Требеништа (некропола)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Познатите златната маска и ракавица најдени во Требениште

Требеништанекропола кај охридското село Требеништа. Позната е по важните остатоци од 56 гробови со богати гробни дарови, меѓу кои златни маски од железното, архаичното и хеленистичкото време, од крајот на VII до крајот на IV век п.н.е.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Некрополата се наоѓа југозападно од с. Горенци, кое е во подножјето на планината Вишовски Рид, 1,5 км. јужно од с. Требеништа, а на околу 9,5 км. северозападно од Охрид. Таа се простира вдолж магистралниот пат Охрид-Кичево-Скопје, на наоѓалиштата Сува Чешма (Гробот), Три Чељусти и Вртуљка.[1]

Историјата на ископувањата[уреди | уреди извор]

Димитар Мустаков, Ефтим Спространов и други сликани до наоѓалиштето на 15 јуни 1918 г.

Во текот на Првата светска војна, во 1918 г. бугарската војска случајно открила неколку гробови од некрополата, по што следувале првите археолошки ископувања преземени од археолозите Богдан Филов и Карл Шкорпил.[2] Како резултат на овие истражувања во 1927 год. за првпат биле публикувани наодите од првите седум гробови (B.D.Filow, K.Schkorpil, Die archaische nekropole von Trebenischte am Ochrida-see, Berlin und Leipzig 1927). Десетина години подоцна истражувањата ги продолжил Никола Вулиќ, при што биле откриени уште шест нови гробови кои како и претходните содржеле богати гробни дарови. Требенишката некропола по ископувањата на Филов, а потоа и Вулиќ станал премет на научен интерес заради нејзиното големо значење и тој интерес до денес не е намален.[3] Следувале истражувањата на В. Лахтов и Ј. Кастелиц, В. Маленко, Паско Кузман и др.

Поделба на гробовите[уреди | уреди извор]

Требенишката некропола ја сочинуваат гробови кои се распространети на еден поголем простор и не се групирани на едно компактно место. Јосип Корошец овие гробови ги поделил на три групи: гробови од I до VIII од кои седум се оние кои своевремено биле публикувани од Б. Филов и еден, откриен и објавен од Вулиќ, кој исто така ги открил гробовите нумерирани од IX до XIII, т.е. оние што ја сочинуваат втората група. Во третата група се три гроба откриени од Вулиќ кои се наоѓаат околу 100 м. северно од претходната група. Слична на оваа поделба извршиле В. Лахтов и Ј. Кастелиц со тоа што гробовите ги поделиле на А, Б и Ц група. Групата А (гробовите од I до VIII) и групата В (гробови IX до XIII) се т.н. кнежевски гробови, а групата Ц - т.н. сиромашни гробови.

Гробни дарови[уреди | уреди извор]

Артефакт најден во Требеништа.

Од гробовите на требенишката некропола потекнуваат 825 предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид. Предметите кои посебно се издвојуваат потекнуваат од гробовите на А и В групата, т.н. кнежевски гробови. Такви се златните погребни маски, златни сандали, нараквици, златен и сребрен накит, масивните бронзени кратери, сребрени пехари и ритони, бронзени шлемови и др.

Златни погребни маски[уреди | уреди извор]

Куриозитет претставуваат златните маски, кои се определуваат како култни предмети, односно се поврзуваат со одредени верувања и ритуали во врска со погребувањето, а се откриени во гробовите I, V, VIII и IX, од требенишката некропола[4]. Веројатно дека тие се дело на локални мајстори, а како такви зборуваат за верувањата и ритуалите кај популациите кои ги населувале тие области. На територијата на Р Македонија откриена е уште една маска во Охрид и еден фрагментиран примерок во Петилеп-Беранци. Погребни маски се откриени и во архајската некропола кај Синдос, близу Солун и еден слабо сочуван примерок, од колекцијата Стататос, која се чува во Археолошкиот музеј во Атина, а кој потекнува од халкидичко-долноповардарскиот простор.

