиниот брат Хал. Новите сопственици тешко ја контролираат санката и го зголемуваат бројот на кучињата на 14. Патувањето е бавно и мачно, кучињата се преморени и многу од нив умираат, а само Бак и уште четири други кучиња успеваат да преживеат. Кога патниците доаѓаат до замрзнатата река, тие го среќаваат Џон Тортон, искусен човек кој ја забележал лошата состојба на кучињата, но тројцата патници не ги слушаат неговите совети и продолжуваат напред. Претчувствувајќи ја опасноста, Бак легнува и одбива да продолжи понатаму, а Хал безмилосно го камшикува. Групата одлучува да го остави Бак и да продолжи со преостанатите четири кучиња, но тогаш се крши мразот патниците и кучињата се дават во реката. Тортон го посвојува Бак и почнува да се грижи за него, а на Тортон му се придружуваат двајца пријатели. Во градот Сркл Сити, тие налетуваат на злосторникот Црниот Бартон, кој се расправа со некој човек. Тортон се обидува да ја прекине кавгата и Бартон го напаѓа, но тогаш му се нафрлува Бак, кој му го прегризува грлото и така го убива. Подоцна, кога патниците го продолжуваат патот по брзаци, Бак повторно му го спасува животот на Тортон. Еден зимски ден, Тортон ја фали силата на своето куче, а еден човек му нуди 1 600 долари, ако Бак успее да ја повлече неговата санка натоварена со илјада фунти брашно. Тортон го прифаќа облогот, а Бак ја влече санката цел јард со што Тортон заработува многу пари. Потоа, тие ја продолжуваат потрагата по исчезнатиот рудник, а купуваат уште шест кучиња. По едногодишно патување, групата се откажува и застанува на едно место каде копа злато. Тука, една ноќ, Бак слуша звук од шумата и пронаоѓа волк со кого се спијателува. Кога се враќа назад во логорот, тој ги наоѓа мртвите тела на Тортон и неговите двајца пријатели, прободени од стрели. Тогаш, тој здогледува група Индијанци при што убива еден од нив. Меѓутоа, кога сфаќа дека Тортон е мртов, тој ѝ се придружува на глутницата волци.[2]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Делото „Повикот на дивината“ е објавено на македонски јазик во повеќе наврати:

  • Издание на „Култура“ од 1963 година, во рамките на библиотеката „Светска и југословенска проза“. Преводот од англиски јазик го извршил Саве Цветановски, нацртот на корицата е дело на Иван Велков, јазичен уредник била Лидија Ежова, а коректори биле Љубинка Денкова, Елена Павлова и Душанка Јанева. Книгата, со обем од 112 страници, била испечатена во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје. Книгата не е каталогизирана и не ја поседува меѓународната ознака ISBN.[3]

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Врз основа на романот, во 2010 година бил снимен истоимениот филм во режија на Крис Сандерс (Chris Sanders).[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Џек Лондон, Повик на дивината. Култура, Скопје, 1963.
  2. Џек Лондон, Повик на дивината. Култура, Скопје, 1963.
  3. Џек Лондон, Повик на дивината. Култура, Скопје, 1963.
  4. Zov divljine, američki film (пристапено на 23.12.2022)