Егон Шиле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Егон Шиле

Автопортрет, 1912
Родено име Егон Шиле
Роден 12 јуни 1890(1890-06-12)
Тулин на Дунав, Австрија
Починал 31 октомври 1918(1918-10-31) (на 28 год.)
Виена
Поле сликање
Обука Академија за ликовна уметност
Правец Експресионизам
Повлијаен од Густав Климт, Оскар Кокошка,

Егон Шиле (германски: Egon Schiele) е австриски сликар, протеже на Густав Климт и важен фигуративен сликар од почетокот на 20 век. Неговите дела се препознатливи по својот интензитет и многуте автопортрети кои самиот ги насликал. Извртените форми на телото и експресивните линии кои се карактеристични за сликите и цртежите на Шиле го одбележуваат како ран претставник на експресионизмот.

Живот[уреди]

Шиле е роден 1890 г. Во Тулин на Дунав. Неговиот татко , Адолф Шиле, бил шеф на железничката станица во Тулин, неговата мајка Мари, родена Сукупова, била чехинка од Чешки Крумлов, Јужна Бохемија. Како дете, Шиле бил фасциниран од возови и поминувал долго време цртајќи ги се до моментот кога татко му сметал дека треба да ги уништи неговите цртежи. Кога имал 11 години се преселил во градот Кремс( и подоцна во Клостернојбург) каде учел средно училиште. Луѓето во неговата околина го сметале Шиле за чудно дете. Срамежлив и повлечен,тешко му одело на училиште освен во спортот и цртањето, и често бил во класови со помлади ученици. Тој покажувал и инцестуозни намери кон својата сестра Гертруд(позната како Герти), па така неговиот татко, кој знаел за однесувањето на Егон, еднаш ја скршил заклучената врата од собата во која седеле Егон и Герти за да види што прават( по што увидел дека само развиваат филм). На 16 години Шиле ја зел без дозвола 12 годишната Герти со воз во Трст и таму ја поминал ноќта со неа во хотелска соба.

Академија за ликовна уметност[уреди]

Кога Шиле имал 15 години неговиот татко умрел од сифилис по што тој бил под покровителство на неговиот вујко Леополд Чехачек кој исто така бил вработен во железницата. Иако сакал Шиле да го наследи во железницата и не бил задоволен кога дознал за неговата незаинтересираност на училиште, Леополд го препознал неговиот талент и иако неволно сепак му доделил тутор, сликарот Лудвиг Карл Штраух. Во 1906 г. Шиле аплицирал на „Kunstgewerbeschule “(школа за уметности и занаети) во Виена, каде што студирал и самиот Густав Климт. Уште во првата година Шиле бил префрлен, по инсистирањето на неколку професори, на потрадиционалната „Akademie der Bildenden Künste“(Академија за ликовни уметности) во Виена. Неговиот главен професор на академијата бил Кристијан Грипенкерл, сликар чија строга доктрина и ултра-конзервативен стил го фрустрирале и исполнувале со незадоволство самиот Шиле како и неговите соученици, па така по 3 години тој ја напуштил академијата.

Климт и неговата прва изложба[уреди]

Во 1907 г. Шиле го барал Густав Климт. Климт во тоа време бил ментор на помлади уметници, и особено се заинтересирал за младиот и талентиран Шиле, по што купил некои од неговите цртежи, се понудил да ги замени со некои од неговите, наоѓал модели за него и го запознавал со потенцијални покровители.Тој исто така го запознал со „Wiener Werkstättе“, работилница за уметности и занаети поврзана со сецесијата. Во 1908 г. Шиле ја имал својата прва изложба во Клостернојбург. Тој ја напуштил академијата наредната година, откако ја завршил третата година и ја основал групата „Neukunstgruppe“ со други незадоволни студенти.

Климт го поканил Шиле да изложи неколку од неговите дела во 1909 г. на „Vienna Kunstschau“(уметничко шоу во Виена) каде што наишол на дела од Едвард Мунх, Јан Тороп и Винсент ван Гог. Откако се ослободил од стегите на академијата, Шиле започнал да ја истражува не само човечката форма, туку и човечката сексуалност. Во тое време, многумина сметале дека директноста на неговите дела е вознемирувачка.

Од тогаш Шиле учествувал во многу групни изложби меѓу кои тие на „Neukunstgruppe“ во Прага(1910 г.) и Будимпешта(1912 г.), Келн (1912 г.) и повеќе настани на Сецесијата во Минхен кои започнале кон почетокот на 1911 г. Во 1913 г. Ханс Голц галеријата во Минхен го монтирала првото самостојно шоу на Шиле. Во Париз во 1913 г. тој имал самостојна изложба на неговите дела.

