Градежен факултет-Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Градежен факултет - Скопје
Градежен факултет - Скопје

Основан: 1949
Тип: Државен
Студенти: 856 (за 2006/07 год.)
Локација: Скопје, Република Македонија
Мреж. место: www.gf.ukim.edu.mk
Официјално лого

Градежниот факултет - Скопје е дел од државниот универзитет Св.Кирил и Методиј од Скопје, Р.Македонија. Основан е во 1949 година. Градежниот факултет е јавна високообразовна установа која врши високообразовна, научноистражувачка и применувачка дејност од областа на градежништвото и геодезијата, вклучувајќи ги сите подрачја што им припаѓаат. Приоритетна задача на Факултетот е да организира додипломски, последипломски и докторски студии и да врши пренесување знаења во стопанските и на нестопанските дејности и да дава креативни кадри за стопанството и за јавните служби. Во учебната 2006-2007 година на факултетот студираат 856 студенти.

Историја[уреди]

Во 1949 година, во истата година кога е формиран Универзитетот во Скопје, основан е и Техничкиот факултет со два оддела − Градежен и Архитектонски.

Во почетокот требаше да се обезбеди наставно−соработнички кадар, да се набави опрема, да се оформи библиотека. Беа мобилизирани вредните расположливи кадри школувани вон земјата. Биле доведени веќе афирмирани специјалисти од дефицитарните области од други републики, набавувана е опрема и литература. По пет години добиени се почетните плодови: првите дома школувани дипломирани градежни инженери ги напуштија факулетските амфитеатри и предавални и ги засилиле градежните претпријатија, проектантските бироа, истражувачките организации… Тогаш веќе беше полесно и за факултетот, зашто се збогатија можностите и за сопствено кадровско екипирање.

Студиите почнуваат есента 1949 година. Наставата се држи во адаптиран дел на денешната зграда, тогаш во градба, што е целосно завршена дури во 1953 година. Во почетоког наставата ја изведуваат осум наставници и тројца соработници од факулетот и наставници од други факултети од Скопје, како и од Белград и од Загреб.

Во тешките услови на растежот на Градежниот факултет во Скопје, а особено во првите 10 години, се вложуваат усилби за оспособување сопствен наставен и соработнички кадар. Со текот на времето факултетот расте и јакне. Кадровската структура постојано се збогатува, а јакне и материјалната база.

Неполни десет години по формирањето, Градежниот оддел доби помлади браќа: под покривот на Техничкиот факултет отворени се и Машински, Електротехнички и Технолошки оддел, со кои дел од општите наставни дисциплини во првите две години се организирани заеднички. Веќе во 1965 година Техничкиот факултет се покажа како гломазен и е поделен на три факултета. Еден од нив е Архитектонско−градежниот, со два Оддела − Архитектура и Градежен.

Добрата кадровска екипираност, порастот бројот на студентите, што студираат градежништво во Скопје не само од Македонија, туку и од други југословенски републики и од странство, зголемувањето обемот на научноистражувачката и апликативната дејност, наметнале потреба од прерастнување на Градежниот оддел на Архитектонско−градежниот факултет во самостоен Градежен факултет, што е остварено во 1975 година. Истовремено е извршена и внатрешна реорганизација, која во новонастанатите услови има цел да ја зголеми ефикасноста на работењето. Наставната, научната и апликативната дејност се обединети во единствен процес, чија организација и изведување, наместо на дотогашните катедри, му е доверена на шест институти.

  1. Институт за материјали и конструкции,
  2. Институт за хидротехника,
  3. Институт за патишта и железници,
  4. Институт за организација и механизација,
  5. Институт за геотехника и
  6. Институт за геодезија.

Формирано е и едно Одделение − за математика, а некоја година подоцна уште едно − Електронски пресметувачки центар. Во согласност со новата организациона поставеност и со потребите на градежната оператива, на постојните три насоки − конструктивна, хидротехничка и насока за патишта и железници, додадена им е уште една − за организација и механизација во градежништвото.

Значаен момент во развојот на факултетот претставува отворањето на Геодетскиот оддел во 1977 година, со студии од прв степен (денес се означува како VI1 степен) со што се овозможи школување на геодетски инженери, кои во нашата земја беа дефицитарни. Со осамостојувањето на Република Македонија нагласена е потребата од отворање студии за геодезија и од VII1 степен, кои и се неопходни на нашата држава.

Развивајќи широка активност на сите полиња од својата дејност − наставната, научноистражувачката и апликативната − Факултетот образува квалитетни високостручни и научни кадри, кои лесно се вклопуваа во практичната работа на градежната оператива, во проектантските организации, во заводите, во институтите… Истовремено факултетот го усовршува и го специјализира и сопствениот кадар, оспособувајќи го за решавање и на најсложени проблеми. На тој начин се надминува потребата од работа во институти, та од 1995 година целокупната дејност се одвива со 14 специјализирани катедри:

  1. Катедра за техничка механика и јакост на материјалите,
  2. Катедра за теорија на конструкции,
  3. Катедра за бетонски и дрвени конструкции,
  4. Катедра за челични конструкции,
  5. Катедра за хидраулика, хидрологија и уредување на водотеците,
  6. Катедра за водоснабдување, канализација и мелиорации,
  7. Катедра за хидротехнички објекти, искористување на водните сили и водостопански системи,
  8. Катедра за патишта,
  9. Катедра за железници
  10. Катедра за геотехника
  11. Катедра за технологија и организација,
  12. Катедра за математика,
  13. Катедра за геодезија и фотограметрија,
  14. Катедра за виша геодезија и применета геодезија.

