Монетаризам

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Монетаризам (англ.: monetarism) претставува економска школа која се залага за слободно дејствување на пазарот, зголемена улога на приватниот сектор во извршувањето на економската активност и ограничување на улогата на државата во економијата. Претставниците на монетаризмот особено внимание посветувале на проучување на прашањата од областа на монетарната теорија и монетарната политика. Главни претставници на монетаризмот се: Милтон Фридман, Ана Шварц, Карл Брунер, Алан Мелцер, Филип Каган итн.

Дефинирање на монетаризмот[уреди]

Иако монетаризмот, како економска школа, е нераскинливо поврзан со името на Милтон Фридман, изразот „монетаризам“ прв го употребил Карл Брунер во 1968 година, кој воедно ги дал и основните карактеристики на монетаризмот. Во својот развоен пат, монетаризмот поминал нив повеќе етапи, почнувајќи од потполната негација на почетокот, преку наметнувањето како доминантна економска школа во 1970-тите, па сé до крахот на почетокот на 1980-тите.[1] Во потесна смисла, монетаризмот се дефинира како гледиште дека промените на количеството пари се доминантен фактор кој ги објаснува промените на номиналниот доход. Оттука, монетаризмот може да се набљудува како една варијанта на квантитативната теорија на парите. Сепак, монетаризмот опфаќа и пошироки поставки од оваа теорија, при што некои од нив не се чисто монетаристички, туку тие се својствени и за другите економски школи.[2][3][4]

Улогата на монетарните фактори во економијата[уреди]

Основата на монетаризмот лежи во квантитативната теорија на парите, според која промените на количеството пари е доминантен фактор кој ги објаснува промените на номиналниот доход.[5] Според Фридман,[6] постојаниот пораст на цените на долг рок се должи исклучително на монетарните фактори и оваа врска е една од најочигледните емпириски регуларности во економијата. Притоа, тој наведува бројни историски примери, кои покажуваат дека промената на количеството пари води кон промена на нивото на цените.

Сепак, Фридман наведува дека врската меѓу парите и цените не е механичка и прецизна заради дејството на два фактора: движењето на реалниот производ и промените на побарувачката на пари. Што се однесува на врската меѓу парите и цените на кус рок, Фридман смета дека парите и цените повторно се движат во иста насока, т.е. циклично, но врската меѓу нив е послаба и понепрецизна отколку на долг рок. Сепак, во рамките на деловниот циклус, парите се егзогена причина за движењето на доходот. Притоа, врската помеѓу парите и цените е променлива и долга, т.е. во просек, порастот на парите го доживува максимумот 16 месеци пред врвот на циклусот, а монетарниот растеж го доживува дното 12 месеци пред дното на циклусот. Врз таа основа, тој го исфрла познатиот став дека, секогаш и секаде, инфлацијата е монетарен феномен.

Монетаристите тврдат дека инфлацијата секогаш е предизвикана од прекумерната агрегатна побарувачка, која пак е последица на прекумерниот монетарен растеж. Во тој контекст, во фокус на монетаристите се наоѓа општото, агрегатно ниво на цените. Според нив, промените на цените во одделни индустрии немаат ефект врз општото ниво на цените, туку само врз релативните цени. Имено, ако се зголемиле цените во еден сектор, при дадено количество пари се намалува побарувачката за производите на другите сектори. Оттука, агрегатната побарувачка останува непроменета, а со тоа не доаѓа до никаква промена ниту во општото ниво на цени. На тој начин, монетаристите не ја признаваат инфлацијата на трошоците, туку само инфлацијата на побарувачката.

Монетаристичкиот став за инфлацијата како чисто монетарен феномен е предмет на остра критика од страна на претставниците на кејнзијанската економска школа, кои негираат дека парите се егзогени, бидејќи во современите кредитни економии, понудата на пари се менува во зависност од промените во доходот и побарувачката на пари.[7] Сепак, ставовите на монетаристите за силната врска помеѓу парите и номиналните варијабли (номиналниот БДП, цените, агрегатната побарувачка итн.) се потврдени од бројни истражувања.[8] [9] [10] [11] [12] [13] [14] [15] [16] [17] Оттука, гледано од денешна перспектива, слободно може да се каже дека Фридман доживеал да биде победник во интелектуалната борба поврзана со ставот за инфлацијата како монетарен феномен.[18] Имено, денес, повеќето економисти се согласуваат дека монетарните фактори се доминантната причина на инфлацијата и дека на долг рок, одржувањето ниска и стабилна инфлација е можно само преку контрола на монетарниот растеж.[19] [20]

