Остатоци од материјалната култура во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Најраните траги од животот на луѓето во Македонија потекнуваат уште од далечното ново камено време (неолитот). Според археолошките наоди, во овој период луѓето веќе имале постојани живеалишта и се занимавале со примитивно земјоделство и сточарство. Мошне застапено било грнчарството и изработувале разни домашни ракотворби. А меѓу најбогатите археолошки наоѓалишта од тој период се Анзабегово (Светиниколско) и Маџари (Скопско).

Исто така, особено познато е и наоѓалиштето кај село Таринци (Штипско). Тукашните луѓе главно се занимавале со земјоделство, а користеле мазнети камени секири и праќа, од која исфрлале јајчести топки од глина.

Неолитот во Пелагонија пак познат е по повеќе наоѓалишта. Тука, меѓу другото, пронајдени се и коскени орудија, убаво украсени глинени садови и обредни предмети.

Слични наоди пронајдени се и во други наоѓалишта во Македонија.

Покрај остаоците од неолитот, во Пелагонија откриени се и наоди од преодниот период меѓу неолитот и бронзеното време (од металното време). Тоа е време кога и во Македонија продреле племиња дури од руските степи. А од тоа време се и откриените наколни живеалишта во Струшко.

Во бронзено време продолжиле упадите на разни племиња од север. Затоа, за заштита од нападите, населбите биле градени и на недостапни возвишенија. Меѓу остатоците се срќаваат и куќи од камен.

Од железното време има голем број наоѓалишта низ цела Македонија. Меѓу најстарите племиња од овој период во Македонија познати се Бригите и Пајонците, а кон крајот на 9 век пред н.е. речиси низ сите области постепено настанале и античките Македонци.

Во тоа време постепено јакнела племенската аристократија, се развила трговијата и започнало зголемено влијание на грчките колонии. Истовремено се одвивал и процесот на формирањето на најстарите народи во Македонија и започнало формирањето на првите држави.

Богатите археолошки наоди од убаво обработено злато и други метали потврдуваат дека занаетчиството доживувало голем подем. Посебно значајни се наодите во Требениште, Охридско, каде се пронајдени златни маски, златни сандали, нараквици и други украсни предмети од сребро, слонова коска и друго за погребните ритуали.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]