Контроверзија, успех и брак[уреди]

Во 1911 г. Шиле ја запознал седумнаесет годишната Валери ( Вали) Нојцил, која живеела со него во Виена и позирала како модел за некои од неговите највпечатливи слики. Малку е познато за неа освен тоа што таа предходно позирала за Густав Климт и можно е да била една од неговите љубовници. Шиле и Вали сакале да избегаат од за нив клаустофобичната виенска средина,па заминале во малото гратче Чешки Крумлов во јужна Бохемија. Крумлов бил родниот град на неговата мајка, а денес е место каде што се наоѓа музеј посветен на Шиле. Но, и покрај роднинските врски во Крумлов, тој и Вали биле истерани од градот од населението, кое се противело на нивниот животен стил како и тоа што тој наводно најмувал тинејџерки од градот и ги користел како модели.

Нојленгбах и притворување[уреди]

Заедно се преселиле во Нојленгбах, 35 км западно од Виена барајќи инспиративна околина и ефтино студио за работа. Како што било во главниот град така и тука, неговото студио било собирно место за децата деликвенти од Нојленгбах. Начинот на живот на Шиле предизвикал многу негодување кај населението и во април 1912 г. тој бил уапсен за заведувње на малолетна девојка.

Кога полицијата дошла во студиото за да го уапси, запленила повеќе од сто цртежи кои ги сметале за порнографски.Шиле бил затворен додека го чекал судењето. Кога неговиот случај бил изведен пред судија, обвиненијата за заведување и киднапирање биле отфрлени, но уметникот бил прогласен за виновен за излагање еротски цртежи на места кои се достапни за деца. Во судницата судијата изгорел на свеќа еден од именуваните цртежи. Дваесет и едниот ден што ги поминал во притвор биле земени во предвид со што тој бил осуден само на три дена затвор. Додека бил во затвор Шиле нацртал 12 слики кои ги отсликувале тешкотиите и непријатноста да се биде затворен во затворска ќелија.

Брак[уреди]

Во 1914 г. Шиле ги забележал сестрите Едит и Адел Хармс кои живееле со нивните родители преку улица од неговото студио во виенското предградие Хитцинг на „101 Hietzinger Hauptstrasse“. Тие биле протестанти и семејство од средна класа , а нивниот татко бил бравар. Во 1915 г. Шиле се одлучува да се ожени со социјално поприфатливата Едит, но очигледно очекувал да ја одржува својата врска со Вали. Меѓутоа, која и ја образложил ситуацијата на Вали таа веднаш го оставила и никогаш повторно не го видела. Ова напуштање го инспирирало да ја наслика „ Tod und Mädchen“(Смртта и девојката). (Во февруари 1915 г. Шиле му напишал на својот пријател Артур Рослер- „Имам намера да се женам, просперитетно. Не за Вали.“ И покрај негодувањата на фамилијата Хармс, Шиле и Едит се венчале на 17 јуни 1915 г. на годишнината од венчавката на родителите на Шиле.

Војна, последни години и смрт[уреди]

Фотографија на Егон Шиле, 1910 г.

Иако речиси една година избегнувал регрутација, првата светска војна почнала да се одразува на живото и работата на Шиле. Три дена по неговата свадба,требало да се пријави за активна служба во армијата, во Прага, каде што првично бил стациониран. Едит отишла со него и престојувала во хотел во градот додека тој живеел во сала за изложби заедно со останатите регрути. Им било дозволено од страна на неговиот надзорник, повремено да се гледаат. И покрај неговата воена служба, Шиле имал изложби во Берлин, Минхен и Дрезден. Неговите први задолженија биле да чува и придружува руски затвореници. Поради неговото слабо срце и одличен ракопис, по извесно време му била дадена работа како службеник во кампот „POW“ блиску до градот Мулинг. Таму му било дозволено да црта и слика заробени руски офицери и неговиот командир , Карл Мозер( кој претпоставувал дека Шиле е сликар и декоратор уште кога го сретнал) дури и му дал напуштена просторија да ја користи како студио. До 1917 г. тој бил назад во Виена каде што можел да се фокусира на својата уметничка кариера. Новиот почеток на Шиле бил многу плоден и неговите дела ја отсликувале зрелоста на уметник кој има целосна контрола над својот талент. Тој бил поканет да учествува на 49 изложба на Сецесијата која се одржала во Виена во 1918 г. За изложбата му биле прифатени 50 дела кои биле изложени во главната сала. Тој исто така го креирал постерот за изложбата кој наликувал на „Тајната вечера“, со тоа што насликал портрет од себе си на местото на Исус. Изложбата била триумфален успех и како резултат на тоа се зголемиле цените за неговите цртежи и добил многу понуди за портрети. Истата година имал успешни изложби и во Цириџ, Дрезден и Прага.

