Отаку

Од Википедија — слободната енциклопедија
Областа Акихабара во Токио, популарно собиралиште на отаку

Отаку (おたく / オタク) е јапонски термин кој се користи за луѓе со опсесивни интереси, особено аниме, манга или видео игри.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Зборот отаку е изведен од јапонскиот термин за нечија куќа или семејство (お宅, отаку), кој исто така се користи како почесна заменка за второ лице. Современата сленг форма се појавила во 80-тите на минатиот век. Таа се разликува од постарата употреба со тоа што се пишува само со хирагана (おたく) или катакана (オタク или поретко ヲタク), или ретко со ромаџи (латинска транскрипција на јапонските зборови). Во аниме серијата „Макрос“, која првпат се емитувала во 1982 г., терминот го користела Лин Минмеј како почесен термин. Се чини дека е измислен од страна на хумористот и есеист Акио Накамори во неговата манга серија од 1983 г. „Истрага за ’отаку’“ ("おたく "の 研究 "Otaku" no Kenkyū), која се објавувала во лоликон-списанието Манга Бурико (Manga Burikko). Аниматорите како што се Харухико Макимото и Шоџи Кавамори го користеле терминот меѓу себе како почесна заменка за второ лице од крајот на 70-тите години на минатиот век.

Друг извор за терминот доаѓа од делата на авторката на научна фантастика Матоко Араи. Во својата книга „Погрешно за Јапонија“ (Wrong about Japan), Питер Кери ja интервјуира авторката, уметница и хроничар на аниме серијата Гандам (Gundam) Јука Минакава. Таа открива дека Араи го користела зборот во нејзините романи како заменка за второ лице и читателите го усвоиле терминот за себе.

Во Јапонија[уреди | уреди извор]

Во современиот јапонски сленг, терминот 'отаку' е најчесто еквивалент на „чудак“. Сепак, тој може да се однесува на љубител на некоја одредена тема, хоби или каква било форма на забава. Терминот се користи и за мажи и за жени. На пример, 'рекиџо' се отаку жени чиј интерес е јапонската историја. Додека употребаа на теринот во странство значи љубител на аниме и манга кој ужива во аниме култура, во Јапонија е термин за човек со каков било опсесивен интерес (ова не е ограничено на аниме и манга). Терминот добива критичка конотација во случаи кога интересот достигнува екстремни нивоа, како што се мажи што се заљубуваат во дакимакура (перници за гушкање на кои се нацртани ликови,често во еротски пози). „Кога овие луѓе се нарекуваат „отаку“, другите го осудуваат нивното однесување и луѓето одеднаш на отаку гледаат како личност која не може да живее во реалноста“. (од статијата „Otaku: Is it a dirty word?“ објавена на блогот Geek Out! на CNN на 12 септември 2011 г.)

И покрај негативниот аспект, во 2003 г. во Јапонија содржината поврзана со мое (термин со кој се опишува љубовта кон фиктивни ликови од манга, аниме и сл. и нивното отелотворување) вредеше 88,8 милијарди јени (807 милиони американски долари), додека некои проценија дека пазарот вреди можеби 2 билиони јени (18 милјарди американски долари). Во 2004 г., Институтот за истражување Номура процени дека во земјата има 2,85 милиони отаку. Интернет-заедницата Tokyo Otaku Mode (Токио Отаку Моуд), основана во Јапонија, е место каде можат да се прочитаат вести поврзани со отаку и на Фејсбук има речиси 10 милиони врски до неа.

Поранешниот премиер на Јапонија, Таро Асо, исто така, тврдеше дека е отаку, користејќи ја оваа супкултура да ја промовира Јапонија во надворешната политика.

Во последните години, отаку на Јапонскиот идол се нарекуваат едноставно ота (Wota (ヲタ)) како начин да се разликуваат од традиционалните отаку. Зборот настанал со испуштање на последната мора, со што останува „ота“ (オタ), а потоа „о“ (オ) се заменува со знакот „ヲ“ (Wo) кој звучи исто, оставајќи го изговорот непроменет.

Областа Акихабара во Токио е забележлив центар за отаку забава каде што има кафулињата со слугинки, тематски кафулиња каде келнерките се облечени и се однесуваат како слугинки или ликови од аниме. Акихабара, исто така, има десетици продавници специјализирани за аниме, манга, ретро видео игри, фигурини, игри со карти и други колекционерски. Во Нагоја, студентите од Градскиот универзитет започнаа проект за можните начини да помогнат во промоцијата на скриени туристички атракции како што е отаку културата да се привлечат повеќе отаку од странство во градот.

