ЛАСИК

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ласерска операција во Националниот воен медицински центар Волтер Рид

ЛАСИК (LASIK, акроним Laser-Assisted in Situ Keratomileusis — „Ласерска кератомилеоза“) — вид поправање на видот со помош на ексимерен ласер. Оваа операција ви овозможува да поправите разни оштетувања на видот: далекувидост (до +4,00 диоптрија), кратковидост (до -15,00 диоптрија), астигматизам (до ± 6,00 диоптрија). Операцијата се изведува брзо и му овозможува на лицето да го врати нормалниот вид.[1][2][3][4]

Мерила[уреди | уреди извор]

Успешноста на постапката ЛАСИК во голема мера се утврдува од тоа дали се исполнети одредени очекувања на пациентот и дали операцијата е соодветна за миговната состојба на очите на пациентот и општата здравствена состојба. Резултатите од ЛАСИК се скоро секогаш предвидливи и очекувано одлични, но сепак не секој е добар кандидат за ласерско отстранување на диоптрија.[5]

  1. Очите мора да бидат здрави: Ако имате каква било состојба што може да го попречи заздравувањето после операцијата, ќе мора состојбата да се излекува пред да се оди на ласерско поправање. Примери се тежок синдром на суво око, конјуктивит (розово око), зараза и секаков вид повреда на окото или некое друго заболување. Ако имате постојано суви очи, така што не се произведуваат доволно солзи да ги држат очите подмачкани и здрави, операцијата ЛАСИК може само да ја влоши состојбата на очите. Вообичаени симптоми на суви очи вклучуваат печење или боцкање, силна чувствителност на окото, намалена толерантност на ветер, повремено матен вид и дури и прекумерна количина на солзи во некои случаи. Ако ги имате некои од овие симптоми, не заборавајте да ги нагласите на вашиот лекар пред операцијата. Вашиот очен лекар може да утврди дали имате суви очи за време на вашиот предоперативен преглед и обично може успешно да се излечи таа состојба, па потоа може да се продолжи со ласерската операција на очите. Перде, глауком, кератоконус и амблиопија исто така се дијагнози кај кои не се прави ЛАСИК и секако ќе ве спречат да бидете добар кандидат.
  2. Вашата рожница мора да има доволна дебелина: Повеќето ласерски рефракциски постапки за добивање видна острина се прават преку преобликување на предната површина на окото (рожницата). Ласерска операција на рожница што е премногу тенка или има површина што е со неправилен облик (на пример, кератоконус) може да ги влоши резултатите и да го наруши вашиот вид. За среќа сите тие параметри се предвидливи, односно мерливи пред самата операција и на основа на овие параметри се одлучува какви резултати ќе има пациентот по операцијата.
  3. Вашите зеници не смеат да бидат премногу големи: Ако зениците се природно големи, пациентот може да се стави на голем ризик од несакани ефекти како што се ореоли и одблесоци при слаба осветленост, особено при возење во текот на ноќта.
  4. Вашата диоптрија мора да биде во рамките на одредени граници: Ако диоптријата ви е превисока — без разлика дали се должи на кратковидост, далекувидост или астигматизам — вашиот очен хирург може да ве советува да не ја направите постапката ЛАСИК.
  5. Морате да бидете над одредена возраст: Дозволена возраст за ласерско поправање на диоптрија е над 18 години, а најсигурна е над 21 година. Пациенти помлади од овие возрасти можат да се сметаат за исклучок по проценка на ЛАСИК-хирург со дозвола од родителот на пациентот и/или старателот. По принцип не постои горна возрасна граница за ласерско поправање на очите. Треба да се знае дека жените се повеќе изложени на ризик за суви очи по менопаузата, додека пак мажите имаат поголем ризик за суви очи подоцна во животот. Како што е наведено погоре, состојбата на суви очи треба да се излечи пред постапката ЛАСИК.
  6. Морате да имате стабилен вид најмалку една година: Младинците и многу млади луѓе често доживуваат промени во диоптриите на нивните контактни леќи и очила од година на година. Од голема важност е рефракциските грешки да бидат стабилни најмалку 12 месеци пред подложување на ЛАСИК.  
  7. Морате да бидете во добра здравствена состојба: Противукажувањата за ласерско поправање на диоптрија можат да вклучат одредени неконтролирани дегенеративни услови или неконтролирани автоимуни заболувања како што е Сјогренов синдром, ревматоиден артритис, шеќерна болест вид 1 и СИДА. Луѓето со ХИВ што имаат добар број на имунолошки клетки можат да бидат кандидати за ЛАСИК. Во суштина, ако вашето тело има какви било проблеми со лекување, ќе има поголем ризик со незадоволителен исход од постапката ЛАСИК. Мислењата се разликуваат меѓу хирурзите на ЛАСИК за тоа кои болести се автоматски исклучени, а кои би можеле да претставуваат прифатливи ризици во одредени случаи.
  8. Ако сте бремени, треба да се одложи ласерското отстранување на диоптрија: Постапката ЛАСИК не е соодветна ако сте бремени или доите. Хормоналните промени можат да го сменат обликот на рожницата, што доведува до привремени промени во вашиот вид. Бремените жени често имаат суви очи, што е уште една причина зошто можеби ќе треба да се одложи постапката ЛАСИК за неколку месеци по бременоста, додека да се стабилизира состојбата на мајката. Исто така, некои лекови што нормално ќе се користат пред или по операцијата за побрзо заздравување (како што се антибиотици) можат да бидат ризични за вашето бебе било да е уште неродено или при доење. Доколку пациентките немаат дополнителни заболувања на очите како што се заболувања на очното дно, мрежницата и очниот нерв, би можеле слободно да го направат ласерското поправање и пред да станат мајки или бремени.
  9. Имате ли вистински очекувања? Додека поголемиот дел од резултатите при ЛАСИК-постапките се одлични, пациентите треба да бидат целосно свесни за можните несакани дејства, можните ризици и усложнувања од ЛАСИК пред да изберат да се подложат на постапката. Искусен хирург на ЛАСИК ќе ве извести дали сте добар кандидат за ласерско поправање на очите, а доколку не сте, тоа ќе ви го посочи на јасен и разбирлив начин. Затоа е важно да му кажете на вашиот хирург за сите важни информации во врска со вашата здравствена и медицинска историја со цел да се обезбедат и да се постигнат најдобрите можни потврдни резултати.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Lovisolo CF, Reinstein DZ (Nov–Dec 2005). „Phakic intraocular lenses“. Survey of Ophthalmology. 50 (6): 549–87. doi:10.1016/j.survophthal.2005.08.011. PMID 16263370.
  2. „Дали ЛАСИК е безбедна постапка?“. Дали ЛАСИК е безбедна постапка? (англиски). Посетено на 2023-10-14.
  3. Sanders DR, Vukich JA (May 2003). „Comparison of implantable contact lens and laser assisted in situ keratomileusis for moderate to high myopia“. Cornea. 22 (4): 324–31. doi:10.1097/00003226-200305000-00009. PMID 12792475. S2CID 21142105.
  4. Stodola, Ellen (April 1, 2016). „LASIK worldwide“. EyeWorld.org. Архивирано од изворникот на June 12, 2018. Посетено на June 12, 2018.
  5. „9 критериуми за соодветен кандидат за ЛАСИК — ласерско отстранување на диоптрија“. 9 критериуми за соодветен кандидат за LASIK – ласерско отстранување на диоптрија (англиски). Посетено на 2023-10-14.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]