Монетаристичка стабилизациона политика[уреди]

Монетаристите ја признаваат само инфлацијата на побарувачката, така што, сами по себе се наметнуваат главните инструменти на стабилизационата политика: според нив, намалувањето на инфлацијата е можно само со рестриктивна политика, при што главниот товар во дезинфлацијата треба да го понесе монетарната политика. Меѓутоа, на сегашниот степен на знаење за монетарните процеси, монетарната политика не може директно да го контролира нивото на цените, така што монетарните агрегати се единствените инструменти на монетарната политика.[21] Во тој поглед, монетаристите ги претпочитаат парите во однос на каматните стапки, пред сé заради проблемите со мерењето. Имено, во економијата не постои една општа каматна стапка, туку цел спектар на каматни стапки на различни финансиски инструменти, така што не е јасно која конкретна каматна стапка е важна во преносниот механизам. Освен тоа, за економските агенти пресудно значење има очекуваната каматна стапка, која пак не може да се мери.

Според монетаристите, монетарните агрегати се идеална посредна цел на монетарната политика, заради две основни причини: од една страна, тие се силно корелирани со номиналниот доход, а од друга страна, централната банка има цврста контрола врз нив. Оттука, политиката на дезинфлација може да се спроведува само индиректно, преку контрола на монетарните агрегати. На тој начин, стратегијата на монетарно таргетирање е основниот пристап кој го предлагаат монетаристите во политиката на дезинфлација, односно постепеното намалување на стапките на монетарен растеж неизбежно води кон намалување на инфлацијата.

Значи, монетаристичката стабилизациона политика подразбира намалување на монетарниот растеж со што се намалува агрегатната побарувачка. Навистина, со тоа економијата се вовлекува во рецесија, но таа е само привремена и претставува нужна цена на дезинфлацијата. На среден и долг рок, монетарната рестрикција води кон промена на очекувањата и тогаш економијата пак се враќа на нивото на природната стапка на невработеност.

Имајќи ги предвид рецесивните последици на монетарната контракција, дури и ортодоксните монетаристи сметаат дека стабилизационата политика треба да се дополни со други инструменти како, на пример, контрола на цените и платите и индексација на платите. Притоа, овие инструменти се само дополнителни и привремени и служат за намалување на инфлационите очекувања и трошоците на дезинфлацијата.[22] [23]

Критика на монетаризмот[уреди]

Монетаристичкиот рецепт за контрола на инфлацијата преку монетарна контракција е предмет на остри критики. Во прв ред, со право се истакнува дека рестриктивната монетарна политика води кон високи номинални каматни стапки, а при дадени инфлациони очекувања, тоа води кон претерано високи реални каматни стапки, со негативни последици врз економијата. Оваа критика делува потполно оправдано, имајќи ги предвид високите номинални каматни стапки и острите рецесии поврзани со дезинфлациите во САД, Британија и другите земји во почетокот на 1980-тите.

Понатаму, ефективноста на монетарната рестрикција пресудно зависи од стабилноста на брзината на оптек на парите: имено, намалувањето на монетарниот растеж не мора да води кон намалување на агрегатната побарувачка, бидејќи при монетарна контракција, економските агенти можат да ја зголемат брзината на оптек на парите. Во продолжение, како што наведува познатиот Радклифов извештај (Radcliffe Report), монетарната рестрикција е неефективна и заради тоа што економските агенти ги носат своите одлуки за потрошувачката врз основа на вкупната ликвидност до којашто имаат пристап, а паричната маса е само дел од неа. Оттука, доколку економските агенти имаат пристап кон други извори на ликвидност (на пример, позајмување на финансиските пазари), контролата на паричната маса нема да доведе до намалување на агрегатната потрошувачка.[24] Освен тоа, како последица на финансиските иновации, со тек на време се прошируваат финансиските средства кои служат како пари, така што контролата на некој точно одреден монетарен агрегат, чие учество во пошироките пари постојано опаѓа, ќе доведе до непредвидливо движење на цените на долг рок.[25]

