Оклопни риби

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Оклопни риби
Placodermi
Период: Ран/среден Силур – доцен Девон
Dunkleosteus го напаѓа Gorgonichthys
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Потколено: Vertebrata
Инфраколено: Gnathostomata
Класа: Placodermi
McCoy, 1848
Редови

Antiarchi
Arthrodira
Brindabellaspida
Petalichthyida
Phyllolepida
Ptyctodontida
Rhenanida
Acanthothoraci
?Pseudopetalichthyida
?Stensioellida

Оклопните риби или Placodermi биле класа на оклопни праисториски риби кои денес се познати од фосилните наоди. Тие живееле од долниот Силур до крајот на Девон. Нивната глава и граден дел биле препокриени со зглобени оклопни плочи, а остатокот од телото бил лушпест или гол, во зависност од видот. Оклопните риби биле меѓу првите вилични риби; нивните вилици веројатно еволуирале од првиот од нивните жабрени лакови. Еден 380 милиони години стар фосил на оклопна риба претставува најстар показател за живородност.[1]

Првите оклопни риби кои може да се идентификуваат, еволуирале во доцниот Силур; тие доживеале драматично опаѓање за време на доцнодевонските екстинкции, а оваа класа целосно изумрела на крајот од Девон. Најстарите познати фосили потекнуваат од Кина.

Фосилни податоци[уреди]

Фосил на Eastmanosteus calliaspis.

Најраните оклопни риби кои може да се идентификуваат потекнуваат од Кина и датираат од средината или крајот на Силур. Тие веќе биле диференцирани на антиархи и артродири, заедно со другите попримитивни групи. По сè изгледа дека оклопните риби се диверзифицирале долго пред Девон, некаде во раниот или среден Силур, иако порани фосили на основните оклопни риби не се откриени во овие слоеви.

Силурските фосили од оклопни риби се доста фрагментирани. Сите познати силурски плакодерми постојат денес само како фрагменти (лушпи или оклоп) или изолирани лушпи. Иако се идентификувани, многу од силурските артродирни и антиархни видови не се формално опишани или именувани. Парадоксално, најдобро познатиот (или најмногу наведуван) пример за силурска оклопна риба - Wangolepis - од силурска Кина е всушност збир од неколку фрагменти, од кои не може со сигурност да се утврди дали станува збор за артродир или антиарх.

Палеонтолозите и специјалистите за оклопни риби се сомневаат во тоа дека оскудноста од силурски фосили на плакодерми се резултат на живеењето во услови кои не се погодни за зачувување на фосилите. Со оваа хипотеза се објаснува чудесното појавување и разнообразие на почетокот од Девон.

За време на Девон, плакодермите ги населиле речиси сите водни екосистеми (слатководни и морско-океански), што не било случај во Силур. Но, овој диверзитет претрпел многу штети за време на екстинкцијата која се случила во доцен Девон. Останатите преживеани видови од оваа екстинкција изумреле за време на следната девонско-карбонска екстинкција, при што не преживеал ниту еден вид во Карбон.

Екологија и животен стил[уреди]

Одлики на фосилот Materpiscis attenboroughi кои укажуваат на живородност.

Многу оклопни риби, особено Rhenanida, Petalichthyida, Phyllolepida и Antiarchi, биле жители на океанското дно. Како такви (парафразирајќи го веб-местото Palaeos), целата класа била погрешно разбрана како племе на силно оклопизирани жители на дното, иако тие всушност биле доминантна 'рбетна група во Девон. Мнозинството од оклопните риби биле предатори, од кои повеќето живееле во или блиску до дното. Многу видови, главно Arthrodira, биле жители на средните и горните водни слоеви, а биле и активни предатори. Најголемата позната артродира, Dunkleosteus telleri, била 8-11 метри долга, а се претпоставува дека имала речиси светско распространување, на што укажуваат и фосилните остатоци најдени во Европа, Северна Америка и Мароко. Всушност, овој вид се смета за првиот "супер-предатор" меѓу 'рбетниците. Други, помали артродири, како Fallacosteus и Rolfosteus од Гого, имале торпедовидни, куршумести главени оклопи, со што силно ја поддржуваат идејата дека многу, ако не и најголем дел од артродирите биле активни пливачи, а не пасивни ловци од заседа чиј оклоп практично ги закотвувал на морското дно.

Вонреден доказ за внатрешно оплодување кај оклопните риби беше овозможен од откритието кај Гого формацијата, во близина на Фицрој Кросинг, Кимберли, Западна Австралија, на мала женска единка, околу 25 m во должина, која умрела во процесот на раѓање на 6 cm долго младенче, и била фосилизирана со интактна (недопрена) папочна врвка. Фосилот, наречен Materpiscis attenboroughi, (по научникот Дејвид Атенброу), имал јајца кои биле оплодувани внатрешно, мајката обезбедувала храна за ембрионот и раѓала живи младенчиња. Со ова откритие, оваа оклопна риба стана најстариот познат 'рбетник кој раѓал живи младенчиња ( "живороден"), [1] што ја поместува датата на првото живородство назад околу 200 милиони години порано отколку што се мислело пред тоа. Coccosteus.

Се мислеше дека оклопните риби исчезнале поради конкуренција со првите коскени риби и раните ајкули. Но, денес се знае дека тие исчезнале постепено, вид по вид, како што исчезнувале нивните еколошки заедници кои биле уништени од Девонско-карбонските екстинкции.

Историја на проучување[уреди]

Најраните истражувања на оклопните риби беа објавени од страна на Луис Агасиз, во неговите пет тома за фосилни риби, 1833-1843. Во тие денови, за оклопните риби се мислело дека се черупкести безвилични риби, слични на остракодермите. Некои од природонаучниците дури и сугерирале дека тие биле черупкести без‘рбетници, или дури и желковидни 'рбетници. Работата на д-р Ерик Стенсијо, од Шведскиот Природонаучен музеј, Стокхолм, од крајот на 1920-тите, ги дал деталите за анатомијата на оклопните риби и ги идентификувал како вистински вилични риби поврзани со ајкулите.

Видете исто така[уреди]

Забелешки[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Портал „Палеонтологија

Наводи[уреди]

  • Janvier, Philippe. Early Vertebrates Oxford, New York: Oxford University Press, 1998. ISBN 0-19-854047-7
  • Long, John A. The Rise of Fishes: 500 Million Years of Evolution Baltimore: The Johns Hopkins University Press, 1996. ISBN 0-8018-5438-5