Заедничка одлика на маските е втиснатата орнаментиката (меандар и спирала), што според некои научници е карактеристично за грчката уметност од VI век п.н.е., а според други за македонско-илирската уметност. Меѓутоа, во тоа време погребни маски не се познати во грчкиот погребен ритуал. Сличностите на овие погребни маски со микенските маски - портрети се формални, бидејќи Микена и Требеништа ги разделуваат илјада години. Меѓутоа маските од Микена го евоцираат египетскиот обичај на обложуање на телото на покојникот со злато, па веројатно и маските од Требеништа припаѓаат на иста инспирација[5]. На маската откриена во гробот I, е претставена пчела. Пчелата се поврзува со јонскиот култ на божицата Мелиса (Артемида), која има критско, претхеленско појавување. Во Египет таа претставува еден од првите кралски симболи и во погребниот обреден систем ја претставува душата на дивинизираниот покојник, т.е. ја симболизира неговата моќ. Посредството на Крит во пренесувањето на овој обичај посочувано е од повеќе научници, а легендата за Кадмо и Хармонија можеби сведочи за доаѓањето на критски и кипарски колонисти во областа на Македонија. На Крит е потврдено постоењето на обичајот на хероизирање на покојникот. На саркофагот од Хагија Тријада е прикажана сцена со претстава на мумифициран покојник со маска, а откриена е и маска во Мулијана на Крит, како и сребрени сандали од Библос.

Златни сандали, нараквици и надградник[уреди | уреди извор]

Истото потекло и намена веројатно го имаат и златните "нараквици" и "сандали".

Златни "сандали" се откриени во гробовите II, VI, VII, VIII, X и XII. Тие се изработени од златен или позлатен сребрен лим во форма на стапало. Кај повеќето од овие сандали орнаментот е вегетабилен, односно се состои од палмети и розети, а единствено кај "сандалите" од гробот VIII е претставена Горгона и две свинги хералдично поставени. На двете сандали со некаков печат е втисната иста декорација, по трипати на секој примерок. Веројатно улогата на овие сандали е сепукрална, т.е. тие се наменети на покојникот, кому треба да му помогнат и да го штитат на патот до "оној свет". Како такви сандалите имаат хтонско-апотропејско значење. Најстар помен на вакво верување има кај Египќаните во т.н. Книга на мртвите, според која до "оној свет" може да се дојде по два пата, едниот е по вода, а другиот е сувоземен пат, за кој на покојникот му се потребни чевли.

Меѓу предметите со култно значење е и надградникот откриен во гробот II. Тој е изработен од златен лим во форма на потковица, на кој е изведена композиција во форма на медаљон. Во центарот на медаљонот се претставени два лава, хералдички поставени. Нивните нозе се поставени врз седум кругови, какви што имаат и на подигнатите нозе.

Накит[уреди | уреди извор]

Како бројна категорија наоди меѓу гробните содржини се издвојува накитот. Неговото истакнато место се должи, покрај другото и на фактот дека преку стилско-уметничката анализа на истиот се овозможува да се согледаат патиштата на импортот на луксузната стока, како и да се согледаат влијанијата врз локалното создавање на накитот, но и вкусот на автохтоното население. Од Требенишката некропола потекнува златен, сребрен и бронзен накит, и тоа обетки, белегзии, ѓердани, фибули, игли и др.[6]

Метални садови[уреди | уреди извор]

Меѓу движниот археолошки материјал се издвојуваат и неколку примероци од сребрени садови, односно два сребрени рога, откриени во гробовите I и VIII, како и сребрени пехари од гробовите III, V и VIII. Пехарите и ритоните се украсени со златна орнаментална апликација изведена во техника на пресување и исчукување.

Двата рога по форма се исти, а единствено се разликуваат во димензиите. Тие на врвот имаат отвор кој служел за пиење и една алка за бесење која укажува на можноста да биле носени закачени на појасот па се претпоставува дека станува збор за војнички садови. Покрај утилитарната намена ритоните имаат и симболичко и култно значење. Во врска со тоа е и принесувањето на ритони како дел од мистично причестие, или симбол на предавањето на власта кај Пајоните, Македонците, но и кај Скитите, а веројатно и другите варвари. При што тие биле симбол на дивинизираниот покојник. Што се однесува до самото потеклото на ритоните, повеќето научници се согласуваат со нивната сириска или иранска провениенција.

Сребрените пехари меѓусебно се слични, а единствено малку се разликуваат во орнаментиката. Аналогни се со пехарите од Стара Загора во Тракија. Најголем број од научниците се согласуваат дека станува збор за малоазиски импорт, а датирани се во втора половина на V век пр.н.е.