Исто така, врз основа на присуството на отворени кредитни линии, делувањето на странските банки итн., пост-кејнзијанците сметаат дека централната банка воопшто не може технички да ја контролира паричната маса.[26] Најпосле, тргнувајќи од монетаристичките поставки, новите класичари покажуваат дека доколку фискалната политика сосема независно ги одредува буџетските дефицити, кои монетарната политика мора да ги финансира, тогаш централната банка не може да ја контролира инфлацијата, туку за тоа е потребна координација со фискалната политика.[27]

Ригидно монетаристичко правило[уреди]

Тргнувајќи од доказите за стабилноста на побарувачката на пари монетаристите изведуваат заклучок дека промените на понудата на пари (акциите на централната банка) се главниот извор на кусорочните флуктуации на економијата. Тие остро ја критикуваат дискреционата монетарна политика, бидејќи таа води кон појавата на нестабилност на инструментите и со тоа уште повеќе ја зголемува нестабилноста на економијата. Појавата на нестабилност на инструментите на монетарната политика се јавува заради временските задоцнувања на ефектите од монетарните акции. Имено, ефектите од промената на паричната маса се мали во почетниот период, а поголеми во иднина. Во тој случај, за да ги отстрани последиците од некој неповолен монетарен или реален шок, потребно е централната банка денес да иницира голема промена на паричната маса. Меѓутоа, ефектот од денешната промена на паричната маса ќе дојде до полн израз во некое идно време, кога состојбата на економијата се променила. Тоа пак значи дека во иднина е потребна уште поголема промена на паричната маса за да се неутрализираат ефектите кои самата монетарна политика ги предизвикала.

Затоа, монетаристите се спротивставуваат на активистивната монетарна политика, која се јавува како дополнителен извор за дестабилизирање на економијата. Притоа, монетаристите сметаат дека не постои долгорочна размена меѓу инфлацијата и невработеноста така што обидот да се зголеми вработеноста преку монетарна експанзија предизвикува кусорочни ефекти, но на долг рок води само кон трајно повисока инфлација без зголемено производство. Врз основа на овие недостатоци на дискреционата политика, Фридман[28] препорачува монетарниот растеж да се приспособува на порастот на реалниот производ и на порастот на населението, а тоа значи, паричната маса да расте по стапка од 3%-5% годишно. Притоа, за да се избегнат значителни инфлации или дефлации, монетарниот растеж не смее да биде поголем или помал од 3%-5%. Според него, ова едноставно правило за константен монетарен растеж е супериорно во споредба со активната монетарна политика, бидејќи обезбедува долгорочна стабилност на цените и, истовремено, спречува монетарната политика да биде извор на циклични флуктуации.

Правилото за константен монетарен растеж има неколку пожелни карактеристики:[29]

  • јавноста лесно го разбира;
  • инфлацијата не може да отстапува многу во плус или минус и;
  • каматните стапки се слободни да флуктуираат како одговор на променетите пазарни услови.

Но, во исто време, монетаристичкото правило е предмет на остри критики. Во прв ред, критичарите истакнуваат дека тоа ќе ја дестабилизира економијата. Имено, заради промените на побарувачката на пари, придржувањето кон одреден монетарен растеж ќе води кон претерана понуда на пари во едни периоди и недостиг на пари во други периоди, а тоа ќе ги засилува цикличните флуктуации. Оттука, правилото на константен монетарен растеж не е најдобра политика, бидејќи не овозможува ефикасна реакција на предвидливата компонента на флуктуациите на побарувачката на пари.[30] Сепак, треба да се има предвид дека при промена на економската политика се менува и однесувањето на економските агенти и со тоа и структурните параметри во економијата, па во тој случај монетаристичкото правило повеќе не е субоптимално.[31]

Наводи[уреди]