Во изминатиов период Градежниот факултет постојано ја проширува, унапредува и ја збогатува дејноста а приспособувајќи се на светските текови и стандарди, како и на потребите на стопанството и општествената заедница. Насавните планови и програми за студиите за градежништво и геодезија постојано се усовршувани во сообразност со напредокот на науката и техниката, а од друга страна и во согласност со промените што настанувале во нашето општество, како и со потребите на градежништвото. Повеќепати се менувани и усовршувани системите на студирањето и методите на наставата. Благодарение на таквата политика, дипломираните инженери од овој факулотет се покажаа како добри стручњаци и се добро прифатени не само кај нас, туку и во светот.

За што поквалитетно и понагледно извршување на наставнообразовниот процес, научноистражувачката и апликативната работа, во рамките на одделни катедри има повеќе добро опремени лаборатории. Да ги споменеме лабораториите за геотехника, за бетонски конструкции, за челик, за хидротехника, за патишта и железници.

Важна алка во синџирот на нашата работа претставува Електронскиот пресметувачки центар. Тој на Градежниот факултет има долга традиција. Во просториите на факултетот уште пред повеќе од три децении работеше компјутерскиот центар на Природно−математичкиот факултет, во кој на машината IBM се обучуваа и кдрите на факултетот. Самостоен центар е формиран во 1977 година, опремен со тогаш современата машина PDP. Кои потоа беа заменети со два компјутери VAX/VMS, со графичка станица HP (еден VAX и графичката станица се заеднички со Архитектонскиот факултет) за во денешно време да се преобрази во две училници опремени со персонални компјутери, и центар со три сервера кои ги опслужуваат со интернет врска не само компјутерите во училницата туку и сите компјутери во кабинетите на наставниот и техничкиот кадар. Центарот е важна алка во синџирот на факултетската работа, без која не може да се замисли одвивање на наставната, научноистражувач-ката и апликативната дејност.

На факултетот големо внимание му е посветувано на стручното и научното усовршување на кадарот. Од преку стоте вработени, 70 се наставници и соработници, повеќето магистри и доктори на науки. Добар дел од нив, научно се усовршуваа на познати светски универзтитети, пренесувајќи ги потоа позитивните и напредни сознанија во нашата средина. Сево ова е подлога за успешно изведување на трите меѓусебно поврзани дејности на факултетот − наставно образовната, научно истражувачката и применувачката.

Адресата на факултетот е: Бул. Партизански одреди 24, Скопје

Студиски програми[уреди]

  1. 4-годишни студиски програми
    • конструктивна насока
    • хидротехничка насока
    • патишта и железници
  2. 3-годишни студиски програми
    • геотехника

Улога, задачи и дејности на факултетот[уреди]

Улога и задачи на Факултетот се: пренесување знаења, организирање студии, развој и промоција на образованието и науката, развој на креативните способности, подготвување на студентите на занимања за кои е потребна примена на научни откритија и стручни знаења, поттикнување на технолошкиот развој, развој на уметностите, техничката култура и спортот и напредокот на општеството во кое човекот ја презема одговорноста за својата сопствена иднина.

Улогата и задачите Факултетот ги остварува со:

  • организирање на различни видови и степени на високото образование: додипломски, последипломски и докторски студиии за стекнување научен степен доктор на науки;
  • изведување на фундаментални, развојни и применети истражувања и вршење на применувачка дејност, изведување на комплексни научноистражувачки проекти од поширок интерес за стопанството и за општествените дејности;
  • учество во планирањето, утврдувањето и развојот на вкупниот образовен систем; следење и примена на модернизацијата во остварувањето на дејноста;
  • континуирано образование кое се врши преку курсеви, семинари, далечинско образование со кое се стекнуваат нови знаења и се проширува знаењето и стручноста;
  • различни форми на образование и развој во областа на науката, техниката и културата; надградување и продлабочување на завршените додипломски и последипломски студии;
  • во рамките на меѓународната соработка на Универзитетот, остварување научна и техничка сорботка со странски и со национални восокообразовни и научни установи, како и други форми на меѓународна соработка;
  • организирање и реализирање на високостручна апликативна дејност
  • изработување студии, анализи и развојни планови, експертизи, инвестициони програми и инвестициона техничка докуметација за сите фази во проектирањето и градењето;
  • анализа, рецензирање и оценка на проекти, елаборати студии и друга техничка документација од областа на градежништвото и геодезијата;
  • управување и учество во управувањето со проекти;
  • избработка или учество во управувањето со проекти;
  • изработува или учествува во изработка на техничка регулатива, стандарди и прописи, упатства од областа на градежништвото и геодезијата.
  • организирање други форми и видови на подигање на општото образовно ниво и поттикнување на конструктивен натпревар помеѓу различните идеи и пристапи.

Надворешни врски[уреди]