Во гробовите I и VIII се откриени бронзени кратери кои меѓусебно се разликуваат по димензиите и по мотивите со кои се украсени, меѓутоа стилски се аналогни. Кај кратерот од гробот I отворот е украсен со вегетабилна орнаментика, перли, плетена лента и ред фини перли. Декорацијата на вратот е со мотив на крава, а биле изведени шест фигури (од кои една денес недостасува) свртени на десно, прицврстени на основата со клинци. На рамото од кратерот изведен е орнамент во облик на заби. Ногата е ѕвонеста, посебно излиена, пластично украсена со палмети, лотосови листови и редови од перли. Особено се впечатливи двете рачки на кратерот од големи листови со пластичен орнамент и редови на перли, потпрени на бисти од Медузи.

Кај кратерот од гробот VIII отворот е профилиран и украсен со палмети, под кои се изведени низа од перли и вертикални црти. На вратот се приковани четири коњаници, (по два од секоја страна) свртени на десно, со глава предадена во анфас. Коњите се претставени во галоп. Како и кај кратерот од гробот И и на овој сад рамото е украсено со низа листови во форма на заби. Двете рачки и во овој случај се особено убаво украсени. Тие лежат на крилести Медузи со змиски нозе, кои се потпираат на рамото од садот и завршуваат со змиски глави. Рацете на Медузите се свиени, а дланките се стиснати. На рамениците на Медузите, покриени со наметка, лежи коренот на волутите кој е украсен со крлуштен орнамент. Во гробот VIII откриен е и троножец на кој бил поставен кратерот. Нозете се изведени во облик на лавовски шепи и богато украсени со зооморфни и антропоморфни мотиви.

Кратерот од гробот I е датиран во прва половина на V век пр. н.е., а кратерот од гробот VIII во средина на VI век п.н.е. Се смета дека тие се коринтски импорт, но постои и можноста за нивно евбејско, халкидско потекло.[7]

Оружје[уреди | уреди извор]

Во машките гробови е откриено офанзивно оружје и тоа: копја, мечеви, ножеви и бодежи. Од копјата се зачувани само врвовите од кои може да се види дека се работи за листовидни копја со пластично ребро. Фрагментите од мечевите овозможиле да се направи приближна реконструкција, при што е утврдено дека некои од нив, поточно оние од гробовите VI и VII, се аналогни на мечевите од Синдос, кои се датирани од 540 година п.н.е. па до почеток на V век п.н.е., а се изработени една до две децении пред самите погребувања.

Покрај офанзивното оружје во „кнежевските“ гробови се откриени и примероци од дефанзивно оружје со кое биле опремени и така погребани припадниците на аристократскиот сталеж. Тоа се шлемови, кружни бронзени штитови, оклоп и бронзени доколиници – кнемиди.

Во "кнежевските" гробови се откриени десет шлемови од кои еден "коринтски", еден "халкидски" и осум кои припаѓаат на македонски тип на шлем. Вакви шлемови на територијата на Р Македонија се откриени и во Букри, Бабино, Делагожда, Речица и Тетово (денес во Минхен), како и еден кој потекнува од непознато наоѓалиште во околината на Охрид (денес во Мајнц).[8]

Хронолошки дијапазон[уреди | уреди извор]

Требенишката некропола е третирана главно како архајска, но и железновременска и хеленистичка. Нејзиниот хронолошки дијапазон започнува кон крајот на VII век и завршува кон крајот на IV век п.н.е.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://mn.mk/istorija/13292-Trebeniste-arheoloska-riznica-na-Makedonija
  2. 100 Years of Trebenishte, Софија 2018, стр. 17
  3. Праисторија југословенских земаља, 5. том, Гвоздено доба, Сарајево, 1986.
  4. 100 Years of Trebenishte, Софија 2018 стр. 59
  5. 100 Years of Trebenishte, Софија 2018 стр. 61
  6. 100 Years of Trebenishte, Софија 2018 стр. 71
  7. 100 Years of Trebenishte, Софија 2018, стр 87-95
  8. 100 Years of Trebenishte, Софија 2018, стр 107-113

Надворешни врски[уреди | уреди извор]