Миле Попоски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Миле Попоски (исто така Поповски; Прилеп, 20 октомври 1922 - Скопје, 27 октомври 2009) — македонски драмски писател, сценарист, преведувач, прозаист и комедиограф.

Животопис[уреди | уреди извор]

Попоски е роден во Прилеп на 20 октомври 1922 година.Завршил Филозофски факултет во Скопје, а извесен период работел како средношколски професор и како уредник во РТВ Скопје. Член е на писателската асоцијација од 1965 година. За своето творештво наградуван е со бројни награди и признанија. Добитник е на највисоката награда на Југословенскиот фестивал за хумор и сатира во Будва, наградата „Војдан Чернордински“ во Прилеп и „Гран при“ за особен интерес во развојот македонската хумористично-сатирична литература на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“. Од 1960 година работел во НИП „Нова Македонија” како уредник на хумористичната страна на весникот. Работел и во Радио Скопје како уредник, а потоа, до своето пензионирање, како одговорен уредник на секторот за образование и наука во Телевизија Скопје. Поради острицата на неговото хумористично – сатирично перо во 1961 година бил преместен на работа од Скопје во Белград, но се вратил и бил ценет, сакан, почитуван во својата средина. Му било овоз­можено да патува во Париз, да престојува во Њујорк, Вашингтон, Лондон, Букурешт, Будимпешта и во други места. Добитник е и на наградата за животно дело на фестивалот Војдан Чернодрински за 2006 година[1].

Починал во Скопје по кратко боледување на 27 октомври 2009 година[2].

Библиографија[уреди | уреди извор]

Миле Попоски е автор на богат прозен и драмски опус во кој доминира комедиографскиот жанр. Најпознати се неговите комедии „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“ и „Жени со искуство“. Автор е и на низа збирки со хумористични раскази меѓу кои се вбројуваат: „Маратонска битка“ и „Сите божји заповеди“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Публиката ќе го види најдоброто од македонската драма“. 18 март 2006. Посетено на 2009-10-29.[мртва врска]
  2. „Почина Миле Попоски“. 29 октомври 2009. Посетено на 2009-10-29.[мртва врска]