Руски заробеник, 1916

Смрт[уреди]

Есента 1918 г. епидемијата на шпанскиот грип која зела повеќе од 20 000 000 животи во Европа, стигнала и до Виена. Едит, која тогаш била во шестиот месец од бременоста,на 28 октомври подлегнала на болеста. Шиле починал три дена подоцна на 28 годишна воздраст. Во деновите пред смртта тој нацртал неколку скици од Едит; тоа биле неговите последни дела.

Стил[уреди]

Во своите рани години, Шиле бил под силно влијание од Климт и Кокошка. Иако имитации на нивните стилови се значително видливи во првите деlа на Шиле, особено на стилот на Климт, тој брзо развил свој сопствен препознатлив стил. Најраните дела на Шиле од 1907 до 1909 г. содржат многу сличности со тие на Климт и трпеле влијание од Арт Нову( од француски Art Noveau). Во 1910 г. Шиле започнал да експериментира со голи тела и во рок од една година изградил стил на слаби, болничави фигури, често со силна сексуална конотација. Во текот на оваа година Шиле насликал и многу деца.

Постепено делата на Шиле станале покомплекси и тематски и по неговото затворање во 1912 г. тој се занимавал со теми како што се смртта и повторното раѓање, иако женската голотија останала неговиот главен начин на изразување. За време на војната, кога имал време да работи на нив, неговите слики станале поголеми и подетални. Сепак неговата воена служба му го ограничила времето и многу од неговите дела се состоеле од линеарни цртежи на сценографија и воени офицери. Во ова време Шиле исто така почнал да експериментира и со теми поврзани со мајчинство и семејство. Неговата жена,Едит, била модел за повеќето од неговите женски фигури, но за време на војната, поради околностите, многу од неговите модели биле мажи. Од 1920 г. голите жени на неговите слики станувале се пополни во фигурата, но многу биле и намерно претставени како безживотни кукли. При крајот на неговиот живот, Шиле насликал многу натурални и архитектонски предмети. Неговите последни неколку цртежи се состоеле од голи жени, некои и во пози на мастурбирање.

Некои ги гледаат делата на Шиле како гротесни, еротски, порнографски или вознемирувачки, фокусирани на секс, смрт. Тој се фокусирал на портрети на други луѓе како и на себе си. Во подоцните години, иако се уште работел со голи фигури, тие биле насликани пореалистично. Тој исто така сликал слики посветена на „Сончоглед“ од Ван Гог, како и други пејзажи и мртва природа.

Наследство[уреди]

Шиле бил предметот на биографскиот филм „Egon Schiele Exzess und Bestrafung“, филм од 1980 г. сниман во Германија со европски артисти кој ги истражува уметничките демони на Шиле се до неговата рана смрт. Филмот е режиран од Херберт Везли и во главните улоги се Метју Кариер како Шиле, Џејн Биркин како неговата муза во раните години, Кристина Кауфман како неговата Жена и Кристина ван Ајк како нејзината сестра. Романот „Ароганција“(Arrogance) на Јоана Скот од 1990 г. се базира на животот на Шиле и тој е главниот лик во истиот. Неговиот живот е исто така претставен во театарската танцова продукција на Стефан Мазурек наречена „Егон Шиле“, претставена во мај 1995 г. за која „Рејчелс“(Rachel's), американскат пост-рок група, ја создаде песната „Музика за Егон Шиле“.

Животот и делото на Шиле исто така биле предмет на есеи, вклучувајќи ја и дискусијата за неговите дела од модниот фотограф Ричард Аведон во есејот „Borrowed Dogs“.

Продажба и збирки[уреди]

Портретот на Вали од 1912 г. бил купен од Рудолф Леополд во 1954 г. и станла дел од збирката на музејот „Леополд“ кој бил основан од австриската влада со купувањето на 5 000 дела кои ги поседувал Леополд. По изложбата од 1997-1998 г. во Музејот на современа уметност во Њујорк, сликата била земена по барање на јавниот обвинител и била врзана во судски постапки на наследниците на предходните сопственици, кои тврделе дека сликата била украдена од страна на нацистите и треба да се врати на предодните сопственици. Спорот се реши на 20 јули 2010 и сликата беше купена од музејот „Леополд“ за 19 милиони американски долари.

Музејот „Леополд“ во Виена ја содржи можеби најважната и најголема збирка на дела на Шиле, во која има повеќе од 200 експонати. Музејот ја продаде „Häuser mit bunten Wäsche (Vorstadt II)“ за 40,1 милион долари во Сотби, 2011 г. Други значајни збирки на делата на Шиле се наоѓаат во Музејот на Егон Шиле во Тулин и Австриската галерија-Белведере во Виена.

Галерија[уреди]

Надворешни врски[уреди]