На англиски[уреди | уреди извор]

Терминот е позајмен од јапонскиот јазик. Во англискот, најчесто се користи за опсесивен љубител на аниме/манга и/или јапонската култура воопшто, и во помала мера јапонски видео игри, но понекогаш се користи без јапонска асоцијација, така што „чудак“ и „отаку“ стануваат разменливи, што укажува на личност која е интелигентна и опседната со некоја тема, но не неопходно и до мера на социјална неспособност.

Терминот служи како етикета слична на Треки ((Trekkie), обожавател на Ѕвездени патеки (на анг. Star Trek) или воопшто обожавател. Меѓутоа, употребата на етикетата може да биде извор на несогласување меѓу некои аниме обожаватели, особено оние кои се свесни за негативната конотација на терминот во Јапонија. Во светските заедници на обожаватели преовладуваат непријатни стереотипи за отаку, а некои аниме обожаватели изразуваат загриженост за ефектот на поекстремните обожаватели врз угледот на нивното хоби (слично на сениментите на љубителите на стрипови и научна фантастика).

Терминот беше популаризиран од страна на Вилијам Гибсон, во романот „Идору“ (Idoru) од 1996 г., кој има неколку наводи за отаку.

„Отаку, страсно опседнатиот, олицетворението на познавачот во информатичката доба, повеќе се занимава со акумулација на податоци, отколку на предмети. Се чини дека е природен хибрид во модерната врска на британската и јапонската култура. Го гледам во очите на продавачите од Портобело и во очите на јапонските колекционери: совршено мирно лудило на љубителите на набљудување на возови, убиствено и возвишено. Според мене, да се разбере тоа што е отаку е еден од клучевите да се разбере културата на интернетот. Постои нешто навистина постнационално во врска со тоа, вонгеографски. Сите ние сме куратори во постмодерниот свет, без разлика дали сакаме или не.“

- Модерни момчиња и мобилни девојки (Modern boys and mobile girls), издание на весникот Обсервер (The Observer) од април 2001 г.}}

Негативен аспект[уреди | уреди извор]

Во Јапонија отаку и отаку културата имаат нагативен аспект. Цутому Мијазаки стана познат како „Отаку убиецот“ во 1989 г. Неговите бизарни убиства поттикнаа морална паника против отаку.

Во 2004 г., Каору Кобајаши киднапираше, сексуално нападна и уби седумгодишна ученичка во прво одделение. Јапонскиот новинар Акихиро Отани се сомневал дека криминалното дело на Кобајаши е извршено од страна на Фигјур мое зоку (Figure moe zoku (フィギュア萌え族 Figyua moe zoku)), група на колекционери на фигури на аниме ликови (најчесто девојчиња), дури и пред неговото апсење.

Иако Кобајаши не беше отаку,се чинеше дека извесно време степенот на непријателскиот став на општеството кон отаку се зголеми, што може да се види од зголемениот интензитет со кој полицијата ги ставаше отаку на мета како можни осомничени за сексуални кривични дела, како и повиците од лица во локалните власти за построги закони за контрола на еротизмот во материјали наменети за некои отаку (на пример, еротска манга и еротски видео игри). Нобуто Хосака ја критикуваше ваквата ситуација.

Отакон[уреди | уреди извор]

„Отакон“ (скратено за „отаку конвенција“) е конвенција организирана од непрофитната организација „Отакорп АД“ (Otakorp, Inc). „Отакон“ е фокусирана на аниме, манга, источноазиската култура и нивните обожаватели. Ова е втора по големина конвенција од овој тип во САД и најголема на источниот брег, кој почна во Државниот колеџ во Пенсилванија, во 1994 г. и се одржува во Балтимор, Мериленд од 1999 г. Во моментов, најголемата конвенција од ваков вид е Аниме Експо (Anime Expo) што се одржува во Лос Анџелес секоја година.

„Отакорп“ ѝ даде дозвола на компанијата „Конами“ да го користи името 'Отакон' во било која од својата серија видео игри Метал Гиар (Metal Gear). „Отакон“ е кодираното име на ликот од видео играта, Хал Емерих, научник и самонаречен отаку.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]