  1. R. W. Hafer and David C. Wheelock. "The Rise and Fall of a Policy Rule: Monetarism at the St. Louis Fed, 1968-1986." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 83(1), January/February 2001.
  2. Thomas Mayer. Monetarism and Macroeconomic Policy. Edward Elgar Publishing, Cheltenham, UK, 1990, стр. 17-39.
  3. Трајко Славески. Современите економски школи во САД. Комунист, Скопје, 1989, стр, 45-59.
  4. Таки Фити. Современите макроекономски школи и економски политики. Економски факултет, Скопје, 2001, глава 5.
  5. Milton Friedman. "The Quantity Theory of Money - A Restatement." во: Milton Friedman, ed. Studies in the Quantity Theory of Money. The University of Chicago Press, Chicago, 1956.
  6. Milton Friedman. "The Supply of Money and Changes in Prices and Output." во: Kurt R. Leube, ed. The Essence of Friedman. Hoover Institution Press, Stanford, California, 1991a.
  7. Nicholas Kaldor. The Scourge of Monetarism (second edition). Oxford University Press, Oxford, 1986.
  8. Josef Baumgartner, Ramana Ramaswamy and Göran Zettergren. "Monetary Policy and Leading Indicators of Inflation in Sweden." WP/97/34, IMF, April 1997.
  9. Philippe Beaugrand. "Zaïre's Hyperinflation, 1990-96." WP/97/50, IMF, April 1997.
  10. Phillip Cagan. "The Monetary Dynamics of Hyperinflation." во: Milton Friedman, ed. Studies in the Quantity Theory of Money. The University of Chicago Press, Chicago, 1956.
  11. Paul De Grauwe and Marianna Grimaldi. "Exchange Rates, Prices and Money: A Long Run Perspective." Working Paper No. 46, Oesterreichische Nationalbank, Wien, May 2001.
  12. William G. Dewald. "Historical U.S. Money Growth, Inflation, and Inflation Credibility." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 80(6), November/December 1998.
  13. William T. Gavin and Finn E. Kydland. "The Nominal Facts and the October 1979 Policy Change." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 82(6), November/December 2000.
  14. Cheng Hoon Lim and Laura Papi. "An Econometric Analysis of the Determinants of Inflation in Turkey." WP/97/170, IMF, December 1997.
  15. Akhtar Hossain and Anis Chowdhury. Monetary and Financial Policies in Developing Countries. Routledge, London, 1996.
  16. Owen Lamont. "Do 'Shortages' Cause Inflation?" NBER Working Paper 5402, December 1995.
  17. John A. Tatom. "The Link Between Monetary Aggregates and Prices." Working Papers 90-002A, Federal Reserve Bank of St. Louis, 1990.
  18. William Poole. "Monetary Policy Rules?" Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(2), March/April 1999, стр. 4.
  19. Laurence Ball and N. Gregory Mankiw. "A Sticky Price Manifesto." NBER Working Paper 4677, March 1994, стр. 9.
  20. Guillermo A. Calvo and Carlos A. Végh. "Inflation Stabilization and BOP Crises in Developing Countries." NBER Working Paper 6925, February 1999, стр. 3.
  21. Milton Friedman. "The Role of Monetary Policy." во: Kurt R. Leube, ed. The Essence of Friedman. Hoover Institution Press, Stanford, California, 1991b, стр. 400.
  22. Ronald Shone. Open Economy Macroeconomics. Harvester-Wheatsheaf, New York, 1989, стр. 282-83.
  23. Howard R. Vane and John L. Thompson. Current Controversies in Macroeconomics. Edward Elgar Publishing, Cheltenham, UK, 1992, стр. 69-70.
  24. Kaldor, исто.
  25. Stanley Fischer, ed. Rational Expectations and Economic Policy. NBER, Chicago, 1980, стр. 224.
  26. Phillip Arestis. The Post-Keynesian Approach to Economics. Edward Elgar Publishing, Cheltenham, UK, 1992.
  27. Thomas J. Sargent and Neil Wallace. "Some Unpleasant Monetarist Arithmetic." во: Thomas J. Sargent, Rational Expectations and Inflation. Harper & Row Publishers, New York, 1986.
  28. Friedman, 1991a, стр. 316-318.
  29. Poole, исто, стр. 8-9.
  30. Michelle R. Garfinkel and Seonghwan Oh. "When and How Much to Talk: Credibility and Flexibility in Monetary Policy with Private Information." Working Papers 90-004A, Federal Reserve Bank of St. Louis, 1990, стр. 14.
  31. Thomas J. Sargent and Neil Wallace. "Rational Expectations and the Theory of Economic Policy." Journal of Monetary Economics, 2, 1976.